Ненадејно

10.11.2018 13:00
Ненадејно

Штом ќе го вратат од градинка, уредно си ги мие рацете пред да седне да појадува, си го подготвува домашното, ја става тетратката во ранецот, грижливо си подготвува сендвич за по пат, се поздравува со дедо си и тргнува кон дома. Штом стигне, веднаш ги вади белешките од ранецот и ги става во патничката торба, во која става и облека, несесер со паста за заби и пена за бричење, ја пали колата и тргнува кон железничката станица. Купува цигари, купува билет и зачекорува кон пероните. Чека долго време, но најпосле влегува во воз. Во купето го обвива топлина и задремува. Штом возот најпосле застана, две девојчиња трпеливо го чекаат да се спушти по стрмните скалила, за да можат и тие да слезат. Зачекорува со болка во нозете, фаќа такси и тргнува кон старечкиот дом. На оддалеченост од околу сто километри, додека неговата ќерка го полева цвеќето, неговиот внук гледа збунето во една неопределена точка и не знае што чувствува. Само што му јавија дека починал дедо му. Ненадејно.

Извор: Очудувања #1 и #2 (кратки раскази), Бегемот, Скопје, 2018
Слика: Nikolaos Gyzis

 

 

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото