Мојата земја

08.11.2018 12:54
Мојата земја

Добро се разбирам во опсесии. Ги искушував повеќе од кого било. Добро знам колку човек може да биде опседнат со некоја идеја, каде може да го однесе таа, колку може да го занесе, на какви опасности на лудилото може да го изложи, колку нетрпеливост и идолатрија подразбира тоа, на колку сублимна безобѕирност го обврзува... Знам еднакво дека опсесијата е темел на страста, вруток што ја издржува и одржува, тајна што ја прави трајна.

Многу пред својата триесетта и јас ја запознав страста, очајничката, агресивна, безизлезна страст кон својата земја! Мојата земја! Во неа ја барав потпирката што ми беше потребна, ама не можев да ја најдам ни во нејзината сегашност ни во нејзиното минато. Од бес ѝ ја припишав иднината, искована од сѐ и сешто, разубавена, во која не верував. Најнакрај ѝ се настрвив, на таа иднина, заплеткувајќи ја: плукнав на својата утопија. Мојата страсна и налудничава омраза немаше, така да кажам, свој предмет, зашто мојата земја очигледно се раздроби. Сакав да биде моќна, огромна и безумна, како зла сила, пред неминовноста што ќе го растрепери светот, а таа беше малечка, скромна, без ниеден атрибут дека може да опстане. Кога ќе се задлабочев во нејзиното минато, наоѓав само зависност, резигнација, понизност, а кога ќе се свртев кон сегашноста, ги откривав истите грешки, едните деформирани, другите недопрени. Испитував немилосрдно, во разулавената желба да откријам нешто друго, ама безуспешно, сѐ беше толку бистро. На крајот помислив дека таа не може да се бори со мојата гордост, дека во секој поглед е премалечка за моите барања. Не напишав ли тогаш дека би сакал во себе да ги соединува „судбината на Франција и населеноста на Кина“? Сето тоа беше лудило. Но лудило поради кое страдав, кое не беше безопасно, зашто влијаеше на моето здравје. Место своите мисли да ги насочам на нешто поопределено, јас се врзав за својата земја зашто нејасно чувствував дека ми се нуди причина за илјадниците маки, дека, сѐ додека мислам на неа, ќе имам на располагање вистински рудник на страдања. Ми се најде при рака неисцрпен пекол во кој мојата гордост можеше да очајува на моја штета. Мојата љубов беше самоказнување и суров донкихотизам. Расправав бесконечно за судбината на земјата што немаше судбина: бев, буквално, пророк во пустина. Впрочем, не тропав глупости и не страдав. Имаше уште такви што имаа предвид некаква иднина, во која веруваа, макар што понекогаш ги обземаше сомнеж за оправданоста на своите очекувања. Бевме банда очајници во срцето на Балканот, осудени на неуспех, а тој неуспех ни е и единственото оправдание.

Бевме свесни за фактот дека нашата земја не постои; знаевме дека постои само како стварност на нашиот очај.

Во тоа време беше воспоставено некое движење што сакаше да реформира сѐ, дури и минатото. Ниту еден миг не верував искрено во тоа. Меѓутоа, само тоа движење упатуваше на тоа дека нашата татковина може да биде нешто друго, а не само фикција. Беше тоа сурово движење, мешавина од предисторија и пророштво, од мистиката на молитвата и пиштолот, движење што сите власти го прогонија и кое призиваше прогони. Неговата непростлива грешка беше тоа што му ја припишуваше иднината на нешто што немаше иднина. Сите водачи беа погубени, а труповите им беа фрлени на улица: тие имаа судбина, а тоа нивната земја ја ослободи од обврската и самата да ја има. Со своето лудило ја искупија својата татковина. Беа тоа крволочни маченици. Веруваа во убивање, па и самите беа убиени. Со себе во смрт ја однесоа и иднината во која веруваа наспроти здравиот разум, евиденцијата, „историјата“. Движењето беше изложено на напади, распрснато, наполу уништено. Ја доживеа судбината на примитивниот Порт-Ројал. Се засноваше на суровост: уништено е со сурови методи. Во времето додека чувствував слабост кон тие крвави занесеници, нејасно насетив, предосетив дека ниту можеа ниту смееја да ја постигнат целта, и дека идеално, во совршено обличје, го отелотворуваа неуспехот на мојата татковина, дека судбина им беше на тој неуспех да му го дадат интензитетот и замавот што му фалеа. Јас во тоа време страсно бев опседнат од двојниот неуспех. Ова сепнување, кое ми беше потребно да ме поттурне, ми го даде тоа движење. Кој помеѓу дваесеттите и триесеттите не го даде својот придонес кон фанатизмот, страста, разулавеноста, тој е имбецил. Човек либерален го прави само заморот, а демократ – умноста. Несреќата е за младите. Тие се тие што ги провлекуваат доктрините за нетрпеливост и ги спроведуваат. Тие се тие на кои им треба крв, крици, метеж, варварство. Кога бев млад, цела Европа веруваше во младоста, цела Европа ја туркаше во политиката, во државните работи. Покрај тоа, тој млад човек теоретичар, полуфилозоф, тој мораше по секоја цена да има неразумен „идеал“. Тој не беше задоволен со умерената филозофија: тој беше фанатик, сметаше на бесмислата, од која очекуваше сѐ.

