1022 hPa
81 %
6 °C
Скопје - Чет, 14.11.2024 05:59
„Јапонија ја посетив како турист без некоја однапред подготвена агенда за посета на места и знаменитости. Имав план само кои градови ќе ги посетам во текот на престојот од две недели. Уште пред да го планирам патувањето имав прочитано повеќе текстови и книги на тема Јапонија па мислев дека сум добро подготвен за допир се една различна култура.
Сепак, Јапонија е сосема поинаков свет од оној во кој живееме, а тоа се сфаќа брзо по пристигнувањето. Тоа е земја на контрасти, а споевите или судирите меѓу традиционалното и модерното можат да се видат насекаде, почнувајќи од облеката на луѓето до архитектурата.“
„Јапонија е земја која за секој посетител е интересна и привлечна од повеќе аспекти. Вредни за посета се бројните совршено сочувани стари историски објекти, пред сè замоците, палатите и шинтоистичките и будистичките храмови кои се обележје на двете доминанти религии во Јапонија. Односот кон природата на шинтоизмот и едноставноста на будистичката Зен филозофија се длабоко вткаени и во јапонската естетика и, воопшто, во јапонската култура.“
„Патувањето до било кое место и дестинација е со извонреден, добро организиран и ефикасен јавен превоз. И има ред за се’, па дури и кога се чека автобус пред полноќ на осамена автобуска станица.
Да додадам и дека како турист никаде другде не сум се чувствувал побезбедно и подобредојдено.“
„Најмногу сакам да фотографирам „life” фотографија и очекував дека ќе правам такви фотографии за време на патувањето. Но во големите густо населени градови чии улици се преполни со луѓе многу често ми беше тешко да издвојам кадри без притоа во нив да има многу случајни минувачи. На сметка на тоа, често го подигав објективот повисоко за да ја фотографирам прекрасната архитектура.“
За авторот
Дејан Колевски со фотографија интензивно се занимава повеќе од дваесет години, уште од студентските денови. По професија е телекомуникациски инженер, а фотографијата му дава можност за креативно изразување.
Подеднакво го интересира црно-белата и колор фотографијата. Во изминативе години во различни периоди го интересирале повеќе типови на фотографија, но главно преферира „life” фотографија.
Учествувал на повеќе државни и меѓународни изложби на фотографија. Автор е на две самостојни изложби:
- Места и моменти, Културен Центар „Точка“, Скопје, 2005.
- Поезијата на секојдневието, Национална галерија на Македонија „Мала Станица“, Скопје, 2013.