За свеста на македонскиот стаорец

06.11.2018 15:40
За свеста на македонскиот стаорец

 

Дека човекот не е единственото суштество со свест на планетава – инаку, предрасуда што од искона ни служи за оправдување на „природното“ право да ги убиваме сите други живи суштества за храна, облека, граѓа, профит или друг ќеф – веќе постојат премногу докази, но еден од најспектакуларните е експериментот со стаорците во развојните лаборатории на фармацевтската индустрија.

Така, барајќи хемиска супстанција што ќе послужи како лек против клиничката депресија, корпорациите одамна сфатиле дека луѓето и сите цицачи имаат практично иста невролошка подлога од која се генерира свеста во мозокот, а доказ за ова богохулие е самиот факт што антидепресивите се пронаоѓаат и тестираат токму на стаорците!

Елем, главораспрснувачкиот експеримент со стаорците оди вака: земате сто стаорци и секој од нив го ставате во засебен висок стаклен сад наполнет до половината со вода – доволно длабока за стаорецот да е далеку од дното и доволно под работ на садот, за да не може ниту теоретски да го дофати. Сите стаорци реагираат практично исто: првин се мачат залудно да се искачат по стаклените ѕидови на садот и да се измолкнат од водата, но по безмалку точно петнаесет минути паѓаат во очај, престануваат со обидите да се спасат и продолжуваат рамнодушно да плутаат на површината на водата. Сите, без исклучок, лежат во водата со раширени и опуштени екстремитети, со кренати муциња над водата, како живи лешеви што апатично дишат во безнадежта што ги обзела, со еден збор – токму така како што прават луѓето во слични трагични околности.

Губење надеж

Но, експериментот не завршува тука, почитувани читатели: најневеројатното допрва следува! Во продолжение на експериментот, се земаат нови стотина стаорци што не го доживеале траорното искуство на претходната група, и се ставаат во садови со вода – исто како и нивните другари – но, овој пат, по четиринаесет минути, значи само една минута пред да паднат во очај и апатија, се вадат од водата. Стаорците потоа се сушат, хранат и одмараат доволно долго за да се оправат од психолошкиот шок што го преживеале, и потоа повторно се ставаат во вода. И, тука се случува невозможното! Сите стаорци – или најголемото мнозинство, да бидеме прецизни – во вториот обид пливаат и гребат по стаклените ѕидови цели дваесет минути пред да паднат во очај и да почнат безживотно да плутаат!? Неверојатно!

Реакцијата на стаорците е практично идентична со онаа на луѓето: тие имаат меморија, искуствена анализа на настаните и интенционална свест, заедно со сите емоционални состојби потребни овој свестен механизам да се покрене. Додатните шест минути активна борба за спас на стаорците им беше обезбедена со јасното искуство дека борбата се исплати и дека со продолжена упорност се обезбедува спасот (во форма на раката на Спасителот). Надежта е таа состојба на свест што ги одржува во живот и ги мотивира да издржат подолго во борбата за преживување и стаорците и нас, луѓето!

Додека го читав описот на ова траорно стаоречко житие кај Харари, порој мисли и слики ми ја заплиснаа свеста: влегов во кожата на лабораторискиот стаорец, го осетив и неговиот дамар, додека залудно гребе по стаклените ѕидови, но и неговиот очај што моментално преоѓа во индиферентност… и сфатив дека тоа не е емпатија, туку повеќепати доживеано, лично искусено чувство. Најинтимниот шок од тоа емпатиско дежаву е сеќавањето на божественото олеснување што се чувствува по треморот на борбата и препуштањето да те обземе заслепувачката убавина на смртната рамнодушност, на апсолутното помирување!

Како да лежиш на песок или плуташ на површината на мирно море, лесен, опуштен, без мисла и грижа, а свеста ти ја исполнува заслепувачката белина од сонцето, што моќно и несопирливо ти продира низ очните капаци… Кој не се сеќава на тоа помирувачко олеснување кога ќе се откаже од полагање испит, кога случајот ќе му „помогне“ да не одлучува за нешто важно и суштествено за неговиот живот? И, колку ни беше лесно кога сите топтан се откажавме од слободата?

Всушност, овој фантастичен експеримент со стаорците ги објаснува и неврофизиолошките и психолошките основи за однесувањето на луѓето во тоталитарни општества. Стабилноста на апсолутистичките режими во историјата, практично се должи на состојбата на свест што е дефинирана со губитокот на надеж, односно со нормализацијата на индиферентноста и рамнодушноста. Излегува дека најкорисната работа што режимот на ВМРО ја направи во онаа мрачна деценија за зацврстување на својата криминална власт, е што ги втера македонските граѓани во безнадеж. На тој начин еден тоталитаристичко мафијашки режим ја обезбедува најстабилната психосоцијална состојба на свеста: душевниот замор и апатија, меланхоличниот нихилизам и атмосфера на долга, тивка и убава смрт – како од хипотермија.

Вмроизирана нормалност

Но, ние Македонците ги обединуваме искуствата од двете групи стаорци во експериментот: ние плутавме цела деценија смирено прегрнувајќи ја вмровската смрт, за пред година и кусур да бидеме извадени од лабораторискиот стаклен сад, потоа осушени, нахранети и повторно пуштени во вода. И, бидејќи во стварноста не се можни контролираните лабораториски услови, македонскиот стаорец, за жал, погрешно го разбра експериментот изведен врз него: наместо отворениот пат кон Европа и своето спасување од сигурното давење, да го искористи како мотивација за продолжување на борбата за обезбедување на сопствената иднина, тој продолжува да плута на површината, со тапа рамнодушност чекајќи Вишата сила да ги одработи длабинските реформи што му се неопходни на македонското општество.

Наместо со оставање на избраните да го решат техничкото прашање со уставните измени и преокупација со вистинско чистење на земјата од контаминираниот вмровски отпад и со пресоздавање на законите, реформирање на институциите, менување на обрасците на однесувањето и состојбата на свест, ние, будали, плутаме мирно на грб опружени по површината на вмроизираната нормалност, со муцките сантим над водата, и се занимаваме со тоа што рекол некој безначаен Мицко или друг вмрон, или дали волот потпишал или не, а ако не, дали тоа било кривична или политичка одговорност и други трици и кучини… Аман, до кога?


Слики: The Royal Art Lodge
Извор: Слободен печат

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото