По трагедијата со девојчето во Гостивар задоцнета е загриженоста за проблемот со бездомните кучиња

07.11.2018 01:06
По трагедијата со девојчето во Гостивар задоцнета е загриженоста за проблемот со бездомните кучиња

Премиерот Зоран Заев, изразувајќи жалење за трагедијата што се случи во Гостивар (05.11.2018), кога 17-годишно девојче се удави во Вардар бегајќи од куче скитник, одговарајќи на новинарско прашање ја даде следната изјава која ја сметаме за недоследна.

Законите што ги имаме се комплицирани и со европски стандарди како се обезбедува згрижување на бездомните кучиња што многу тешко може да ги постигнат општините. Размислуваме на промена на легислативата во пофлексибилен начин кој ќе ги почитува меѓународните стандарди за заштита на животот на животните, а Република Македонија ќе може да го спроведе.

Заев во оваа прилика додаде уште дека како поранешен градоначалник имал лично искуство во справувањето со бездомните кучиња.

Мораме да создадеме начин како тоа да се организираме, да ги заловуваме кучињата кои растат во огромен број. Надлежноста е кај општините, но државата мора да поведе грижа, бидејќи тие немаат капацитети. Еден од начините е преку промена на законодавството за да можат тоа да го реализираат општините согласно нивните капацитети, а неопходно е и повнимателно слушање на ветеринарите и експертите и спроведување на нивните укажувања

[Извор: Канал 5, датум: 06.11.2018]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Во врска со трагичниот настан со 17-годишната Џехја Меџити, која сред Гостивар беше нападната од куче скитник, по што бегајќи падна и се удави во водите на Вардар, претседателот на Владата Зоран Заев, проблемот го лоцира во „комплицираните и со европски стандарди закони за згрижување на бездомните кучиња “. Овој негов став го сметаме за недоследен, бидејќи е спротивен на она што СДСМ се залагаше за време на предвремените парламентарни избори во декември 2016 година.

Во изборната програма: „План за живот во Македонија“, со која СДСМ излезе на вонредните избори, во поглавјето „Хуман третман на животните“ стр.147 се истакнати намерите за:

Унапредување на Законот за заштита и благосостојба за животните, адаптирање со стандардите на европската легислатива

Сепак, наспроти ваквите заложби посочени во изборната програма, Заев сега, две години по изборите и 18 месеци од формирањето на Владата, го говори спротивното дека: „европските стандарди како се обезбедува згрижување на бездомните кучиња многу тешко може да ги постигнат општините“ .

Но, освен во овој дел, се забележува недоследност и подолу во изјавата на премиерот кога тој вели дека „надлежноста е кај општините, но државата мора да поведе грижа, бидејќи тие немаат капацитети“.

После оваа голема трагедија со девојчето во Гостивар, неговата порака на загриженост дека како држава „мораме да создадеме начин како тоа да се организираме, да ги заловуваме кучињата кои растат во огромен број“, делува задоцнето.

Заев е премиер година и половина, а општините имаат нови градоначалници и тоа главно од редовите на СДСМ, веќе една година. Зарем, Заев не можеше во изминатиов период да иницира некакво попрактично решение за овој проблем или да ги поттикне градоначалниците малку поамбициозно да се ангажираат на овој план, дотолку повеќе што тој беше градоначалник во три мандати и самиот кажува дека „имал лично искуство во справувањето со бездомните кучиња“.

Проблемот со кучињата скитници навистина не е од вчера, но неизбежен е впечатокот дека во случајот потфрлија институциите. И тоа особено локалните власти, кои иако имаат законска обврска за решавање на овој проблем, сакале да признаат или не, не најдоа или барем досега не понудија системско решение за справување со бездомните кучиња.

ИЗВОРИ:
Канал 5 (06.11.2018): Заев: Можни се законски измени за справување со бездомните кучиња [Пристапено на 06.11.2018]
Предизборна програма на СДСМ (2016) „План за живот“,стр.231 [Пристапено на 06.11.2018]
Грид.мк (06.11.2018): Девојче се удави во Вардар бегајќи од кучиња [Пристапено на 06.11.2018]
Макфакс(06.11.2018): Девојче се удави во Вардар бегајќи од кучиња [Пристапено на 06.11.2018]


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Извор: Вистиномер