Ловци на пеперуги (2)

11.11.2018 01:18
Ловци на пеперуги (2)

Во неколкуте наредни денови ловците на Јасмин во колибата му носеа примероци за инспекција. Доаѓаа од сите правци, понекогаш наутро, понекогаш во мракот.

Главно носат дневни, но понекогаш и ноќни пеперуги и останати инсекти. Една вечер додека заоѓаше сонцето, неколку ловци седеа и разговараа на високата веранда на Јасмин. Одеднаш, еден од нив, постар човек, стана, ја грабна својата мрежичка и скокна од тремот на земјата. Останатите навиваа додека тој трчаше низбрдо, мавтајќи со мрежата кон темната, едвај видлива силуета во воздухот.

Се врати и сите го разгледуваа неговиот улов. Тоа е пеперугата „птичјо крило“, редок и заштитен вид.

„Сè уште е млада“, вели Јасмин.

Дури и таква, веќе е огромна, покрива цела човечка дланка. Крилата му делуваат едноставно и замачкано, сè додека Јасмин не го одвои предното од задното крило, откривајќи прекрасна жолта боја. Лента скриена убавина.

Луѓето слават. „Птичјото крило“ добро ќе се продаде, дури подобро од blumei. Не кажуваат зошто. Blumei е заштитена и не смее да се лови во националниот парк Бантимурунг Булусараунг, додека ловењето на „птичјото крило“ е забрането секаде. Тоа значи дека ќе мора да оди на црниот пазар.

Следниот ден Јасмин се спушта од планината на пазарот надвор од Паркот Бантимурунг. Сега тој и неговите помошници се враќаат по истиот долг пат: најпрвин низ планинската падина, потоа со мотоцикли преку висечките мостови, па со комбе и на крајот повторно по вжарената рамница.

Паркот Бантимурунг може да се види на оддалеченост од повеќе километри. Тој е дел од една од најголемите карстни формации во светот, создадени кога се измиле варовникот и земјата и оставиле големи камени конуси и кули кои се издигнуваат и доминираат над околината. Коридорите помеѓу нив се извиваат и понираат, понекогаш под земјата и избиваат таму каде што сè уште лесно ги длабат древните водопади.

Пазарот се наоѓа на самиот влез во Екотуристичкиот парк Бантимурунг, предворјето на националниот парк. За разлика од тивката самотија на ловците на пеперуги кои ги поставуваат своите замки во планинската магла, пазарот е динамичен и разнобоен како карневал. Продавачите постојано извикуваат: „Купукупукупу-купу!“ – „Пеперуги! Пеперуги!“, додека толпата луѓе се провлекува низ редовите тезги. Постојат два вида посетители. Првите се туристи кои носат маици со пеперуги и пијат од шолји со пеперуги. Тие грицкаат слатки во форма на пеперуга под чадори со пеперуги. Втората група главно се луѓе во закопчани кошули – дилери кои дошле за бизнис. Тие ги разгледуваат тезгите на кои се изложени илјадници пеперуги, некои врамени, некои во кутии.

Индонезиските прописи кои се однесуваат на ловењето, продажбата и извозот на пеперуги се комплицирани и полни со исклучоци, кои дозволуваат дури и загрозените видови, одгледани за комерцијалниот пазар, во одредени случаи да може да се продаваат. Но како да се разликува дива пеперуга од онаа која е одгледана на фарма?

Го прашувам Јасмин додека се движи меѓу тезгите: Дали постои дел за легална трговија и дел за црниот пазар? Ги собира рацете и ги испреплетува прстите и дланките, со што сака да каже дека и пазарите се испреплетени.

Дали би ми покажал заштитен вид ако го види на тезга?

Клима со главата и благо се насмевнува, а потоа оди од тезга до тезга допирајќи ги рамките со пеперуги. „Оваа“, вели. „Оваа... оваа... оваа... оваа... оваа... оваа... оваа...“ Покажува со прстот на речиси половина од пеперугите.

