За страдањата и помирувањето, со емпатија

02.11.2018 02:06
За страдањата и помирувањето, со емпатија

Само што осумте одметнати пратеници гласаа „ЗА“ расправата за уставни промени, медиумите и социјалните мрежи побрзаа со толкувања на мотивите: притисоци, уцени, поткуп, реваншизам... Реакции имаше од секаде. За едни, обвинетите за тешки дела, станаа херои, додека за други, истите тие, довчерашни соборци и херои, станаа најголемите предавници. И никој не се зачуди, како е тоа можно? Но затоа, сите знаеја кој колку е виновен и како треба да се казни. Говорот на омраза доби уште една сцена за натпревар: од омаловажувања, партиски казни и исклучувања, до повици за линч и закани по животот. Кој спомна тука, помирување?

Може ли во таков моралистичко - инквизициски амбиент, со толку лажна самоувереност да се намали јазот помеѓу јас и другиот, меѓу правдата и неправдата? Може ли да се помират нормалноста и лудилото, со луѓе, одлепени од контекстот кои ја гледаат само својата страна и „вистина“? Се разбира дека НЕ. Од помирувањето, овојпат ништо.

Клинчот и линчот продолжуваат како исцрпувачка игра, во која никогаш немало и нема да има победници. Погубноста на таквите „игри без граници“ е што траат, и што никој не се осмелува да ги прекине. Тие стануваат цел и смисла за себе. Зашто, замислете да се сложиме сите дека црното е црно, а белото бело, и да немаме за што веќе да се напаѓаме, обвинуваме, и колнеме, до седмо колено? Замислете да престанеме да се крчкаме во својот јад и ограничености, да запреме да ги величаме сопствените лажирани реалности, или да престанеме со своите вулгарни себепромоции, колку само животот би изгубил смисла. А со тоа и чувството дека нешто вредиме би исчезнало како меур од сапуница. А можеби и чувството дека постоиме, би се изгубило. Какво црно помирување!

За помирување треба нешто сосема друго. Треба да бидеме похрабри и покреативни, и да уживаме во создавањето на нешто ново. Потребен е нов, одржлив развоен амбиент што ќе ги замени игрите на надмудрувања, со потсмев или избегнување. Треба директно, отворено соочување, со взаемна почит, без лажирање и манипулации.

Требаат вештини на сослушување и толеранција, особено кога не се сложуваме со тоа што го кажува, или прави другиот, без персонализирани доживувања и суети. Треба минимум сочувство, и поглед свртен кон другиот, со љубезност, но и со љубопитство, наместо со зло. Со еден збор треба да пораснеме за да станеме кадарни да ја прифатиме одговорноста за своите избори и одлуки. Помирувањето, тогаш би било само едно од нашите попатни животни предизвици.

А за да пораснеме, и тоа отпосле, не е лесно. Мораме да се фатиме за нешто, стабилно и цврсто. За почеток, тоа е контекстот, моментот и условите на случувањето, сега и овде, на кои мораме да им дадеме предност, зашто се клучот на разбирањето на нештата.

А, ни треба и точката, граничникот, од каде да стартуваме. За да продолжиме со проценките и одлуките, што не водат напред, наместо назад, во истите изодени кругови. Таа, точката на релевантниот почеток на нештата, сеуште не сме ја одредиле, за жал, и тоа е голем проблем.

За условите и контекстот на осумтемина пратеници, што одлучија да „прејдат“ на друга страна, важни се фактите, сега и овде. Факт е дека тие беа во длабока невоља и многу пред да го притиснат фамозното копче ЗА. Едни под истрага, други заборавени од своите, трети со други лични болки и премрежја, што се нашле токму на тоа место, во тој момент, во својот живот. Факт е дека имало тука многу за и против, многу размислувања, консултации и калкулации пред да биде донесена одлуката.

