Бубалица поништил шестка на лото

03.11.2018 13:44
Бубалица поништил шестка на лото

Скопје, 3 ноември 2018, (Пара вести) – Страшо Дијаков, дваесетгодишен студент на Електротехничкиот факултет, побара од Државната лотарија на Македонија да ја поништи шестката што ја добил на последното извлекување.

Во изјавата за Пара вести Страшо истакна дека тој знае за многу повеќе од шестка и дека не сака таа добивка еден ден да му го расипува просекот.

„Бев шокиран кога ја добив шестката. Сите ми честитаа, ама не ми беше јасно за што, зашто шестка не е никаков успех. Сметам дека сум оштетен и дека заслужив повеќе, зашто шестка може да добие буквално секој, без нешто премногу учење. Не поминав месеци над лото-ливчето за да имам само шест погодоци и поради тоа одлучив да го поништам“, рече Страшо.

„Знаете ли вие колку труд имам вложено во пополнувањето на ливчето? Додека другите излегуваа и се забавуваа, јас се занимавав со сите можни комбинации на броеви и не можам да прифатам дека целиот тој труд бил доволен само за шестка. Зар некој што само изнатропал броеви и му се посреќило и јас што се занимавав темелно со тоа можеме да бидеме на исто ниво? Јас тоа не можам да го прифатам, зашто знам колку можам и дека тоа е многу повеќе од обична шестка“, изјави идниот судент на генерацијата.

Тој додаде дека пријателите го предупредувале дека поништувањето шестка е меч со две острици.

„Ми рекоа дека лесно може да ми се случи Државната лотарија да ме фати на пик и поради ова никогаш веќе да не добијам ништо на лото, ама јас на тие приказни не им обрнувам внимание, затоа што верувам во себе и во своето знаење“, напомена Страшо.

(Адаптирано од Njuz.net)