Кога луѓето со закопчани кошули се сериозни купувачи, тие се завлекуваат во просториите зад тезгите за да преговараат за бизнис. Јасмин е сериозен. Во просторијата зад тезгите еден друг човек му покажува неколку кутии полни со триаголници од восочна хартија. Тие пеперуги го започнале своето патување во мрежите на момчињата од далечните острови, потоа се префрлени со комбиња кои ги возеле прекупците и најпосле стигнале тука – купишта пеперуги, чекаат купувачи од далечниот прекуокеански свет.

Дали Владата навистина знае за оваа трговија?

Јасмин повторно благо се насмевнува и приоѓа до прозорецот покажувајќи кон толпата: „Погледни... погледни... погледни“, вели. Ми ги покажува луѓето во полициски униформи, кои делуваат сосема смирено.

„Да ти покажам нешто“, вели тој.

Трговец со пеперуги во Западна Папуа привлекува ноќни пеперуги за еден јапонски колекционер така што прави замки со бели чаршави и силни светла. Трговецот ги најмува селаните да одгледуваат пеперуги и да работат како водичи. Тоа што им обезбедува работа не е лошо за локалната економија, но им штети на напорите на заштитниците на природата.

Влегуваме во паркот, каде здогледуваме еден избледнет хотел, природен воден тобоган и туристички водичи кои водат групи кон подземните пештери. Пеперугите ја украсуваат сета површина, сè до самите тротоари, но нема да видите ниедна вистинска пеперуга која би летала наоколу. „На Владата не ѝ е грижа“, вели Јасмин.

Ми покажува една зграда. „Тука беше мојот дом кога бев мал.“ Екотуристичкиот парк Бантимурунг, вели, бил владин проект заради кој неговото семејство било иселено кога бил мал.

Оди подлабоко во Националниот парк, покрај својот некогашен дом, покрај стаклениот терариум во кој некогаш се чувале пеперуги, а сега е празен. Зад аголот и низ еден тесен премин, далеку од турканиците, почнува да чекори побавно и да зборува потивко.

„Тоа е моето семејство“, вели. Застанува пред нешто што изгледа како мала градина украсена со големи камења. Не можам веднаш да поврзам за што станува збор зашто туристите врескаат гласно во водениот парк. Ми треба малку време за да сфатам што значат тие камења.

Тоа се гробни споменици.

По враќањето дома Јасмин си игра на подот со неговата внука. Вели дека би сакал и син му да појде по неговите стапки во бизнисот со пеперуги, но момчето не покажува интерес.

Додека тие си играат, ја прегледувам мапата на ова подрачје. Сфаќам дека Националниот парк Бантимурунг Булусараунг е многу поголем отколку што мислев. Многу поголем.

Како беше името на најблиското село покрај колибата?

„Лаија“, вели.

Малечкото село Лаија се гледа и на мапата – во подножјето на планината. Длабоко во Националниот парк.

Значи дека сите пеперуги кои ги донеле тој и неговите ловци се уловени нелегално.

Слегнува со рамениците. „Додека има шума ќе има и пеперуги“, вели.

Тој смета дека тие се негова сопственост зашто неговото семејство потекнува оттаму. Според неговото мислење, државата му ги земала правата што ги имал со раѓање и тој сега си ги враќа.

Но, кога секој би правел така, почнувам... И првпат видов дека Јасмин се накострешува.

„Додека има шума“, повторува. „Но шумата ја одземаат.“

Го крева показалецот, сега веќе е лут, и почнува да ги набројува научните имиња на пеперугите. Избирам едно – Iksias piepersi – и го барам во неговите илустрирани книги. Таа пеперуга не изгледа посебно, само е жолтеникава и малечка. Но овие пеперуги живееле само во еден тесен појас на брегот помеѓу Бантаенга и Булукумбе на јужниот дел од островот. Сега рибниците го уништија нивниот дом, вели Јасмин, и тој се плаши дека ќе изумрат.