Факт е и тоа, дека нивната одлука е раководена од нивниот инстинкт за преживување, и дека она што најмногу им е потребно се, заштитата и разбирањето. Тие знаеја дека притисоците и несигурноста ќе продолжат, и дека можат да се засилат, особено по нивното ЗА, сега и од „нивните“, но и од членовите на нивните семејства, исто така доведени под ризик.

Можеле ли овие луѓе, во таков контекст да бидат поткупени со пари? Се разбира дека НЕ. Та тие самите би ги дале сите пари на светот, само да ја прекинат својата голгота. Дали им било нешто ветено? Најверојатно ДА. Им била ветена поголема заштита, и таа веќе им е обезбедена, како што е многу веројатно дека им биле ветени и олеснителни околности при разгледување на нивните дела, се разбира во размена за уште некои информации, покрај гласот ЗА.

И, ако на целата таа драма, гледаме како луѓе, би можеле да препознаеме дека не се работи за поткуп, уште помалку за избегнување на правдата, туку за сосема легитимна размена, за доброто на целата заедница. А тоа е одличен „дил“, за двете страни.

За емпатијата како алатка за разбирање и помирување

Да се почувствува туѓата болка, како да си во негова кожа, е драгоцена способност, која се учи и стекнува цел живот, и треба да се негува. Кога луѓето имаат и практикуваат емпатија, и квалитетот на нивните животи станува подобар. Човековите проценки од кои зависат неговите здрави одлуки стануваат попрецизни, светот е поправеден, и се некако станува полесно, и похумано, кога луѓето комуницираат со емпатија.

Ова го кажувам зашто постои и една друга, помалку позната страна на емпатијата. Во ситуации на кризи и страдања, во услови на страв, манипулации и неправди, и на долготрајна неизвесност, кога губиме контрола врз своите животи, емпатијата исчезнува, како никогаш да не постоела. Тогаш не можеме да бидеме чувствителни за другиот, не не интересира туѓата мака и судбина, а за заедницата и да не говориме. Таа останува далечна и невидлива, како во магла. И тогаш зборуваме за изолација, и отуѓеност. Зборуваме за дезориентација и хаос. Состојби кои сите ги препознаваме, зошто сме ги почувствувале на своја кожа, како исцрпувачки и безнадежни. Во таа недостапна и заканувачка заедница, не е чудно што нема простор за помирување.

Помирувањето не е техничка операција. Не е ни само прашање на одлука и договор. Ако сакаме помирување, мораме да се вратиме повеќе чекори назад, за да ја поставиме појдовната точка. А потоа и да направиме напори за ревитализација на емпатијата. Зашто кога таа е мртва, а ние изгубени, во хаосот од произволности и лаги, и ние умираме, бавно. Сами и осамени, уплашени и ужаснати, зашто немаме веќе каде. Единствениот „излез“ тогаш е во изразениот револт, во истомислечките кругови, додека јавната сцена се остава на „говорот на омраза“ кон неистомислениците, и некритичкото префрлање на одговорноста за сè што се случува, на другата страна. За неприметно да дојдеме до точката кога непријателите ни стануваат попотребни од пријателите, за да опстанеме. Ако ги немаме, ги измислуваме, зашто само така си потврдуваме дека сме тука, дека вредиме и дека сме живи. Некритичноста, притоа, се шири во сите насоки, не само во изнаоѓање на предавниците, туку и во самобендисаноста и славењето на успесите.

Затоа ни е неопходна точката / граничник, која сè уште не е поставена, јасно и недвосмислено. А тоа е Правдата и Еднаквоста (на сите) пред законот и правото. Сите патишта водат натаму. Ако тука издржиме и не ја изместиме и излажираме таа точка, ќе имаме мегдан за нов почеток, и за помирувањето. Зашто помирувањето не е помилување, како што ни простувањето не е заборавање, ниту разбирањето е одобрување. А сите се еднакво важни за новиот амбиент на заедништо, во градењето на заедницата што ја загубивме.


Фотографии: Sebastian Bieniek

 

ОкоБоли главаВицФото