Куси-куси раскази, преглед 21-27 септември

27.09.2010 14:03
Преглед 21-27 септември

Последен преглед на пристигнатите раскази. Со тоа завршува конкурсот, а следната недела ќе ги објавиме победниците од вториот циклус. Неколку пристигнати дела не влегоа во конкуренција бидејќи спаѓаат во поинаков книжевен жанр – поезија.

 

Ивана Кузмановска

Камени мост

 Одејќи така по мостот камен, налетав на камче со форма на човек. Камче со уши, со нос, камче со очиња камени мали. Си реков, “Фрли го, не ти треба, камен срце камен има“, тогаш тоа ме погледна и пружи раце камени две. Пружив и јас, додека сфатам, во прегратка со каменот сум јас. Чудна топлина и солза капна врела. “Не плачи,“ рече, “млада си за солзи“. А не знае каменот, дека на камчиња далечни и бели, силно љубев, денови и ноќи цели.

Вечерва пишувам споено

ПишувамСпоеноОтиВчераНеСеСпоив.ПредМенеРаскрсницаУлициТри,неТргнав,СеднавВоКафана.ПрвоПиво-СонцетоГо“избркав“дома.ВтороПиво-некогашнотоУпорноСакаДаМеВиди.ТретоПиво-изгледаПовредивЕднаУбаваДуша.ЧетвртоПивоНеСтигнав,ОтиМиСтигнаАвтобусот-седнав,ПаСпиевДоДома.ПеттоПивоСонив,иНаСонИмашеПрекрасенВкус.СеРазбудив,ќеМорамВоКафана....ИпакСеднав,иПакНеОдбравНиеденПат.ИпакСеднав,иПродолживДаЖонглирамСоНечииДушиТри!

Среќа

Ја зедов среќата, ја излеав врз коцка шеќер, одеднаш врапче слета на рамо. Клука, клук, со клунот шеќерот го брка, јас скржаво го кријам в џеб. „Остај ми го врапче ова коцкиче, остај ме да се нарадувам, среќник среќа среќавам! Ти имаш ксмет, среќа в крилја носиш, јас имам сон и апетит за благо. Затоа летни мило врапче, јас ќе легнам да спијам. Оди кај него, отклучено оставив сабајле...влези и покриј го, како тој мене кога ми е ладно“.

Во дневна

Затворам прозор, дождот мириса на спомени стари. Сега ги мирисам само пржените кришки – што ми требаше, и онака не јадам леб. И веќе пола саат се прозевам – ќе легнам, кај да легнам – не знам. Додека смислам, да размислам што ми остави денот ден денес – пржени кришки, мрзеливост и садови неизмиени куп. Само “Риболовот со Waits“ ми израдува душа. Зевам по стоти пат – ќе останам тука в дневна, зар има поента сама да растурам спална?!

Ќе се изгубам

Втор ден викенд, сè уште в кревет. Лаж насекаде, о, кревету искрен мој! Да имам години слободни две, кревет на планина ќе однесам. Измеѓу дрвја зелени две, околу со цвеќиња шарени двесте. Јазикот на природата мајчин ќе ми стане, куче единствен другар ќе ми биде! Со него по еден муабет дневно, доволно ќе е... од многу муабети, видов фајде нема... Народна музика ќе слушам, момче со кавал ќе заљубам, в град нема да се симнам, од сите ќе се изгубам...

John Smith

Едно поетско патешествие


Газам по ливаѓе на кои нога ретко стапнува. Тревата од зимзелено дрво позелена е како негазен снег во доцна зима. Одам по патеки во шумни треви обраснати. Пиреј ширум наоколу распрснат, вкоренет и втемелен за навек. Се искачувам по ридови чии камења долга историја тежат. Брчките на нивните лица поприкажуваат за дамнешни дни. Влегувам во црква чии ѕидови таги и радости се впиени. Пискотници и смеи слеани во еден единствен безвучен звук. Стојам на гробот на прабаба ми обележан со само еден камен. И сепак земјата е сè уште вдлабната како од вчера за денес наместена. Се обидувам да не го заборавам она што ми го раскажуваат: сведоштва од пред сто години небаре во еден миг се случуваат. И гледајќи го вечното и’ почивалиште и непресушната тага во очите на баба ми, двојба во душата ми расте, реторичко прашање следува – каде ќе остане сведоштво дека некогаш ти си постоела, кога со време неизбежно ќе западнеш во црниот мрак на вечниот заборав?

Кејт

Моќ

Постојат моќни зборови затоа што постојат моќни дела, појави и процеси. Постојат зборови кои не се моќни затоа што не означуваат нешто моќно.
Зборот „просечен“, во сите негови форми според граматичките категории род и број, не е моќен збор. Но, ме застрашува, ме разлутува, ме расплакува. Проклето моќна етикета.

Nu Tella

Средношколки

Стоеше потпрен на оградата и ги зјапаше младите средношколки во газињата. Стандардите му се омекнаа како ненаострен молив и не се осмелуваше да пребира, но сè уште знаеше да препознае добар задник. Пичка му матер – си пцуеше низ забите – ебаниве дечишта го можат она што го можев, го имаат она што го имав! Изгледам како стар манијакален пес со лиги на усните и цигара која издишува меѓу пожолтените прсти. Во џебот го имаше бројот на жената што ја запозна вчера, во барот. Нејзината изветвена насмевка му протрча низ главата, и толку го вознемири што од лутина го извитка листот хартија и го пикна в уста. Го изџвака пополека и го проголта. Потоа се упати кон првата кафана и нарача дупло виски. Без мраз...

Дождот 

Ги чувствуваше толку здодевните удари на капките дожд кои го беа започнале својот пад. Врз него, врз челото, врз косата, се засилуваа, се зголемуваа, водени прсти кои талкаат безсрамно по неговото тело, се мешаат со мирисот на неговата облека и кожата под неа. Облаците се распараа, се пораѓаа низ агонијата на сивилото што се беше залепило во воздухот и врз трепките на градските луѓе. Врз сетилото за мирис што не можеше да се избори со смрдеата на алчноста која се дуеше како квасец во темелите на човечноста. И дождот, посив од обично, не беше во состојба да ја измие крвта од под ноктите на грабливците, кои ги заринуваат длабоко во телото на пленот. Дождот беше немоќен, освен пред неговото расположение кое успеа да го порази, да го сомеле и да го изфрли како чад од ауспух, зад себе, на улицата. Отпадокот во вид на човек, кој одби да танцува во ритамот на самоуништувањето, со душа го чекаше првиот снег, кога сè ќе се прекрие под студеното белило. До наредната пролет.

Копачот

Ааааа!!! Ене го,ене го! – и видов како малиот глушец влегува во дупката на подот. Има дупка на подот? Мора да има, иначе нема кај да се скрие глодарот. Ама... немаше до вчера. А сега, ете, мора да има, и се сокри во неа и како да го проголта таа длабока темна дупка. Јас ги завртев ракавите и со лопатата в раце се фатив за работа. Копав и копав и копав. Цела вечер. И денот после ноќта и ноќта потоа. Кога погледнав околу себе видов дека сум ископал дури до другата страна на Земјата, до Кина. Јас сум во Кина. Излегувам од валканата дупка во потрага по малото глувче. Хм, косооките се баш фини. Не разбирам што зборуваат, но нешто ми кажува дека имаат чуден начин на поздравување. “добарден“, “здраво“, “добро ве најдов“...


Voyager

Еден автобус и Два интимни монолози

Тој: “Можеби и’ пречам вака виснат над неа? Наддаден и како мебел додаден на оваа проклета шипка, крај вратата, над седиштето. Но, зошто тогаш ги става дланките на нејзините голи колена? Зошто почнува да ги движи ритмички горе-долу? Зошто ги стиснува белите коленца дури овие не поруменат? Зошто дрско се наднесува над нив со своите убаво деколтирани гради? Најпосле зошто станува, божем се занесува, и во лице ми се внесува при наглото запирање? ”
Таа: “Станицата! Фала Богу! Ама ме стегна, кој ли ќе додржи до проклетиот тоалет?!”

Вивисекција

Таа беше уништена. Пропадната во очај, изгубена во мисли. И сè заради еден човек. Тој немаше никакво разбирање за неа, а таа попусто посакуваше да го разбере, да му влезе в глава. Да ги открие сите витки на неговиот таинствен ум и да ја испегла нивната чудна испреметканост. Па, да ги оптегне и истенчи најважните нерви, како што тој правеше со нејзините. За крај да појде до центарот за емоции и да го изџвака. Така преџвакан да му го врати в уста низ еден бакнеж за разделба. А тој да си го голтне надробеното, да подголтне и да остане со подзината уста.

Времето

Се расипа секундарникот од еден часовник. Почна да стои во место или да се враќа назад. А, времето си продолжи рамномерно напред, оти часовникот сепак покажуваше точен час и минута. Секундарникот го враќаше, сопкаше, тетеравеше и пијанеше времето во секој поединечен миг, а сепак, нивниот збир секогаш одговараше на дадениот момент.
Вистината беше дека часовникот поседуваше сопствен внатрешен часовник. Тоа значи оти веројатно и внатрешниот часовник имаше уште еден, ист таков, скриен во него и така во круг. Во недоглед од завртени кругови, кои циклично се вртат и повторуваат, за да одбележат нешто праволиниско и неповторливо, кое оди несопирливо напред.
Изгледа времето беше одлучило да не запира пред ништо, па ни пред расипаниот часовник. Надворешниот, внатрешниот, технолошкиот, биолошкиот, сеедно.

Рефлексии

Неодамна добив нов пријател. Го запознав во еден обичен ден на необичен начин. Прв пат го забележав во мигот кога му го вртев тилот. Како да имав очи на тилот. А немав. Напротив, гледав право пред себе во една стаклена врата и го видов во одблесокот од стаклената површина. Видениот лик беше буквална рефлексија на неговиот вистински лик. Затоа се препознав и како во него да познав еден стар познаник, па се свртев и весело му притрчав. Дури тогаш се свестив, но ‘тогаш’ беше доцна. Ние се запознававме, а јас низ смешок мислев како сите први импресии од некој лик се одблесоци на слични импресии од нашето минато. Метафорични рефлексии кои служат како мамки, за дури потоа да го здогледаме вистинскиот лик. Веројатно и оваа моја таинствена насмевка родила пријатни сеќавања кај него. Инаку, зошто би ми ја задржувал дланката толку долго во неговата?

Стоп кадар

Раскрсница. Од едната страна таа, од другата тие. Таа сама, тие мнозина. Наеднаш толпата тргнува кон неа. Сите исправени и истурени напред. Забрефтани и забрзани кон неа. Некои со исчуден, некои со сомнежлив, а некои со презрив поглед, но сите подеднакво – со поглед втренчен во неа. Брзо се придвижуваат и опасно приближуваат.
Едно трепнување и таа е сè уште на истата раскрсница. Само што се беше затворило зеленото светло, толпата ја одмина, а таа остана да ја чека новата прилика, новиот сигнал за минување од семафорот.

Ви.За.

Тркалање

Кутијата цигари падна во мијалникот полн со вода. За да се исуши, беше ставена на работ од кадата, од кој почна да капи останата течност. Една поголема капка се стркала надолу струмоглаво. По неа следеа и други пет капки кои беа на мала раздалеченост една од друга. Откако се беше спуштила првата капка на дното од кадата, по неа следеа две други. Една по друга. Но, не можеа да си одолеат, па се споија во една поголема, која иташе кон долината, се спушташе брзо сè до нејзиното привлекување од долунастанатото капкиште. Во еден момент капкиштето ги изеде надојдените капки и се ближеше кон канализацискиот отвор. Од падината почнаа да навјасуваат и други капкички. Мали, но желни за соединување. Се соединија и тие со големата вода. Таа течеше и течеше, се обидуваше да дојде до отворот. Одеднаш запре на дното од кадата. Капкичките од кутијата цигари веќе не надоаѓаа. Големата капка зачмаја во дното и почна да ја губи својата живост. Се обидуваше да замине, да се придвижи, но не можеше без малите капки кои доаѓаа одозгора. Помина време и големата капка ја снема. Се претвори во магла која ја уништи проѕирноста на прозорецот.

Д. Коцев

На суд и потоа

Во судницата смртна тишина. Разговор меѓу адвокатот и обвинетиот.
- Колку пати досега имате извршено самоубиство?
- Јас не... Тие ме тераат, ме демнат, се закануваат...
- Секако,секако! Дали тогаш бевте сами или немаше никој?
- Бев сам, и тие беа.
- Значи, сте се плашеле од вашата сопруга и сте спиеле во друга соба само за да не се разбудите мртов?
- Спиеше со перницата под ножот.
- А која е личноста што ве прогонува?
- Двајца се, високи со густа брада.
-Беа мажи или жени?
-Да!
Во тој момент се отвори вратата од судницата. Влезе еден од судските чувари и му предаде на судијата мало, стуткано ливче. Челото на судијата се препоти. Стана и се приближи кон ѕидот. Хистерично смеејќи се го искина ливчето и се фрли од прозорецот. Просторијата беше на третиот кат. Потоа го цртаа со креда. Обвинетиот избега и влезе во салата за аутопсија која беше во близина. Ја зеде теглата со формалин во која стоеше мозокот на судијата. Ја искрши, ја изгмечи и и’се предаде на полицијата. Беше мирен.

Ѓоко Бушавиот

Ајнштајн

Го побивам Ајнштајн додека во автобусот за Белград размислувам за луѓето што ги сакам.
Времето трае вечно, а мене ми е толку! убаво.

deus веш machina

Помина шест. Пушам цигара на прозорецот. Чекам да се подраздени за да ја пуштам машината за перење. Многу е бучна кога ќе почне центрифугата. Нејќам да се замерувам со комшиите.

Зоран Бејковски

Мост

Низ вените потекува возбудата од последните вести.
Железниот велосипед осамено стои на автобуската постојка. Неговиот стопан мораше да поита за помочан да чита од мост - поради проблеми со бешиката. Да го поканеа порано, славата ќе ја искористеше за пичиња, а парите за почисти дроги.
Не отиде старецот никаде, неговото радосно срце пукна како презреана слива. Барем велосипедот да го оставеа на мостот. Некоја преведувачка меѓу спици ќе ставеше стихови:

„Колку ли курови испушила за да ја удостојат со нејзиното растреперено читање?
Демек,
пишувала таа за пролетта и цвеќињата,
за птиците, животните, поточињата...
Ме заболе за сето тоа - имам алергија!

Повеќе не излегувам со манекенки,
очилата не ми ги догледуваат нивните вештачките трепки
што ми се налепуваат после орален секс.
Камен во бубрегот.
Затоа сум чувствувал јадеж на пенисот.
- Како да не!“

Ни велосипедот не отиде никаде. Откако го поминаа со дузина бонсеци, беше продаден за старо железо. Го стопија со иста таква жештина со каква што беа пеплосани старечките коски.
„Купувајте карбонски велосипеди!“

Рецепт

1. За диктат на потсвеста потребни ви се: ракија со линцура, мастраф, печурки, три пива. Се консумира на соодветен начин и се остава да вдахновува на собна температура.
Половина час подоцна добивате раштркани зборови и незалепени реченици во кои се наѕира приказна:
Сите го сметаа за налудничав кога со парталав чадор нареден со делови од старото радио... Во другата рака држеше м. стар, навиткан со жица и со клинецот на врвот бодеше в земи. Шеташе под грмотевиците.
Вадеше тартуфи и со нив ги хранеше птиците.
2. Со мешање на мастраф, црвено вино и топла девојка добивате:
Бубачка во вечен оргазам со ладна луминисценција.