Сега очите на Јасмин се влажни. „Никој не ги сака купу-купу повеќе од мене“, вели. „Погледнете го мојот дом. Погледнете наоколу.“

На неговите чаршафи се извезени пеперуги, а тие се насликани и на декорот. Има потпишани книги од господинот Нишијама на јапонски и англиски јазик кои не може да ги чита, но ги гледа и заедно со својот внук често ги прелистува. Дури и циглите на ѕидовите се обликувани во препознатливите крила.

Нема ниеден дел од домот на Јасмин, како и од неговиот живот, кој не е допрен од пеперугите.

Скулптура на пеперугата Папилио blumei – симболот на локалната гордост – е поставена над влезот во Екотуристичкиот парк Бантимурунг. Националниот парк, основан 2004 година, помага во решавање на проблемите во врска со уништувањето на живеалиштата и употребата на пестициди, но е соочен и со проблемот на криволовот.

Тешко е да се каже зошто пеперугите предизвикуваат таква опсесија. Зошто викторијанските колекционери биле луди по нив и зошто јапонските деловни луѓе им посветуваат цели соби? И зошто големиот романописец Владимир Набоков ги проучувал до микроскопски детали целиот свој живот? „Фаќав пеперуги со разни форми и во разни поднебја“, напиша во „Зборувај, сеќавање“ – „како убаво момче во широки панталони и со морнарска капа; како висок и слаб космополитски иселеник во фланелни панталони и со беретка; и како дебел гологлав старец во шорц.“

Мислам дека нивната неминлива привлечност лежи во нивната минливост. Како онаа blumei која Арис внимателно ја прободе на врвот на планината Сулавеси, изгледа дека тие постојат на самиот раб на непостоењето, дека само лебдат од оваа страна на мртовечкиот вел. Толку се деликатни што во животот се недостапни, а во смртта недоволни.

Деликатните препарирани експонати ги привлекуваат колекционерите во париската продавница Дерол уште од 1831 година. Приближно тогаш собирањето пеперуги земало замав во Европа, кога лепидоптеристите почнале да трагаат по примероци во целиот свет. Денес колекционерството од тој вид особено е популарно во Јапонија.

Кога пролетта се вратив дома во Алабама, мојата помлада ќерка еднаш додека се возевме ме праша: „Знаеш што сакаше мама отсекогаш да направиме?“

Таа сега има 11, а веќе 4 години живееме вака сами, без мама. Четири години се извлекував од прашањата како што е ова. Ме потсетуваа дека не најдов нова партнерка и дека моите девојчиња немаат мајчинска фигура; ме потсетуваат и на сè останато што не направив или што не можам да направам или сум премногу изморен за да се обидам вака сам.

Но не смеам да дозволам таа да го забележи тоа, па велам: „Не знам, што?“

„Градина со пеперуги.“

„Добра идеја“, велам. А потоа си велам на себеси: Навистина е добра идеја. Можам да го направам тоа.

Така, избравме место во дворот, ископавме неколку дупки и во нив засадивме растенија и цвеќиња кои ги сакаат пеперугите монарси. Особено Lantana kamara и Bulbine frutescens.

Кога посадивме сè, отстапивме еден чекор за да видиме како изгледа. Мојата постара ќерка рече: „Не е лошо. Се надевам дека ќе дојдат.“

Ќе дојдат. Само треба да почекаме да се смени годишното време. Ѝ го кажав тоа. И деновите некако веќе станаа потопли.

Колекционерите и трговците купуваат и продаваат примероци од пеперуги од Африка, Азија, двете Америки и останатите краишта од светот на годишниот саем за инсекти во Токио, кој нема своја веб страница, но ги привлекува ентузијастите од целиот свет. Меѓународниот пазар на пеперуги, како и самите инсекти, е тивок и тешко е да се разоткрие. Се проценува дека годишниот обрт на саемот е стотина милиони долари.

Крај.

Кон првиот дел.

Фотографии: Евгенија Арбугаева

Извор: National Geographic

ОкоБоли главаВицФото