Фрагменти за самотијата

10.11.2018 12:11
Фрагменти за самотијата

Да биде сосема свој, смее секој сѐ додека е сам: значи, кој не ја сака самотијата, тој не ја сака ни слободата, затоа што слободни сме само тогаш кога сме сами. Неприродноста е нераздвоен другар на секое општество, и секое општество си бара жртви, кои паѓаат дотолку потешко колку што е сопствената индивидуалност на еден човек поголема и позначајна. Според тоа, секој во точен размер според вредноста на своето јас ќе ја избегнува самотијата, ќе ја поднесува, или ќе ја сака. Затоа што во неа оној што е беден ќе ја почувствува сета своја беда, големиот дух сета своја величина, секој чувствува она што е...

Таканареченото „добро општество“ ја признава силата и секаков вид дарови, само не даровите на умните; тие дури се сметаат и како нешто што е прокриумчарено. Тоа нас нѐ обврзува да покажеме безгранично трпение кон секоја лудост, будалаштина, глупост, тапост, ама, напротив, личните предности мораат за себе да испросат прошка или да се сокријат, зашто умната надмоќност веќе со самото постоење ги навредува, па ни најмалку не е потребно уште и намерно да се навредуваат. Според тоа, општеството што го нарекуваме „добро“ ја нема само таа лоша страна што нуди луѓе што не можеме да ги сакаме и фалиме, туку не дозволува ни ние самите да бидеме такви какви што бара од нас нашата природа; дотолку повеќе, тоа нас, заради хармонија со другите, не принудува да се згрчиме или дури да се унаказиме. Духовитиот говор или духовитите забелешки се само за духовито општество: во обичното општество ги мразат тие работи; кој сака на таквото општество да му се допадне, нему првата должност му е да биде плиток и ограничен...

Секој човек може да биде во потполна согласност само со самиот себе, ниту со пријателот, ниту со својата љубена, зашто разликите во индивидуалноста и расположението донесуваат секогаш, колку и да е мала, дисонанца. Поради тоа вистинската, длабока мирнотија на срцето и потполното душевно спокојство, тоа веднаш по здравјето најголемо земско богатство, може да се најде само во самотијата, а како трајно расположение, само во најдлабоката повлеченост. Ако нашето сопствено јас е големо и полно, тогаш ја уживаме најсреќната состојба што на оваа кутра Земја може да се најде. Дотолку повеќе, да кажам отворено: макар колку тесно луѓето да врзуваат пријателство, љубов и брак, сепак, на крајот на краиштата, секој човек само себеси самиот си е искрен пријател или најмногу на своето дете. Колку му е некому, поради објективните или субјективните услови помалку потребно да доаѓа во допир со луѓето – толку му е подобро. Самотијата и повлеченоста даваат прилика нивните мани одеднаш, ако не ги почувствуваат, тогаш барем да ги прегледаат; напротив, општеството е подмолно: тоа под забавата, дрдорењето, општественото уживање крие големи, често неизлечиви зла. Она што младите треба најпрво да го научат, тоа е да научат да се носат со самотијата, зашто таа е извор на среќата и на општественото спокојство...

На човекот што е интелектуално повисоко од другите, самотијата му нуди двојна корист: прво, што е сам, и друго, што не е со другите. Оваа последнава високо ќе ја цениме, ако само се сетиме колку неприродност, тешкотии, па и опасности ваквото дружење носи со себе. „Сето наше зло потекнува оттаму што не можеме да бидеме сами“, вели Лабриер. Дружељубивоста спаѓа во најопасните, можеби дури и убиствени склоности, затоа што нѐ носи во допир со луѓе од кои повеќето се морално расипани, а интелектуално тапи и изопачени. Недружељубив е оној кому таквите луѓе не му се потребни. Да се има во себе самиот толку, што општеството ќе стане непотребно е веќе голема среќа, затоа што речиси сите наши страдања потекнуваат од општеството, и душевното спокојство, кое по здравјето е најбитниот елемент на нашата среќа, во секое општество е изложено на извесна опасност, и според тоа, тоа не може да постои без самотија во голема мера...

Малото дете крева ужасна врева штом ќе го остават неколку минути само. За детето самотијата е голема казна. Младите лесно се здружуваат; само оние меѓу нив што се поблагородни и подоблесни ја бараат самотијата, ама сепак им е тешко сами да минат цел еден ден. Напротив, на човекот тоа му е лесно: тој може веќе долго да биде сам, и тоа како што старее, сѐ повеќе. Старецот, кој останал сам од исчезнатите генерации, а притоа и изгубил волја за уживање во животот или изгубил способност, го наоѓа во самотијата својот вистински елемент...

Самотијата е судбина на сите значајни духови; тие во неа понекогаш ќе воздивнуваат, ама секогаш, како помалото од двете зла – ќе ја одберат...

На оној што, особено во младите години, колку и да го отерала во самотија праведната омраза кон луѓето, сепак не може подолго време да ја поднесе нејзината празнина, нему, значи, му советувам да се навикне дел од својата самотија да понесе со себе во општеството, да научи, значи, и во општеството донекаде да биде сам; да не го зема здраво за готово она што тие го велат; и, дотолку повеќе, ни морално ни интелектуално да не очекува многу од нив, па според тоа, во поглед на нивните мислења, да ја зацврсти во себе онаа потребна рамнодушност, која е најсигурно средство човек да стане пофално толерантен. Тогаш тој нема, иако е покрај нив, да биде сосема во нивно друштво, туку ќе се држи, односно нив ќе ги држи, чисто објективно; тоа ќе го сочува од блискиот допир со општеството...

Извор: filozofskim.blogspot.com
Слики: Alphonse Osbert

ОкоБоли главаВицФото