Ловци на пеперуги (1)

09.11.2018 21:50
Ловци на пеперуги (1)

Опашестата ластовичарка – Papilio Blumei – живее само тука, на индонезискиот остров Сулавеси и тоа само на одредена надморска височина. Нејзиниот планински дом е стрмна карпеста падина покриена со тенок слој влажна земја, каде секое придржување со рака и секој чекор можат да предизвикаат мал одрон. А некаде патем, меѓу долината и врвот, сè станува јасно: ете зошто се вредни одредени пеперуги. И затоа постои црн пазар за оние најретките.

Ловецот Јасмин Заинудин застанува за момент. Носи стап кој повремено го забодува во калта, за да испита. „Уште малку повисоко“, вели.

Јасмин го поминал целиот живот на овој остров и во текот на децениите создал комплетна мрежа доушници, превозници и ловци за да може пеперугите од локалните планински врвови да им ги достави на колекционерите ширум светот. Денешниот ден го започна во Масакар, град на југозападниот дел од островот. Со неколку помошници со комбе помина по кривулестиот пат најпрвин низ низинската жега, потоа низ џунглата, за најпосле да стигне до едно планинско село од кое патот кој продолжува е премногу стрмен и лизгав. Таму своите залихи и помошниците ги стави на задните седишта на шест мотоцикли, кои вообичаено ги возат момчиња. Друмот набрзо се претвори во тесна патека, која водеше до неколку висечки мостови преку кои можат да поминат само еден по еден мотоцикли, за на крајот да се стигне до следното село. Таму се истоварија сите, ги понесоа вреќите со ориз и вода и почнаа да се качуваат.

Патувањето е макотрпно. Но сега, по тестирањето на калта со стап, Јасмин со олеснување се смее и покрај тешкото дишење. „Блиску сме“, вели.

Планинската падина сега почнува да преминува во терасести оризови полиња, а над нив најпосле се покажува целта на патувањето на Јасмин. Тоа е колиба што ја направил самиот, издигната на столбови како мандра. Еден по еден, тој и неговите помошници се качуваат на трупец за да влезат внатре. Бидејќи сонцето заоѓа, Јасмин се оптегнува под колибата. Тој сега веќе е средовечен човек и носењето залихи му станува сè понапорно. Утре почнува вистинскиот лов, вели тој. Две жени, една средовечна и една помлада, подготвуваат вечера.

Секој збор што ќе го изговори Јасмин, секој предмет што ќе го допре, секој спомен на кој ќе се присети, сè е поврзано со пеперугите. Тој ги проучува, ги следи и ги лови уште кога како младо момче запознал некој странец. Сега и самиот плаќа цела армија момчиња опремени со фини мрежи за фаќање пеперуги. Сите тие заедно ја прават најниската скала на пазарот на пеперуги кои завршуваат во приватни салони и директорски канцеларии во далечните земји, во кои одредени колекционери плаќаат илјадници долари за примероци изложени под стакло.

Во полумракот двете жени му се смеат на испружениот Јасмин додека готват. Постарата се вика Муџијауна, која му е сопруга речиси 30 години. Постојано си се насмевнуваат еден на друг.

Јасмин станува и седнува. „Ти сигурно имаш жена?“, вели тој.

Тоа е првпат да разговара за нешто а тоа да не се пеперугите, а неговото прашање беше толку изненадувачко што ме збуни.

„Не“, велам. „Или барем не веќе.“

„Нешто ѝ се случило?“

„Да.“

Седеше во тишина за момент, а потоа повторно легна.

 

Пеперуга голијат се изведува во кујната на една туристичка куќа во Западна Папуа, Индонезија. Пеперугите се убиваат веднаш откако ќе се изведат за да се зачуваат нивите крила. Трговијата со ретки пеперуги – и легалната и нелегалната – е раширена на целата планета, од ловци и прекупувачи до колекционери.Колибата е сместена на западната страна од планината, така што следниот ден се разденува со тенок зрак светлина, кој се поместува од планинскиот раб и ниските дождовни облаци.

Јасмин вели дека сега веќе ретко се искачува до самиот врв, но денес ќе го испрати својот омилен ловец, младиот Арис, барем за еден дел од патот. Двајцата носат мрежи.

Покрај оризовите полиња се протега поток и тие го следат до една рекичка, по која продолжуваат да одат понатаму по планината. Јасмин зборува гласно зашто пеперугите се глуви за човечките гласови – но неговите очи ја читаат шумата како отворена книга. Среде папратите и лијаните по кои капе вода тој е во состојба да ја забележи и најмалата пеперуга која мирува од долната страна на листот. И секогаш вели: „Не. Премногу обична.“

Пред него пеперуги ловел и татко му, на почетокот од седумдесеттите. Живееле во селото Бантимурунг, кое 100 години претходно го посетил и познатиот британски натуралист Алфред Расел Волас. Тој го опишал Бантимурунг како „убава глетка, прошарана со групи весели пеперуги – портокалови, жолти, бели, сини и зелени – кои кога ќе се вознемират, одеднаш полетуваат во воздухот правејќи облаци од разни бои.“

Техниката на татко му била примитивна. Тој фаќал сè што лета во близина на нивната куќа и тоа им го нудел на странците кои го посетувале островот. Наскоро се покажало дека странците кои доаѓаат знаат за пеперугите многу повеќе отколку локалното население. На пример, кога Јасмин бил млад, еден француски колекционер му покажал стаклено ѕвоно во кое фаќал пеперуги со помош на етер. „Смртоносен ќуп“, вели Јасмин.

Набрзо потоа, како што вели, морале да се отселат заради еден владин проект, но чудниот ќуп му останал во сеќавање: долетувањето на пеперугите и лесното лизнување во вечноста.

Следната пресвртница во неговиот живот следела неколку години подоцна, во осумдесеттите. На Сулавеси пристигнала една помала група јапонски гости и почнале да се распрашуваат за пеперугите. Еден од нив, извесен г. Нишијама, кој зборувал малку индонезиски, го забележал момчето. Му се чинело дека Јасмин е бистар, внимателен и дека има вроден афинитет за пеперуги.

Во текот на двете наредни децении г. Нишијама доаѓал уште многу пати на островот и секогаш го ангажирал Јасмин за да му помага во експедициите во планините. Додека пешачеле, Јапонецот на Јасмин му го откривал целиот свет на пеперугите: како летаат, како се парат, како се одмораат; што ги привлекува, а што ги одбива. Дури многу години подоцна Јасмин дознал дека негов учител бил Јасусуке Нишијама, еден од најголемите азиски лепидоптеристи. Пишувал книги за пеперугите што ги пронаоѓале заедно.

Ловец од островот Бакан во Индонезија, ги сортира своите примероци кои ќе ги продаде на Бали. Оттаму пеперугите се извезуваат во цела Азија и им се продаваат на колекционери од целиот свет.

Јасмин покажува во правец на еден висок водопад. „Ене таму“, вели. Таму живее Blumei.

Арис продолжува да се качува. Тој како леопард потскокнува помеѓу влажните корења и камењата. Јасмин останува долу. Се повлекува во шумата, но веднаш се завртува; го задржува својот поглед полн со копнеж на маглата над водопадот. Отсутен, лесно мавта со својата мрежа, која лебди во воздухот како фина пајажина.

Се покажува дека овој водопад е само првиот во низа. Арис се искачува и на крајот се пробива низ облачињата на отворено небо окружено со високи крошни од џунглата. Запира и посегнува по дрвената триаголна кутија, која му виси околу половината. Од неа извлекува триаголно парче восочна хартија од која внимателно вади примерок од пеперуга каква што сака да најде. Papilio Blumei.

Нејзините крила изгледаат како да се од црн сомот, со по една сино-зелена линија како кај паунот. Обзема како скапоцен камен и веднаш ви е јасно зошто колекционерите од далечните континенти толку ја сакаат.

Арис пресекува едно гранче, не поголемо од кибритче, и го остри на врвот. На него закачува примерок од пеперуга за еден голем лист висок до над половината, а потоа се повлекува зад една карпа да посматра.

„Тоа е женка“, вели, климајќи со главата. „Ќе го привлече мажјакот кој бара партнерка.“

Се сместува во еден вдлабнат дел од карпата за да чека.

Вели дека и тој има партнерка и бебе. Живеат во колибата на Јасмин, а живеат од ориз и заработуваат од пеперугите. Тој и останатите ловци му носат пеперуги на Јасмин, кој им плаќа по неколку центи за секој примерок. Јасмин ги продава или на пазарот во Бантимурунг или на еден човек во Џакарта – индонезиски газда за трговија со пеперуги – кој потоа им ги продава на дилерите ширум светот. Додека дојде до својот конечен продавач, една blumei пеперуга може да чини и до 100 долари. Некои други пеперуги – особено видовите под меѓународна заштита – се продаваат по астрономски цени.

Бако Бугис се држи до својата миграциска шема од декември до март, кога преминува стотици километри за да ги следи пеперугите во зафрлените индонезиски шуми. Тој лови ретки „птичји крила“ – понекогаш наоѓајќи само една или две за една недела – за која дилерите плаќаат по 100 долари, а странските колекционери многу повеќе.

Идејата за трговија со пеперуги звучи старомодно, речиси викторијански, но интернетот овозможи модерен пазар. Британските власти во 2017 година првпат осудија човек за фаќање и убивање голема пеперуга hamearis lucina, една од најретките пеперуги во Велика Британија. Инспекторите го поврзале Филип Кален со онлајн аукциска сметка.

По долгогодишна истрага во Лос Анџелес, која ја спроведувала Службата за заштита на риби и дивеч со Соединетите држави, најпосле во 2007 година бил осуден Хисајоши Коџима, Јапонец кој себеси се опишувал како „најбаран криумчар на пеперуги во светот“. Тој на таен агент му понудил на продажба илегална колекција пеперуги вредна повеќе од четвртина милион долари. Тешко е да се утврди точната големина на денешниот глобален црн пазар за пеперуги, но проценките се движат и до повеќе стотици милиони долари на годишно ниво.

„Ги гледате ли пеперугите кога сте дома?“, ме прашува Арис.

Понекогаш, велам.

Моето родно место е Ферхоуп, Алабама, се наоѓа во центатот на миграциското движење на пеперугите монарси. Еднаш со жена ми и двете ќерки бевме во музеј каде го гледавме документарецот „Летот на пеперугата“, кој зборува за големата годишна преселба на портокалово-црните монарси, од Канада до централно Мексико и назад. Сите се заљубивме во нив и додека излегувавме од музејот, ќерките бараа да им купиме книги за пеперугите и играчки. Жена ми Никол купи обетки во форма на пеперугата монарх.

На Арис му се допаѓа идејата од филмот за пеперугите. Тоа го засмејува.

Затоа престанувам да зборувам. Не сакам да кажам дека Никол тогаш веќе беше болна од рак и колку се мачеше следните две години. Моите ќерки и сега понекогаш ги вадат нејзините обетки од кутијата и им се воодушевуваат кога ги гледаат во огледало. Тоа е евтина бижутерија, но тие секогаш ги држат како најскапа драгоценост.

„Ми недостасува жена ми“, вели Арис.

И мене мојата, велам.

Млада мајка на индонезискиот остров Сулавеси го сортира својот улов. Трговијата со пеперуги во својот оригинален извор претставува средство за егзистенција. Семејствата често во текот на една сезона обработуваат земја, а потоа, следната сезона ловат пеперуги. За секој примерок заработуваат по едно или две пенија.

Седиме долго. Со часови. Фаќањето пеперуги е осамена работа. А потоа Арис покажува со прстот кон небото: „Погледнете“.

Високо меѓу крошните – повисоко отколку што јас некогаш би се искачил за да барам пеперуги – се гледа синкасто треперење, како некој да истурил конфети. Пеперугата лесно се спушта со неправилно движење по индиректен пат кон поставениот мамец. Дури кога ќе пријде поблиску, согледувам колку се разликува од мамецот. Целата се прелева во бои, не во еден тон туку во повеќе тонови. Нејзината боја има четврта димензија; како што се движи, бојата се менува во зависност од аголот на нејзините крила во однос на сонцето.

Научниците веќе со години се обидуваат да го копираат овој квалитет на пеперугата blumei. Во 2010 година, тим британски научни истражувачи се обиде да ја опише нејзината суштина во списанието Пиродна нанотехнологија: „Иако физиката на структуралните бои е добро позната и натаму е проблем да се создадат вештачки копии на природните фотонски структури. За таа цел се користи комбинација од техники за поставување слоеви, вклучувајќи и колоидно самоорганиизрање, прскање и депозиција на атомски слој, за да се создадат фотонски структури кои го имитираат ефектот на прелевање бои како на крилата на индонезиската пеперуга Papilio Blumei.“

Сето тоа заедно – треперливата атомска убавина – може да се види кога пеперугата слетува. Накратко, затоа што е жива.

И додека пеперугата се движи кон својата потенцијална партнерка, полетува мрежата на Арис и ја голта цела, како некој провиден предатор.

Тоа е мачна глетка. За момент заборавив на мрежата.

Лицето на Арис сјае од среќа. Тоа е и разбирливо – со големо трпение и вештина штотуку ја зграби наградата со која ќе може да им обезбеди храна на својата жена и бебето. Внимателно ја става раката во мрежата и ја зема во раце. Додека ги придржува крилата со палецот и показалецот на едната рака, со другата накратко ја прободува пеперугата и таа умира.

Потоа го зема мамецот и заедно со новиот примерок го става во мал триаголен коверт од восочна хартија, а потоа го враќа во кутијата. Потоа продолжува свиркајќи.

Додека се спуштаме од водопадот, тешко е да се заборави моментот кога blumei престана да се движи. Остана да биде убава и потоа, но во тој момент одеднаш исчезна целата негова четиридимензионалност. Стана само скапоцен камен или дамка од боја.

Но чувствувам повеќе сожалување за другите отколку за пеперугата, за оние кои на крајот ќе ја закачат на ѕид или ќе ја чуваат на маса. Таа личност никогаш нема да знае колку била прекрасна додека била жива.

Од невпечатливи нијанси до живи бои. Варијациите кај примероците „птичјо крило“ – последниот стадиум на метаморфозата од кој се создава крилестата возрасна пеперуга – ја имитираат вегетацијата што ги опкружува гасениците. Овие примероци се од Камбоџа.

Кон вториот дел.

Фотографии: Евгенија Арбугаева

Извор: National Geographic

ОкоБоли главаВицФото