Идентитетот не се менува, тој останува македонски

10.11.2018 02:15
Идентитетот не се менува, тој останува македонски

Претседателот на Владата Зоран Заев на стартот на дебатата за уставните амандмани во Комисијата за уставни прашања (07.11.2018), одговарајќи на забелешките на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ го искажа и следниот став кој го сметаме за вистинит:

Географската додавка Северна е цената која Македонија ја плаќа за влез во ЕУ и НАТО, но идентитетот не се менува и останува македонски.

[Извор: Сакам да кажам, датум: 07.11.2018]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

На седницата на Комисијата за уставни прашања (07.11.2018), каде започна расправата за амандманите за измени на Уставот согласно Договорот од Преспа за решавање на спорот за името со Грција, премиерот Зоран Заев, реплицирајќи му на пратеникот Трајко Велјаноски од ВМРО-ДПМНЕ, рече дека со ваквите уставни корекции не се менува идентитетот и тој останува македонски. Оваа негова изјава е вистинита.

Дека е тоа така може да се види ако се погледне соджината на Договорот со кој се решава повеќедеценискиот спор за името, кој на 20.06.2018г. беше ратификуван и во Собранието на РМ. Во овој документ со кој новото име на државата е „Република Северна Македонија“, за севкупна употреба со превод на сите јазици, нема ниту една одредба со која се загрозуваат македонскиот идентитет и македонската посебност, ниту пак, се бришат термините „Македонија“ и „македонски“.

Напротив, со членот 7 (став 3) од Договорот се гарантира македонскиот идентитет и правото да се определуваме како Македонци.

Во однос на Втората страна, овие термини (Македонија“ и „македонски“ , н.з.) ја означуваат нејзината територија, јазик, народ и нивните одлики, со нивната сопствена историја, култура, и наследство кои се особено различни од оние кои се наведени во член 7, став (2).

Па зборувајќи токму во оваа насока, премиерот и во обраќање и во репликите до пратениците од опозицијата, повеќепати повтори дека со устваните амандмани направени согласно Договорот од Преспа термините: Македонец, македонска, македонски, се трајно заштитени и никој повеќе нема да може да ги негира или оспорува. Притоа, во име на интеграцијата на Македонија во НАТО и ЕУ, Заев барајки поддршка од сите пратеници, нагласи:

Амандман 36. Со овој амандман ќе се преформулира сегашниот член 49, и во него ќе стои дека Република Македонија го штити, гарантира и негува историското и културното наследство на македонскиот народ.

Со новата формулација на член 49 се даваат гаранции за заштита на македонскиот идентитет. Идентитетот на Македонскиот народ е заштитен. Нема да има никакви промени во идентитетот. Се внесува обврска во Уставот за заштита и негување на македонскиот идентитет. (Заев).

Инаку, иако фактите говорат дека Договорот за решавање на македонско – грчкиот спор за името не задира во идентитетските прашања на Македонците, претставниците на опозицијата во изминатиот период од потпишувањето на Договорот од Преспа (17.06.2018), постојано ја спинуваат вистината и критикуваат дека со „Договорот со Грција ја брише Македонија и го менува нејзиниот идентитет“. Тврдењето е неточно, но за жал, е податливо за манипулации и за купување дневно-политички поени.

ИЗВОРИ:
• Сакам да кажам ( 07.11.2018): АСНОМ не се брише од Преамбулата, со договорот индентитетот е загарантиран, рече Заев на собраниската расправа за уставните измени [Пристапено на: 08.11.2018]
• Тајм.мк (07.11.2018): Заев: Додавката „северна“ е цената за влез на Македонија во ЕУ и НАТО[Пристапено на: 08.11.2018]
• Влада на РМ: (14.06.2018): Конечна спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Светот за безбедност на Обединетите Нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 г. и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните [Пристапено на: 08.11.2018]
• Тајм.мк ( 17.06.2018): Во Преспа потпишан договор меѓу Македонија и Грција [Пристапено на:08.11.2018]
• Канал 5 (07.11.2018): Заев: Со нацрт амандманите се внесува обврска за заштита и се гарантира македонскиот идентитет [Пристапено на: 08.11.2018]
• Влада на РМ (07.11.2018): Премиерот Заев пред Уставната Комисија во Собранието: Со нацрт амандманите се внесува обврска за заштита и се гарантира македонскиот идентитет [Пристапено на: 08.11.2018]
• Веб-страница на ВМРО-ДПМНЕ (05.09.2018): Договорот со Грција ја брише Македонија и го менува нејзиниот идентитет [Пристапено на:08.11.2018]
• Денешен (20.07.2018): ВМРО-ДПМНЕ: Договорот со Грција е штетен и капитулантски, затоа во референдумското прашање Заев бара помош од НАТО и од ЕУ [Пристапено на:08.11.2018]

_____________________________________

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Извор: http://vistinomer.mk/