Туркач на облаци

09.11.2018 12:23
Туркач на облаци

Мојата професија е по малку необична: јас сум туркач на облаци.

Да, вие најчесто не сте свесни зошто еден облак, кој пред тоа заканувачки се ширел над ридовите, одеднаш ќе го промени правецот и ќе скршне кон планините место да го истури својот воден товар врз полето. Така му дошло, си мислите, и воопшто не ви паѓа на ум дека еден човек, кој малку понатаму седи на брегот од езерото и се чини дека љубопитно гледа кон небото, е причина за таа промена.

Тој човек кој гледа кон небото, божем незаинтересирано, а, всушност, мошне сосредоточено, сум јас. Јас го менувам патот на облаците вложувајќи во тоа, се разбира, извесен напор.

Напорот е во зависност од тежината на задачата: има облаци – и облаци. Со цирусите е најлесно – нив човек може да ги избрише од небото како што дежурниот ученик ги брише со наводенет сунѓер чкртаниците со креда од школската табла. Најтешко е со кумуло-нимбусите – оние што на врвот се како распупен карфиол, а на дното како куп наводенети нечисти партали. Тука понекогаш треба навистина да се употреби сила! Тие не се даваат лесно, но и јас не сум некој кој попушта. Колку и да се тврдоглави, на крајот ќе ги избуткам зад планините.

Некогаш со тоа спасувам од полегнување поле со штотуку созреано жито, некогаш спречувам да им биде расипан денот на капачите покрај езерото, а некогаш му помагам (без тој да знае!) на некој амбициозен фотограф-аматер чијашто снимка со борови и карпи не би можела ни да заличи на уметничко дело кога над нив не би се вишел еден раскошен облак. Дотуркан тука од мене, се разбира.

Секако, не станува збор само за моќ за вршење на еден вид психолошко-физички притисок – јас носам со себе и прирачен материјал. Имам една доста силна свирка, а и две знаменциња во боја: едно жолто и едно зелено со црни риги. Тие ми овозможуваат да го определам правецот и силината на ветрот, а потоа, со помош на тие информации, да се справам со облаците. Притоа пиштам со свирката – тоа на некој начин помага.

Оние што ме набљудуваат додека работам сметаат дека со мене нешто не е в ред. Воопшто не ми е грижа за нивното мислење: јас знам дека сум корисен.

Извор: Седмата страна на коцката, Магор, Скопје, 2010.
Слика: Владимир Куш

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото