Од „Хрониките на Арслан Новинарски“

07.11.2018 15:40
Од „Хрониките на Арслан Новинарски“

На 07.11.18. во 20 ч. во Младинскиот културен центар ќе се одржи промоција на книгата „Хрониките на Арслан Новинарски“.

Во продолжение пренесуваме три раскази („паравести“) од книгата.


Турски бизнисмен го купува Филмскиот фонд
на Македонија

Скопје, 21 јануари 2013

Првиот човек на Филмскиот фонд на Македонија, Кинољуб Здодеевски, обелодени дека институцијата со која тој раководи наскоро ќе премине во сопственост на познат турски бизнисмен.

Имено, станува збор за Сулејман Синематоглу, кој е сопственик на неколку продуцентски куќи во Турција кои работат на снимање на најгледаните серии во земјата. „Смир, смир, смир“ (која трае 800 епизоди), „Скар, скар, скар“ (1.200 епизоди), „Бенките на султанката“ (1.500 епизоди) и „Џигерите на гангстерите во долината и пошироко, кај што се пука“ (3.000 епизоди) се само дел од славните ТВ серии снимени од продукциите на Синематоглу.

„Ова е една од најважните странски инвестиции во Македонија. Верувам дека Фондот ќе премине во вистински раце и конечно во Македонија ќе почнат да се снимаат квалитетни сериски филмови“, изјави Здодеевски.

Одлуката ја поздрави и Здружението на поранешни актери, формирано од глумци кои сега работат на синхронизации на турски ТВ серии.

„Нè радува најавата за нови инвестиции и поддршка на актерите што ги позајмуваат гласовите во сериите. Но, се надеваме и дека во филмовите што ќе се снимаат ќе има место и за нас, да се потсетиме како беше некогаш“, изјави портпаролот на Здружението, Дрдорко Мрморев.

Академик 10 години изолиран од светот,
не знаел за режимот на Груевски


Скопје, 5 мај 2017

Македонската академија на науките и уметностите е едно од најизолираните места во светот. Исто така, теренот и патот околу зградата на МАНУ е тешко пристапен, летата се кратки, а зимите студени и многу долги.

Комуникациските канали со светот се целосно прекинати и малубројните жители на оваа зграда живеат неупатени во згодите и незгодите што се случуваат на само неколку стотици метри од нив. Најголем дел од граѓаните на Македонија не веруваат дека жителите на оваа зграда навистина постојат и ја сметаат приказната за нивното постоење за мит.

Токму затоа, јавноста беше шокирана кога вчера, Петар Експлореровски, независен научник и експерт за фотелји, сончогледи и ендемски видови, во зградата на МАНУ откри жител кој 10 години живеел изолирано и не знаел ништо за случувањата околу него. Станува збор за Владо Камбовски, член и поранешен претседател на МАНУ, кој за животот надвор од просториите на Академијата дознал од Петар Експлореровски.

Кога Камбовски чул од истражувачот како се живее во Македонија изминатите десет години, бил запрепастен, а особено шокантна му била приказната за режимот на Никола Груевски.

„Камбовски воопшто не беше свесен за постоењето на човек што се вика Никола Груевски, за партијата со име ВМРО-ДПМНЕ, како и за начинот на кој оваа партија ја водеше државата цели десет години, со помош на ДУИ. Тој беше толку потресен и вознемирен, што реши веднаш да го осуди однесувањето на партијата за која слуша првпат во животот“, раскажува Експлореровски.

Тој вели дека е позитивно изненаден од однесувањето на Камбовски, чијшто пример го смета за охрабрувачки, зашто обично на луѓето кои со години живеат изолирани од светот, им треба долг период на прилагодување кон актуелните и нормални текови на животот.

Петар Експлореровски е оптимист и очекува дека наскоро ќе открие уште луѓе кои живееле во изолација.

Промотор ја прочитал книгата што ја промовирал

Скопје, 13 април 2016

Македонскиот професор и филозоф Платон Мрсимудчев од Институтот за претурање од шупливо во празно, ја шокираше македонската јавност на промоцијата на книгата „Метафизика на мезето“ од неговиот колега Стојан Пантагруелчев.

Имено, добро упатената публика, која досега присуствувала на стотици промоции, забележала дека Мрсимудчев, според начинот на кој зборува за книгата што ја промовира, очигледно ја има прочитано.

„Наместо да нафрла општи места, професорот Мрсимудчев во два-три наврати спомена конкретни места и тези од книгата. Мислевме дека се работи за случајност, но кога продолжи да зборува на ист начин, сфативме дека тој навистина ја прочитал книгата“, вели еден од посетителите на промоцијата.

Кај дел од културните кругови во земјата овој необичен настан предизвика радост и одушевување, но меѓу колегите на Платон Мрсимудчев сега владее вознемиреност.

„Се надеваме дека станува збор за исклучок и дека Платон нема да продолжи со оваа пракса. Во спротивно, ќе ги загрози своите колеги, кои можеби исто така ќе бидат принудени да ги читаат книгите за кои зборуваат“, вели еден колега на Платон Мрсимудчев кој сакаше да остане анонимен.

Извор: Иван Шопов - Хрониките на Арслан Новинарски (Темплум, 2018)
Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото