Невладините со 4 препораки до ОН за сексуалните и репродуктивните права на жените

01.11.2018 16:12
Невладините со 4 препораки до ОН за сексуалните и репродуктивните права на жените

Здруженијата ХЕРА, Коалиција Маргини и Реактор – Истражување во акција, кои одблизу го следат дијалогот, преку соопштение потсетуваат дека девојките и жените во Македонија сè уште се соочуваат со низа пречки во остварувањето на сексуалните и репродуктивните права.

Нивните ставови се во рамките на тековната 71. сесија на Комитетот за елиминација на дискриминацијата врз жените на Обединетите Нации (ОН), каде денеска се одржува дијалогот со претставниците на институциите на Република Македонија во врска со напредокот на земјата во спроведувањето на Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените. Тие до Комитетот упатија и четири конкретни препораки кои треба да бидат побарани од Македонските власти.

„Правото на избор и натаму се регулира со ограничувачки закон кој го доведува во прашање здравјето и животот на жените и со кој се потценува нивната способноста самостојно да донесуваат одлука за сопственото тело и здравје. Нов закон за абортус, иако е во подготовка, сепак сè уште не е донесен. Со постојниот закон во Македонија и ден-денес пристапот до абортус го отежнуваат задолжителниот период на чекање од три дена, задолжителното пристрасно советување и задолжителниот ултразвук преку кој бремените жени се принудени да го слушнат срцебиењето на фетусот. Оттука, сегашниот закон е во спротивност со препораките на Светската здравствена организацијата и со меѓународното право и со него државата и натаму им го прекршува правото на избор на жените во Македонија и го уназадува нивното здравје. Дополнително, медикаментозниот абортус сè уште не е достапен во земјата“, наведуваат здруженијата.

„Стапката на користење на модерна контрацепција во земјата изнесува 12,8% и со тоа Македонија има најниска стапка на употреба на модерна контрацепција во споредба со земјите од Југоисточна Европа и општо во Европа. Во земјата сè уште ниту едно контрацептивно средство не е ставено на позитивна листа, со што им се отежнува или сосема оневозможува пристапот до модерни контрацептиви на најсиромашните и социјално ранливите групи.

Учениците во Македонија немаат пристап до основни информации во формалното образование како да го заштитат своето сексуално и репродуктивно здравје. Според истражувањата, само 13% од учениците добиле информација за користење на кондоми, а едвај 2% учеле за орална контрацепција. Дополнително, учебниците содржат неточни и застарени информации преку кои многу често се зајакнуваат родовите стереотипи и стигмата кон лицата со различна сексуална ориентација и родов идентититет. Само дел од темите од сексуалното образование се опфаќаат на часовите по животни вештини, а сеопфатното сексуално образование и натаму се изучува надвор од училишните клупи“, додаваат тие.

Претставничките на здруженијата му препорачуваат на Комитетот на ОН да побара од државата:

1) веднаш да го измени Законот за прекинување на бременоста усвоен во 2013 година и да ги отстрани сите идеолошки и законски пречки кои денес им го загрозуваат правото на избор на девојките и жените;

2) да го воведе медикаментозниот абортус и да го направи пристапен низ целата земја;

3) да го подобри пристапот до современите контрацептивни средства, така што модерните контрацептиви ќе бидат ставени на позитивната листа на лекови со цел превенција на непланираната бременост, и

4) да развие соодветен образовен модел и наставна програма со цел воведување на сеопфатното сексуално образование како задолжителен предмет во основните и средните училишта.

 

Слични содржини

Општество / Активизам / Култура / Теорија / Историја
Општество / Активизам / Свет
Општество / Активизам / Култура
Општество / Активизам / Теорија

ОкоБоли главаВицФото