Десет години биткоин - кој ја создаде криптовалутата?

05.11.2018 01:05
Десет години биткоин - кој ја создаде криптовалутата?

Неговото име е Сатоши Накамото, веројатно е некаде во Јапонија. Но, неговата егзистенција не е докажана. Меѓутоа, овој таинствен автор со своето име го потпиша упатството за биткоин. До денес никој не знае дали станува збор за поединец или за група програмери. Неговата или нивната цел во секој случај, среде најголемата финансиска криза, беше јасна: дигитален паричен систем кој банките и централните банки ги прави непотребни.

Сатоши го раководеше развојот на биткоини до крајот на 2010. година. Дотогаш на форумите на интернет можеа да се читаат неговите прилози и дебатни предлози. Потоа тој едноставно прекина да се јавува и исчезна од виртуелниот екран. Никој во реалниот живот никогаш не го сретнал Сатоши Накамото. Кога тој се јавуваше на интернет, по правило користеше анонимизирачка постапка. Идентитетот на пронаоѓачот на биткоинот е сигурно една од најголемите загатки на интернетот. Дух, околу чие постоење се плетат митови. Но, едно е непобитно: Сатоши Накамото го дефинираше и спроведе часот на раѓање на биткоинот, тој е татко на виртуелната валута која се создава на принцип на блокчејн.

Како функционира тоа?

Принципот е едноставен и најлесно може да се разбере ако се земе предвид слабоста на досегашниот паричен систем: потребна е секогаш трета страна, банка или централна банка, која потврдува постоење пари и дава дозвола за промена на корисникот. Сметка во штедилница или банка гарантира одредена уплата или дека одредена парична сума може да премине кај друг сопственик. Во крајна инстанца, централна банка потврдува дека парите вистински постојат.

Авторот на биткоинот токму тука го гледа проблемот: секогаш е потребна трета инстанца за докажување веродостојност, за да гарантира дека истите пари не може двапати да бидат исплатени. Овој проблем Сатоши го заобиколува со помош на биткоин-технологија. Решението изгледа вака: не се потпираме на централна трета инстанца, туку дејствуваме јавно: сите учесници во биткоин -паричниот систем ги имаат истите информации во однос на распределбата на парите, секој учесник во секое време на својот компјутер има преглед за актуелната распределба на парите.

Блокчејн е мрежа во која сите учесници користат исти софтвери. Овие софтвери ги зачувуваат информациите за распределбата на биткоините во блокови, бележници. Кога се одвива нова трансакција, таа заедно со претходните се заведува во нов блок и се прикачува на веќе постојните белешки. Од безбедносни причини, овие бележници се криптирани, а тие заедно сочинуваат еден синџир, од каде и доаѓа името блокчејн.

Бидејќи сите учесници имаат подеднакво пристап до информациите во рамките на мрежата и можат да ги проверат, блокчеинот се смета за сигурен: оној кој сака да манипулира, мора да ја манипулира верижната историја на трансакции на сите компјутери, а тоа, од денешен аспект, е практично исклучено.

Дали е тоа и сигурно?

Но, и во убавиот нов дигитален свет ништо не е бесплатно. Додека во реалниот свет банките и централните банки мора да вработат многу луѓе и да ангажираат големи ресурси заради обезбедување на сигурност на системот, биткоин-трансакциите голтаат огромни количества енергија. Одговорноста за тоа е лоцирана кај т.н. копачи. Овие компјутери мора да најдат одредени решенија. Оној кој е побрз од останатите, смее да прикачи нов блок информации на синџирот, а наградата за трудот следува во форма на биткоини. Тешко е да се пресмета количеството на потребната енергија, но еден холандски истражувач пресметал дека за „копање“ биткоин е потребна енергија рамна на годишната потрошувачка на енергија на Ирска.

Освен тоа, отсуството на централна банка има и своја опачина: не постои никаква инстанца која ја следи целта за стабилни цени. Вложувачите можеа да го почувствуваат тоа на еуфоричен или болен начин, кога на крајот на минатата година курсот на биткоинот достигна до 20.000 долари, а потоа, исто толку жестоко, повторно падна. А во основа, анонимноста на системот можат да ја користат и криминалци заради одвивање на своите илегални бизниси.

Може ли технологијата да ја користи и некој кој не поседува биткоини?

Блокчејн-технологијата може да се применува и во помали размери. А токму на тоа во моментов работат бројни фирми. Тие можат технологијата да ја употребуваат за, на пример, на производите да им стават апсолутно сигурен печат, да го направат фалсификувањето невозможно, што моментно се испробува во фармацевтскиот концерн Мерк.

Врз основа на блокчејн-технологија може да се одбегне фалсификување и на склучени договори. Така, осигурителната компанија Акса е прва која воведе на блокчеин базирано осигурување за доцнење на авиони. Системот автоматски ги проверува официјалните податоци за доцнењето на авионските летови. Потоа, исто така автоматски, реагира ако некој лет доцни повеќе од два часа. Муштеријата не мора ништо да пријавува и да поведува постапка, обесштетувањето предвидено во клаузулата на склучениот договор оди автоматски, во евра, не во биткоини.

Извор: DW

ОкоБоли главаВицФото