1010 hPa
73 %
20 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 10:59
Македонски невладини организации настапија во Женева пред Комитетот на ОН.
Жените, сексуалните и родовите малцинства во Македонија се дискриминирани во сите сфери на живеењето и нивните права не се почитуваат, е главната порака на повеќе македонски невладини организации кои ја соопштија во Женева пред Комитетот на Обединети нации задолжен за следење на имплементацијата на Конвенцијата за елиминација за сите форми на дискриминација кон жените од страна на Република Македонија.
Претставничките од невладините организации во Македонија, изјавиле пред Комитетот, дека во периодот од 2008 до 2016 година, во земјава се убиени 70 жени, од кои што 51 биле жртви на фемицид, односно се убиени само затоа што се жени. 80 отсто од нив, се убиени од интимен партнер. Тие потенцирале дека државата потфрлила во обезбедувањето заштита на жртвите на родово базирано насилство.
„Пристапот до здравствена заштита и услуги за жените останува ограничен, особено пристапот до безбеден и законски абортус и контрацепција. Позицијата на жените на пазарот на трудот е повеќе од алармантна. Во Македонија 65% од неактивната популација на пазарот на труд се жени што во најголема мера се должи на неплатената домашна работа на жените. Особено загрижувачка е состојбата со текстилните работнички кои се соочуваат со континиурано прекршување на нивните работнички права и погазување на достоинството”, посочуваат невладините организации.
Претставничката од организацијата на сексуални работнички истакнала дека 68 отсто од нив преживуваат насилство заради нивната работа и се соочуваат со ограничен пристап до здравство, социјални услуги и правна заштита. По заминувањето на Глобалниот Фонд од Македонија и преземањето на финансирањето на програмите за превенција од ХИВ помеѓу сексуалните работници, државата не обезбедува средства за правна помош на сексуалните работници и бесплатни гинеколошки услуги, што влијае врз нивното сексуално и репродуктивно здравје и права.
“Државата потфрли во истрагата на кривичните делата од омраза и говорот на омраза насочени кон лезбејките, бисексуалките и трансродовите (ЛБТ) луѓе и тоа придонесе за зголемување на насилството. ЛБТ луѓето во Македонија немаат доверба во институциите и многу ретко го пријавуваат насилство или дискриминација, а тие кои пријавиле биле дополнително дискриминирани од страна на службениците“, додале организациите, посочувајќи дека младите ЛБТ луѓе секојдневно преживуваат врсничко насилство заради нивната сексуална ориентација или родов идентитет.
„Ромките се соочени со повеќекратна дискриминација, и како жени и како Ромки, со ограничен пристап до правата загарантирани со Конвенцијата. Загрижува фактот дека се уште има Ромки незапишани во матична книга на родени, без регулиран граѓански статус и престој, кои не поседуваат важечка лична документација. “Особено сме засегнати од ограничениот пристап до образование, вработување и самовработување, адекватно домување и квалитетна здравствена заштита, посебно во делот на репродуктивно здравје”.
Во обраќањето било посочено и дека жените од руралните средини се невидливи и заборавени од страна на државата.
Комитетот за елиминација на дискриминацијата врз жените на Обединетите нации се состанува на секои 4 години каде што се разгледува имплементација на Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација кон жените. Конвенцијата е ратификувана од Република Македонија во 1994 година. Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените е усвоена од Генералното собрание на Обединетите нации во 1979 година. Често опишувана како меѓународен закон за правата на жените, оваа Конвенција го дефинира значењето на дискриминацијата врз жените и утврдува правни обврски за земјите членки да стават крај на таа дискриминација.
Невладините организации се обратија со изјави пред Комитетот во понеделникот, 29 октомври, а претставниците од Владата на Република Македонија ќе се обратат во четврток, 1 ноември, на сесијата за преглед на спроведувањето на Конвенцијата од страна на Република Македонија со почеток од 10 часот. Целосната Сесија може да се следи во живо на webtv.un.org
Невладините организации кои се обратија пред Комитетот се: Коалиција Маргини, ХОПС, СТАР-СТАР, Здружение ЕСЕ, Акција Здруженска,Отворена порта Македонија, Европски центар за права на Ромите, Хелсиншки комитет за човекови права во Република Македонија – ЛГБТИ Центар за поддршка, Здружение ХЕРА, Здружение Реактор – Истражување во акција, Иницијатива на Ромки од Шуто Оризари, Центар за интеграција – Амбрела, Центар за развој на демократија и иницијативи – ЦДРИМ, Центар за социјални иницијативи Надеж, Здружение Сумнал, Национална федерација на фармери, Национален ромски центар, Мрежа за застапување на Роми.