Образование

Откако сопствениците на превозното претпријатие пресметаа дека е поисплатливо шоферите да се престорат во професори, наместо секојдневно да превезуваат ученици, автобуската станица ја престорија во училница.

КЛИКЕР

Изразот ме оддава

Изразот на лицето ме оддава. Очите константно закрвавени. Некогаш од плачење или смеење, денес од притисок. Веројатно очен. Обрзите зацрвенети. Порано од срам, сега од перде. Косата разбушавена. Понекогаш разбранувана, не секогаш наелектризирана, накострешена. Усните преапани. Порано од загриженост, сега да нарушам рамнодушност.

Изразот ме оддава. Безизразна сум.

шумарче

Кус расказ

Седеа на кафе во еден од обичните скопски кафичи. Се познаваа и не се знаеа. Скокајќи од тема на тема опфатија можеби стотина различни, си кажаа една на друга што мислат, што слушнале, што им кажал некој и што искусиле.
Навистина не ми е јасно: дали го правеа тоа затоа што сакаа да кажат толку многу или, пак, затоа што проживеале толку малку се обидоа да раскажат сè.

Габриела Стојаноска-Станоеска

Миризлив расказ

Точно знам како мириса прдежот на Сани. И тоа не некој, после некое конкретно јадење, на пример, после гравче-тавче, или оброк зачинет со многу кромид, туку секој независно од менито, од нејзината здравствена состојба или од метеоролошките прилики. Меѓу десетина последователни со сигурност би препознала кој е нејзин и тоа не по карактеристиките на звукот, туку јасно по мирисот. Сани и јас бевме учкур и гаќи.
Ооо, добро знам како мирисаше непроветреаната спална соба во која Сани сè уште спиеше со нејзините родители. Секое пладне скокавме на нераскренатиот лежај и се покривавме со перниците и спуваните ќебиња.
Сани сега носи вилици. Полни и се со храна, исто како некогашните протези. Додека ми зборува запалено за нејзината снаа и’ се пикам в лице да надушкам дали исто и’ мириса здивот. Ме тушира како порано. Се подзабришувам, а неа око не и’ трепнува. Исто како некогаш.
Сани лаже на мртво. Пред мои очи и уши лаже кој ќе стигне, а потоа мене ме лаже дека само мене не ме лаже. О, како Сани ја лажеше родената мајка, а таа никако да ја намириса.
- Одамна не сме се виделе – ми вели Сани.
- Тоа ништо не променило, знам како ти мириса душата – и по вторпат и’ станувам пријателка.

Страв

Дедо ми беше стар и јас знаев дека ќе умре иако беше здрав. Зашто кај и да е, бидејќи беше многу стар, ќе мора да умре, нели? Затоа минував часови во негово запомнување. Додека тој ги преслушуваше вестите менувајќи ги каналите со бастунот место со далечинското, јас се преслушував: лепезесто широки, рапави и пожолтени нокти, ковчести плоснати прсти со набрекнати зелени вени на опачината на дланката, проѕирно петличе на кафената кошула, вратот избразден и исецкан на милиони одамна небакнати територии, долги мустаќи засукани и валканобели на врвовите, голем орловски нос со крупни пори, насобрани густи бели веѓи, брановидно набрчкано и мрсно чело, напрегнато уво, широка ќела на темето... колку само сакам да ја погалам... И после одново во обратен правец. Кога дедо ми умре, бев задоволна од себеси што го зачував како во нафталин. Само ме фаќа несовладлив ужас кога случајно ќе се загледам одблиску во некого, а посебно кога тој некој е мој близок...  

Човече

Монистро

Му оставаш простор на времето чуда да прави од далечините. Дали да помислам дека е бегање? Ти ја скусувам далечината со мобилниот. И времето ти го кусам. Ненамерно или не? Од навика, потреба или страв? Уште колку ли фобии ќе се измислат за полесно да се стигнеме себе си? И за да не се множат прашањата без одговори да ми те пратам јас со тебе. Белким нема да се изнародат некои ујдурми. Човече, твое е времето не си го оддалечувај од себе оти внатре сум и јас.

