Премиера на „Осамениот запад“ од Мартин Мекдона

02.11.2018 07:01
Премиера на „Осамениот запад“ од Мартин Мекдона

На 2 ноември (петок) во Кино „Култура“, со почеток во 20 часот, премиерно ќе биде изведена претставата „Осамениот запад“ од Мартин Мекдона, а првата репризна изведба ќе се случи следниот ден, 3 ноември (сабота), со почеток во истото време.

Претставата е во режија на Јане Спасиќ, а во неа играат Оливер Митковски, Ненад Митевски, Драган Довлев и Матеа Јанковска. Сценографијата е на Енес Деари, костимографијата на Бранкица Јордановска, а текстот на македонски го преведуваат Горјан Милошевски и Јане Спасиќ. Плакатот за претставата го дизајнира Немања Трајковиќ.

Преку црн ирски хумор „Осамениот запад“ раскажува приказна за двајца браќа што под влијание на околностите имаат особен начин на гледање на реалноста и специфичен однос кон неа. Линејн е мало место, кое морално ги корумпира своите жители, дури и Отецот/Пасторот е немоќен да ги врати работите на „прав пат“. Единствената шанса е можеби во младата Грлин, но тоа останува да видиме.

Мартин Мекдона, еден од најдобрите автори на Британската современа драма, на пошироката јавност познат и по своите филмови In Bruges, Seven Psychopaths и Three billboards outside Ebbing, Missouri за кој ја добива наградата за оригинално сценарио на Златен глобус, а за истото беше номиниран за Оскар во 2018. Kариерата ја започнува како драмски автор и прави бум во Лондон со двете трилогии за земјата од која потекнува – Ирска. Четири негови драми, меѓу кои и „Осамениот запад“, се номинирани за најпрестижната театарска награда ТОНИ. Тој е првиот драмски автор, по Шекспир, кому во Лондон истовремено му се изведуваат 5 драмски дела. „Осамениот запад“ е своевиден крај на неговата прва трилогија сместена во малото ирско гратче Линејн.

Оваа претстава е дел од проектот „Направете место за младите театарџии“ со кој Театарот на Навигатор Цветко и Кино „Култура“ имаат цел да поттикнуваат нова театарска продукција и да афирмираат млади автори.

Претставата е камерна, со 80 седишта.

Слични содржини

Култура / Настан
Култура / Настан

ОкоБоли главаВицФото