Идејно рушење на споменикот на Туѓман

06.11.2018 02:05
Идејно рушење на споменикот на Туѓман

Хрватскиот концептуален уметник Синиша Лабровиќ, кој во октомври со семејството се отсели во Германија, на актуелното 40. издание на Сплитскиот ликовен салон изложи дело во кое предлага споменикот на Фрањо Туѓман на сплитската Рива, со контролирана експлозија или со сечење да се претвори во урнатина и тие остатоци од споменик потоа да се изложат на коцката на која е положена раката на Туѓман во сегашната верзија на споменикот.

Годинешниот Сплитски салон се состои од редица изложби на повеќе локации, а делото на Лабровиќ беше претставено во подрумите на Диоклецијановата палата, во рамки на натпреварувачката изложба „Место за уметност“, која ја преиспитува состојбата и одржливоста на постоечките јавни скулптури во Сплит, како и позицијата на уметникот во однос на пазарот и механизмите на изведување на јавните конкурси. Повеќе од 40 автори изложија идејни решенија за споменична и јавна склуптура, а изложбата е проследена и со иницијативата избраните дела, освен парична награда,  привремено или постојано да бидат поставени во јавен простор.

Синиша Лабровиќ во рамките на зададената тема се одлучил на интервенција врз споменикот на Туѓман, кој во 2013 година бил поставен според решението на архитектот Бранко Силаѓин и скулпторот Зоран Јуриќ. Идејното решение на Лабровиќ, на изложбата е претставено преку скици кои за него ги изработил колегата Свен Клобучар, како и со извадоци од текст во кој Лабровиќ ја образложува својата замисла, изнесувајќи историски, уметнички и туристички аргументи. Текстот на Лабровиќ е објавен на порталот на радиото „Горњи град“:

„Во зборникот текстови ‘Анатомија на историскиот споменик’ се наоѓаат и три поглавја од книгата ‘Генијот на христијанството’ од Франсоа Рене Шатобријан. Насловите на поглавјата се: ‘За урнатините генерално’, ‘Сликовитоста на руините’ и ‘Руините на христијанските споменици’. Во нов Шатобријан, меѓу другото, пишува: ‘Урнатините мистериозно ги привлекуваат сите луѓе’. Тоа чувство е поврзано со кршливоста на нашата природа и со скриената сличност помеѓу спомениците склони кон урнисување и краткотрајноста на нашите животи (...) Од аспект на сликовитоста, руините прикажани на сликите имаат помагична композиција отколку новите и целосните споменици’.

Затоа, а и заради некои други причини кои подоцна ќе ги објаснам, мојот предлог би бил следниов: споменикот на Фрањо Туѓман во Сплит, дело на архитектот Бранко Силаѓин и скулпторот Зоран Јуриќ, со контролирана експлозија да се претвори во руина, а потоа тие урнатини да се изложат на коцката на која тој, во сегашната верзија, ја држи раката. За самата експлозија, верувам дека би се нашле стручни луѓе кои би можеле да го направат тоа без опасност за околината. Ако се заклучи дека експлозивот е премногу опасен, тогаш во предвид би дошол и некој друг начин, можеби најдобро сечење со кое споменикот би се расклопил на неколку делови, кои потоа складно би се наредиле во вид на руина на истата коцка што би служела како постамент за остатоците од споменикот на Туѓман.

За оваа постапка верувам дека постојат неколку силни аргументи.

Историски ние сме навикнале при секој посериозен историски пресврт, спомениците од претходниот период да се уништуваат и збришат. Со оваа постапка ние би вовеле нова пракса според која градителите на спомениците, по некое време, истите тие споменици би ги рушеле и со тоа на идните генерации би им оставиле чист почеток и помек влез во новото време без потреба потомците да ги осудуваме на варваризам.

Експресивно уметнички, цела една генерација на главно анонимни автори во деведесеттите години се изразувала со деструкција врз спомниците градени во време на социјализмот. Деструкцијата е честа уметничка постапка, а посебен уметнички дигнитет добила во времето на авангардата во сите облици на нејзиното негирање на претходната историја на уметност. Со оваа постапка ние би се вградиле и во светскта традиција на деструкцијата, но и во локалната современа традиција на уривањето, особено изразена од дваесеттите години на 20-от век па наваму.

Туристички, рушењето на споменикот на Туѓман и неговото изложување потоа, мислам дека сјајно би се вклопило во неговата непосредна околина што ја чинат руинираните остатоци на Диоклецијановата палата, најславниот и најважниот сплитски туристички адут. Покрај изложените урнатини од споменикот на Туѓман, особено за време на туристичката сезона, би можело ноќе да се направи и light show кој би нè потсетувало на еден друг голем сплитски туристички адут – фестивалот на електронска музика Ultra Europe. Исто така, тоа би било и одлична прилика, преку фотографските обиди на современите туристи, низ светот да се прошират сликите на прекрасните современи урнатини. Да ги повторам зборовите на Шатобријан: ‘Од аспект на сликовитоста, руините прикажани на сликите имаат помагична композиција од новите и целосни споменици.’

Сигурен сум дека Првиот Хрватски Претседател би бил воодушевен од овој предлог, бидејќи како фигура во многу нешта пред своето време, не се колебал да повлече потези кои во неговото време изгледале многу авангардни и деструктивни, а кои подоцна се покажале како плодоносни и оправдани“.

Иако најинтригантно на изложбата, делото на Лабровиќ со одлука на стручната оценувачка комисија, во чиј состав беа Иве Шимат Банов, Божо Кесиќ и Жељко Маровиќ, веќе во првиот круг на селекција го елиминираше од конкуренција за награда на 40. Издание на Сплитскиот салон, чијшто добитник беше објавен на 6 ноември. Како што пренесува порталот vizkultura.hr, наградата вклучува плакета, паричен износ од 10 илјади куни и започнување на иницијатива преку хрватското здружение на ликовните уметници, награденото решение да се реализира во јавен простор. Тричленото жири во завршниот круг ги избра делата на петмина автори, Јосип Босниќ, Кажимир Храста, Денис Крашковиќ, Мануела Паук и Борис Шитум, а „заради натпросечниот квалитет на пристигнатите дела“ , им додели признание на уште петмина други уметници, но и меѓу нив не се најде место за Лабровиќ.

Ниту едно од делата на споменатите петмина автори, за чија естетска вредност нема да судиме, не задираат во овдешните политички табуа. Стручното жири се потрудило единственото политички субверзивно дело да не ги вознемири духовите и Лабровиќ длабоко го закопа, со што ја закопа и самата прокламирана идеја – изложбата да ја преиспитува состојбата и одржливоста на постоечките јавни скулптури, позицијата на уметникот во однос на пазарот и механизмите на спроведување на јавните конкурси.

Јасно е дека за јавната скулптура во Хрватска излишно е да се расправа ако не се сака да се зборува за нејзината политичка условеност. Зборувајќи за тоа во своето дело, Лабровиќ одлично го покажа и механизмот на спроведување на јавен конкурс во кој и самиот учествуваше.

Извор: Novosti

 

ОкоБоли главаВицФото