Ние, младоста на мојата земја, ние живеевме од Бесмисла. Тоа беше лебот наш насушен. Наоѓајќи се на работ на Европа, презрени или занемарени од целиот свет, сакавме да привлечеме внимание. За таа цел едни се служеа со пиштоли, а други ширеа најлоши бесмислици, измислуваа будалести теории. Сакавме само да испливаме на површината на историјата: ги сакавме скандалите, сметајќи ги за единствено средство со кое можеме да се одмаздиме за својата мрачна судбина, својата подредена положба во историјата, своето непостоечко минато и својата пониженост во сегашноста. „Создавање историја“, тоа беа зборовите што постојано ни беа во уста, нашата мисла водилка. Ја импровизиравме својата судбина, отворено се буневме против својата ништост. Не се плашевме дека ќе испаднеме смешни. Затоа што нашето знаење беше недоволно, нашето искуство лажливо; токму затоа нашето разочарување мораше да биде цврсто, нескршливо. Најнакрај тоа стана наш закон... Потонавме на нивото на својата земја.

Мене, конечно, престанаа да ме интересираат тие игри, тоа избезумување, грчење, лудило. Тогашните екстраваганции станаа несфатливи; не можев ни да си го замислам минатото; а сега, кога помислувам на него, ми се чини дека се присеќавам на годините на некој друг. А од тој друг се одрекувам, целото мое „јас“ е некаде другаде, на илјада километри од она „јас“ што било.

И кога ќе се сетам на сите тие страсти, на целиот делириум на моето тогашно јас, на своите грешки и прекумерни восхитувања, своите соништа за нетрпеливоста, моќта и крвта, своето уживање во натприродниот цинизам, своите тортури во Ништавилото, своите збркани бдеења – ми се чини дека се надвивам над опсесијата на некој странец и запрепастен сум кога сфаќам дека тој странец сум бил јас. За волја на вистината, треба да се додаде дека во тоа време уште не знаев што е сомнеж, дека тогаш допрва го стекнував знаењето за него; дека за мене постоеја само тврдења со кои нешто докрај се отфрлаше или се прифаќаше. Во тоа време напишав книга за својата земја: ја нападнав својата татковина толку жестоко, можеби како никој пред мене. Макотрпна работа на побеснет лудак. Во тие мои осуди имаше толку жар, што сега, откако помина доста време, не можам да верувам дека не се работеше за превртена љубов, обратна идолатрија. Тоа е нешто како химна на убиец или врескачка теорија на родољубот без татковина. Тие претерувања една друга земја, непријател на мојата, ги искористи во клеветничка кампања, а можеби сепак вистинољубива. Сеедно! Копнеев по неумоливото. Донекаде ѝ оддадов признание на својата земја што ми имаше дадено толку значајна прилика за страдање. Ја сакав затоа што не можеше да ми одговори на очекувањата. Во тоа време верував во чарот на несреќните љубови. Ги сакав искушенијата: а за најголемо искушение ми се чинеше тоа што се родив токму во таа земја. Во тоа време имав незаситна потреба за лудило, лудило на дело. Морав да уривам; деновите ги минував замислувајќи слики на уништување. Чие? Никого не мразев. Во мојата земја постоеја два вида граѓани: бедници, од кои се состоеше речиси целата земја, и неколку шарлатани, паразити, кои ја искористуваа нивната беда. Уништувањето на овие вториве ми се чинеше прелесно: тоа беше можна и отповеќе лесна задача, која не беше во склад со моите амбиции. Тоа значеше да се впуштам во нешто безначајно, да се потопам во очигледности, да ги задоволам општите барања. Во потрагата по својот предмет, тоа беа гробиштата... Бесен на своите предци, се прашував како уште еднаш да ги усмртам, засекогаш. Го мразев нивното молчење, недејствувањето, и сите векови што ги исполниле со својата абдикација. Ми падна на ум замислата дека би требало да се кренат во воздух нивните гробови, да се расфрлаат нивните коски, да се понижи нивното молчење, да им се одмазди човек, да им ги исмее поразите, го претворив во прав своето „некогашно“, својата вечна ништина...

Непотребно е да се каже дека мојата замисла не беше поттик за крстоносен поход. Едно време тоа ми беше доволно. А потоа одеднаш ми здодеа да мразам залудно, па се свртев кон поголема омраза, која го опфаќаше целиот свет, почнувајќи од презирот кон соседот до вселенската анархија. Всушност, мене лудилото ми беше потребно како што на другите им беше потребна мудроста или парите. На помислата дека нешто постоело и можело да постои независно од мојата волја за разурнување паѓав во кризи на беснило, цели ноќи минував треперејќи. Токму тогаш сфатив зошто човековата злоба на големо ја надминува животинската. Нашата не преминува веднаш на дело, таа се насобира, расте, буи и прекипува. Таа, затоа што мора да чека, се потпира на размислувањето и станува сурова. Таа мрази сѐ, а кај животните трае само миг и се однесува само на непосреден објект; и никогаш не се врти самата против себе. Нашата злоба толку пораснува, што веќе не знае кого треба да уништи, па „се фиксира“ на самите нас. Тоа ми се случи и мене: станав средиштето на својата омраза. Ја мразев својата земја, сите луѓе на светот; на крајот омразата ја свртев кон себе: подлегнав на очајувањето.

(1949)

Извор: filozofskim.blogspot.com
Слики: John Kenn Mortensen

Слични содржини

Општество / Теорија
Општество / Европа / Теорија
Општество / Теорија
Општество / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото