Изложба на Станимир Неделковски во Музеј на град Скопје

10.11.2018 02:02
Изложба на Станимир Неделковски во Музеј на град Скопје

Изложба: Станимир Неделковски / Регистратура: актуелни состојби - инакви значења

Отворање: понеделник, 12. 11. 2018 во 20:00 часот во Музеј на град Скопје

Изложба на 50 фотографии кои за тема ја имаат состојбата на јавните споменици и спомен обележја кои обележуваат настани, личности и места поврзани со НОБ и работничкото движење во Скопје, подигнати во периодот 1945 - 1990.

Намерата е критички да се разгледа состојбата на овие споменици и да се презентира возбудлив фотографски есеј за нив.

Епохата на Втората светска војна за нас, заедно со годините непосредно пред и по неа, дефинирана со релативно автохтоната народноослободителна војна на страната на антифашистичката коалиција, создавањето на државноправниот ентитет - Македонија (федерална единка во новата социјалистичка Југославија) и конституирањето на целосно заокружен национален ентитет - Македонци, недвосмислено претставува најзначаен НАСТАН во целокупната историја на нашиот народ. Таа е стожерен пункт што ја одредува нашата сегашност и иднина.

Намерата на проектот на Станимир Неделковски, „Регистратура: актуелни состојби - инакви значења“ е да направи збирна претстава за тоа во каква состојба се наоѓаат спомениците од овој период во Скопје и кое е нивното претпоставено значење во новото просторно, но и општествено опкружување или, со фотографски речник, да документира она што се наоѓа пред него и таквата документација да ја презентира на јавноста. Местото на презентацијата и каталогот на проектот го формираат одделот Регистратура кој треба да ја меморира и индексира нашата актуелна општествена состојба.

Особеност на фотографскиот пристап на Неделковски во реализацијата на неговите фотографски проекти е определен со неекспресивен пристап кон мотивот што го интересира. Тој нему му пристапува во некаков првичен однос, во некаква фронталност која сака да го сведе на некаков соодветен идеограмски знак за самиот него. Тој на објектот му приоѓа со намера да го слика „како за лична карта“. Да го регистрира во неговата легитимациска особеност.

Фотографиите на Неделковски имаат „тивки“ толкувачки потреби. Тие упатуваат, навестуваат, покажуваат, гледаат кон нешто што е пред нив. Во тој и таков однос е веројатно нивната сила да траат како фотографски документ за времето за кое сведочат. Тоа се фотографии што на гледачот му нудат активен однос со она што на тие фотографии може да се види. Тој со нив мора да стапи во некаква толкувачка релација.

Слични содржини

Фотографија / Култура / Уметност / Настан / Око

ОкоБоли главаВицФото