Дуле Варваринот

Читање

Дебелиот Бак Малиген по којзнае кој пат достоинствено се симнуваше по скалите, држејќи нели канче и брич. По којзнае кој пат и Стивен Дедалус беше овде и го чекаше. Но се надевам дека овој пат сите заедно ќе излеземе од светилникот и ќе стигнеме до колата на господинот Блум. Ако веќе не можеме до сонот на г-ѓа Блум.

Предавање

Кога се разбудив, змејот на Калвино сè уште беше покрај мене. Змејот на Коља сè уште не беше дојден.

Експерти

Некои велат дека тоа не требаше да се дозволи да се случи. Другите, пак, велат дека тоа не требаше да се дозволи да се случи. Сепак, јас мислам дека тоа не требаше да се дозволи да се случи. Иако тие мислат така.

Маја

Сеприсутност

На мојата мајка

Го дишам воздухот на иднината. Се протега од моментот кога раѓањето ја предвидува смртта.
Сигурно не знам дали дишам со полни гради или се задушувам.
Одам по жешкиот асфалт и те пронаоѓам. Во себе.
Како дел од нечие недоизградено детство. Недозавршено.
Се сопнувам на првиот камен. Тогаш се сеќавам дека те нема. Во овој простор. Во ова време.
Но, сепак те има насекаде. Во сите времиња. Во сите простори.
Во Мајката Земја. Во вишното Небо. Во мојата крв.
Ќе те има засекогаш.

Елла

Сништа

Цели две недели, секоја вечер сонував еден ист сон. Еден човек стои до вратата на мојата соба и гледа во мене без и најмало движење. Не ни трепнува. Го знам тоа иако e црна темница. И така со часови. Смртно сум преплашена. Се обидувам да се разбудам, свесна за тоа колку сум исплашена, но не ми успева. Или можеби ми успева. Само што нема разлика меѓу сонот и јавето.
Едно утро вкочанета и препалена и’ раскажав на баба ми низ што минувам и каква тежина носам. Ми рече да не се грижам.
Ноќта не го видов. Ни наредната. И ниедна друга ноќ. Ја прашав баба ми што направила. Ми рече дека ми ставила икони под јогата и крстена вода под креветот. И дека “почадила со темјан”.
Веќе не бев исплашена. Само смртно осамена.

Три

Се скарав со љубовникот.Почна постојано да ми кажува колку се пали и збеснува кога гледа две или повеќе жени во порно филмовите. Зборуваше дека може со часови да дрка гледајќи лезбејки. Ме праша што би можел да стори во врска со тоа. И дали може некако да му помогнам да си го оствари сонот.
Ништо не одговорив. Мислев на тоа со денови. Се прашував како и што би можеле да изведеме, и која од моите пријателки би можела да ја вклучам во игра.
Тогаш решив да му се вратам на мажот.Тој сè уште мисли дека не смее да има вакви барања.

Мане Манушев

Чудесен час

Тој час на учениците им дадов задолжение да напишат барање. Ме изненади фактот што и Зоти, кој беше најнемирниот ученик во целата генерација, се потруди и напиша нешто. Бев љубопитен, па му реков да стане и пред сите да го прочита напишаното. Зоти истапи напред и започна да чита.

          До Врховниот суд на Боговите
          Предмет: Барање

          Почитувани,
Јас Горе Наведениов не се плашам од ништо на овој свет, освен од мојата сенка. Страв ми е кога полека исчезнува од мојот видик, и кога одеднаш ќе ми се појави од зад грб. Долго време трпам психичко насилство токму од неа. Се плашам да не направи нешто неочекувано, неразумно. Затоа од Вас барам да и’ забраните да ми се приближува во радиус од илјада метри, освен тогаш кога ќе дојде со нејзиниот адвокат за да го потпишеме нашиот развод.

Барател
Горе Наведениов

Тогаш Зоти се врати на своето место и седна, а неговата сенка остана да трчка и лудува низ училницата.

