Анима

31.10.2018 02:23
Анима

Анима (Шпански фустан)

Бабите седеа пред куќи на дрвени клупички и пушeа кубански цигари. Се смееја со штрбавите насмевки и со прст покажуваа во неа кога излезе на бината во црвениот шпански фустан. Со потпетиците тропаше на подот од штици неподносливо гласно, фалбаџиски. Од главата ѝ изникнуваше дрво на животот. Го носеше како шапка. Папагалите во нејзината коса крескаа: Одиме дома. Дождот ја решеташе ноќта. Градот се смалуваше. Подгрбавените солитери ја придржуваа месечината. Рече: Небото се превитка, ајде да го скршиме.

 

Анима (Високите ангелски сфери)

Светлоста доаѓаше. Сѐ што можевме да си дозволиме беа смеата и духовите. Тајните неразбирливи договори, соништата во повеќекратните временски линии, пламената опашка на кометата, сето тоа го видовме и продолживме без свртување. Не поставувавме прашања. Не се служевме со иронија. Кожата ни зуеше како малечок фен за кукли, електрична, светла. Животот се одвиваше помеѓу две вдишувања, две првнувања на белодробните крила. Среќата се прикрадуваше како мазно, мускулесто животно. Одоздола, од затворениот простор.

 

Анима (Игли за плетење)

Требаше да бидеме похрабри, имавме ветување од најмоќниот непријател. Планиравме да ги замолчиме зајаците што седеа пред кадифените фотелји, да ги отстраниме со игли за плетење. Кришум го спречувавме прелевањето на лесниот самрак во изговори, ноќе ги кревавме кутнатите стебла од автопатот, ги зашивавме ѕвездите на небото од станиол. Се вративме во златната доба и поведовме војна со ножици против мртовечката метафизика. Ги следевме упатствата. Три армии нѐ чекаа во воздухот. Имавме педесетина чекори за своите мисли да ги доведеме во ред.

Анима (Сома)

Пијаните ридови ме следеа цел пат и небото се тркалаше низ стаклената падина, која ја контролираа разулавените бришачи. Бев виновник, барана личност, така се чинеше. Ги предупредував утките на врвовите од четинарите за нечујните моторни пили, водев музички блог за еден читател, ширев плевел на социјалните мрежи. Владините службеници талкаа по кучешките соништа во потрага по извештаите што ги присвоив и ги сокрив. Моите луѓе масовно се предаваа заколнувајќи се на чесност и сиромаштија. Врвовите на сечилата се вртеа кон небото. Крв прскаше. Изнурнав со бучава од тимпани и чинели во градите. Осамнуваше. Мачката со мртов врабец во устата седеше на нејзината страна од креветот и чекаше.

 

Анима (Брзи мали сендвичи со рукола и чери)

Имавме планови да живееме во симпатична хотелска фантазија без оглед на балоните наполнети со песок што брзо се искачуваа кон небото. Лежевме во кадата и се бакнувавме под пената. Изгледаше како ништо да не може да нѐ запре на патот што се криеше во залаците брзи мали сендвичи со рукола и чери. Шумата гореше. Ги оставивме парите расфрлани насекаде низ собата и скокнавме низ прозорец држејќи се за рака. Долу не нѐ чекаа распрострено сигурносно платно, поставени дебели душеци, картонски кутии. Жешкиот воздух ги жареше образите. Направивме селфи пред запалениот џип и одјуривме понатаму.

Звонко Карановиќ (Ниш, 1959) е современ српски поет и романописец. Своето пишување го базира на искуства од книжевноста, филмот и поп-културата. Работел како диџеј и организатор на концерти, а 13 години имал своја музичка продавница.

Песните во проза „Анима“ се дел од неговата најнова книга поезија „Зад запалената шума“ („Иза запаљене шуме“, ЛОМ, Београд, 2018).

Слики: Andrew Ferez

Превод: Еѓуп Скокотле

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото