'Вкусови за вечера' или Ептен нискобуџетен sci-fi скоро за беспари

12.11.2018 01:15
'Вкусови за вечера' или Ептен нискобуџетен sci-fi скоро за беспари

‘Гладна сум. Ај да исчиламе на некое потивко, интимно место. Нешто атмосфера.’ – и велам на другарка. Од умор и непосебна мисла се сместуваме во П. Т. ресторан што во расплетот смрди на агресија. Ако не им е погоден денот на некои од вработените може да ви мавнат и по некој шамар. Можеби атмосферата што ја баравме е haunted house. Можда се abducted.

Покрај нас поминуваат двајца мажи од тие abducted type и буткаат едно дете кон WC-то. Се слуша пискот. Скокнуваме инстинктивно. Во просторот зад ресторанот the moody, abducted келнер крши едно мало Ромче од мавање. Од друга планета е, да му ја ебеме мајката - и продолжува да го шутира. Околу стојат дони во бели капи и подвикнуваат по некое ‘Само полека, да’н’с повредиш’ на мажот, не на детето.

Детето зема камен за одбрана, во паника. Ги разделуваме и го разубедуваме да го остави. Само што се смирува ситуација the abducted го легнува на земја со по уште неколку клоци. Одвај се разделуваат со дополнителна помош. The abducted продолжува да се растекува по другарка ми: ‘Јас сум овде менаџерот; јас сум овде маж, на, гроф, гроф, бреф, оој и оној; не знаете претходно што направи детево.’

Викаме полиција. Полицијата доаѓа после тресетина накај 40 минутки: ‘Ау, детево, не знаете што правеше детево претходно’. Пак го прашуваме детето, што направило: ‘Мене цело време вака ме тепаат, влегов да земам шо останало пица, гладен бев’. ‘Оставете тоа’- вели полицаецот, ‘на лепак е детево, го собравме во станица, во џебот имаше нож, му фали нешто, не е добро со умот; една казна за мајката, втората повелете изјави за сведоштво на овој настан’ - ни препорачува полицаецот.

Излегува Бреф-гроф-гроф. ‘Здраво, јас сум човек’, им вели на цајканите. ‘Не, он е бреф-гроф-гроф’ појаснуваме ние потресени. Полицајците телепатуваат молк. Бреф врти грб. Наметката низ ветар: ‘А сега, јас имам работа, морам да се вратам. И да си го платите оброкот’; подзастанува, повторно се врти: ‘а за претрпениот стрес, хахаха (под-тон), па требаше да си знаете, секој пат кога излегувате од дома, спремни со екстра заби за рж’- не, не, не го кажа ова, премногу зборови се ова, рече ‘јас за разлика од вас сум културен’ и пишува прекршочна за навреда и нарушување на јавен ред и мир на другарката зашто се случувале навреди додека тој крвнички го шутирал детето.

Можеби е добро остатоци од храна да не се фрлаат. Можеби може да има некаков систем каде рестораните ги оставаат остатоците на место каде можат да се послужат оние на кои им е потребно тоа во моментот... И така, тоа беа ете, едни од најлошо потрошените 120 денари.

Одиме понатаму, изѕемнети од чекање. Денеска решив да одам на спорт и рекреација, да се опуштам, членската по втор пат истечена. Уште неколку низ сифон. Ме превезува другар кон дома. Трета шанса да се најадам, извежбам или некаква поента. Не јадам месо, освен во радикални прилики на впиена агресивност, изгладнетост до глад, како оваа.

Се паркираме. Другарот објаснува дека порано на тоа место миеле коли. Сега е ново нешто таму, друг угостителски G. B. и се додека е ново е добро, оп, е, ете, веќе не е, на средина влакно засукано во месото. Уште 150 денари.

Излегувам од кола, два чекори растојание до влез. На јазикот кисело од воздухот, во воздухот некаква верзија на цијанид, матно, темно, железно-сиво. Кашлам до повраќање. Не се предавам, можам, можам јас. Стигнувам дома и се спружувам на кауч. Низ стаклената врата од тераса приметува: ‘упм, ук, сум ги заборавила алиштата на тераса, кородирање’ и продолжувам да медитирам на мислата ‘транзитираме транзиции во трансцендентност’ врз чирот на желудник во активација.

Сајфајов и не е баш нискобуџетен.

Image: Anselm Kiefer

Слични содржини

Активизам / Став / Живот
Активизам / Став / Живот
Активизам / Став / Живот
Активизам / Став / Живот

ОкоБоли главаВицФото