Кога би владеел со светот

02.11.2018 01:24
Кога би владеел со светот

Можам да пружам само полемички одговор на тоа што би направил кога би владеел со светот, зашто не постои можност тоа да се случи. Како што стареев, почнав да го мразам човештвото, така што ако би имал апсолутна моќ, би го насочил по патот кон самоуништувањето – тоа би исчезнало и јас би бил посреќен.

Луѓето како мене, ние сме интелектуалци – ја работиме својата работа, пишуваме текстови, имаме начини да го кренеме гласот, да протестираме, но не можеме да го промениме светот. Сè што можеме да направиме е да ја поддржиме политиката на емпатија. Канцеларката Ангела Меркел даде позитивен пример кога го охрабри германскиот народ да ги прифати сириските бегалци. Го промени имиџот на Германците ширум светот – никој веќе нема да ги гледа како СС на Адолф Хитлер. Тоа е она што може да го направи еден политичар.

Младите луѓе треба да се научат да ги филтрираат и да ги доведуваат во прашање информациите што ги добиваат преку интернет, а не да ги земаат здраво за готово. Тоа не е едноставно. Ја користам Википедија и знам дека можам да ѝ верувам во 99 проценти од случаите, но луѓето на мојата страница напишале дека сум бил прво од тринаесет деца и дека сум се оженил со ќерката на мојот издавач. Ништо од тоа не е вистина. Така што дури и тоа може да биде предмет на манипулација. Еден од моите внуци има 15 години и вели дека многу негови пријатели веруваат во теории на заговор за кои читаат на интернет. Не постои контрола на квалитетот – и тоа е огромен проблем.

Секоја влада треба да настојува да го подобри образованието. Пред Првата светска војна, речиси околу 20 проценти од луѓето во Италија имале завршено основно училиште. Денес проблемот е во универзитетите – ризично е тоа што ги намаливме условите за запишување за повеќе луѓе да добијат пристап до високо образование, но во исто време е намален квалитетот на тоа образование. Тоа се случи во Италија во последниве години и претставува вистинска трагедија. Сега првите три години на факултет се премногу лесни – студентите воопшто не мора да читаат книги подолги од стотина страници. Оние кои се на власт мора да сфатат дека е неопходно да бидеш предизвикан за да пораснеш. Кога студирав, читав илјадници страници и не ми беше ништо!

Учењето јазици е единственото нешто што би го направил задолжително во училиштата. Ако концептот на Европа постои, тогаш тој е базиран на заедничкото познавање јазици. Во двете најголеми земји, Франција и Британија, изгледа дека повеќето луѓе го зборуваат само својот мајчин јазик. Не толку одамна, во Англија луѓето течно зборувале латински. Постои приказна за англискиот генерал кого го испратиле во индиската провинција Синд во 19 век за време на еден бунт. За да се пошегува испратил телеграма во Лондон, со збороот „Peccavi“, што значи „Згрешив“. Не било прекрасно тоа што можел да се пошегува на латински, туку тоа што неговите колеги во Лондон ја разбрале пораката. Мојот внук учи грчки веќе две години. Можеби сè уште не може да го чита Хомер во оригинал, но разви разбирање за грчката цивилизација. Тоа е дел од нешто што се нарекува „енциклиоза“, што значи „кружно образование“, а од тој збор потекнува и изразот „енциклопедија“.

Луѓето се религиозни животни. Кучињата не се религиозни. Вистина е дека тие лаат кога има месечина, но тоа веројатно не е заради религијата. Луѓето имаат тенденција да бараат причина во ситуациите во кои ќе се најдат. Има една прекрасна реченица која му е припишана на Г. К. Честертон: „Кога луѓето ќе престанат да веруваат во Бог, тоа не значи дека веќе не веруваат во ништо; тоа значи дека веруваат во сè.“ Владетелот на светот не може да ја елиминира религијата. Може да бидете атеист или неверник, но мора да сфатите дека на повеќето луѓе едноставно им треба некое верско убедување.

Карл Маркс рекол дека религијата е опиум за масите – дека го држи народот замолчен. Но, таа може да биде и кокаин за масите. Таа има двојна функција – одговара на одредени фундаментални прашања и понекогаш ги тера да одат во борба со неверниците. Тоа е одлика на човештвото исто како и одликата дека луѓето се единствениот вид кој умее да сака.

Најпосле, ако владеам со светот би ги натерал сите луѓе да ги прочитаат сите мои книги за да станат подеднакво умни како мене и за да не веруваат дека на светот му треба владетел!

Извор: https://www.nedeljnik.rs

ОкоБоли главаВицФото