Galadriel Gamgee

Брчки

Седи пред огледало и си ги анализира брчките. За нејзино неверување и’
се појавија уште пред да почне да работи, и’ се појавија додека бараше работа...
Немаше претстава дека ќе биде тоа еден исцрпувачки период од празни интервјуа. Големи надежи за малите 12 илјади денари, кои уште не ги доби. А сакаше малку, сакаше да го збогати домашниот фрижидер, да се напие со драгите луѓе и да купи чевли со кои ќе оди на таа работа.
Седи пред огледалото и нанесува пудра, се подготвува за следното интервју...

1891

Чекорев во 1891, по улиците на едно мало населено село во близината на Лондон, Блекмор. Полната месечина тивко го осветлуваше темното небо. Градот дишеше сиво. Љубопитно се движев по непознатите тесни калдрми. Зад секој агол имаше мали запуштени крчми, сместени под земја, со едни мали прозори на врвот од ѕидот, кои ги оддава нивните постоење овде горе... Застанав пред една од тие, сакав да ја слушнам мелодијата која надоаѓаше од зборовите на бројните опијанети усни... Беше тоа еден тажен, горчлив звук што навлезе во мојата уста.
Со напрегнат чекор се спуштав по долгите скали кои водеа во крчмата. Движејќи се низ таа замаглена крчма незабележано, го посакував спротивното, па впрочем, затоа и бев таму, но никој не ме гледаше. На крајот решив дека ова мора да е сон и посакав да се разбудам. И се разбудив. Тој спиеше до мене, не бев сама. Го почувствува мојот трепет и ме смести во неговата топла прегратка.
Од таа топлина се разбудив, капки пот се тркалаа по моето тело. Сепак бев сама, во еден многу жежок августовски ден, 2010 година, во едно мало населено село, во близината на Скопје. Се упатив кон единствената крчма и тивко ја голтав првата утринската ракија.

Перун(ика)

Ручек

Седнаа да ручаат.

Во весникот – пак рубриката „Верски календар“. Православните ги славеле Светите патријарси Александар, Јован и Павле. Се постело.

„За грав варење треба време. Да се вжешти ринглата. Да го накиснеш, мазиш, превртуваш. Да ги провоцираш зрната на жешка температура да летнат, па да паднат во тенџерето... Имам ли толку време? Море, брзо-брзо да си се налапаме“, мрмореше Мрска.

Му понуди риба. Глуми ли Мирко кога вели дека е вкусна?
Не дека беа верници, ама кога мора да не се мрси, зошто да не?

Исто шлапаа со јазиците... Банално ѕенѕаа со приборот на маса...
„Вкусно!“, вообичаено коментираше Мирко.
А зошто ли по обостраното задоволство тој секогаш повраќаше?

Не сакаа да признаат колку преферираа грав.

Стадион

Секој си го знае местото. На влезот - обезбедување. На трибините - навивачи. Во ложата - ВИП-овци. Семкопродавачот - недоминатен, а важен. Како слугите кај Шекспир.
Кој за да се дере тука, а не - дома. Кој за да биде виден. Кој за да се замеша во народ.
Судијата пак крив. Домашните - пак иста песна. Не биле тие слаби. Голманот - гостин имал среќа.

ФЕЈС-БУК?
или
ФУТУР

Го „закачив“ клипот кај најтранспарентните.
Жена ми најде куп салфети во подрумот. Фосили...

- Се сеќаваш кога разменувавме ,детска пошта‘?
- Ги гледам секс-клипчињата од син ти со девојка му!
- А кога си праќавме „лајкови“ и пораки на „Hi 5“?
- Дрдориш застарени работи. Бледо се сеќавам.

Мара лесно ме лоцира. Уште додека ми ѕвони гледа каде сум.
Штотуку го објавив на интернет нашиот сабајлешен сексуален однос.
Се натпреваруваме со другарите чиј личен сексоклип е хиперкамасутрачки.
Кога ли „кисневме“ на Фејс-бук?

Стојче, не го сфаќаш

Стојче, не го сфаќаш сарказмот. 

 Pink Froyd

ОкоБоли главаВицФото