Европа е идеолошки поделена

12.11.2018 00:59
Европа е идеолошки поделена

Ѕидот кој ја делеше Европа до 1989-та, физички одамна исчезна. Културолошки и натаму постои, или барем постојат делови од ѕидот, кои не исчезнаа и покрај прометниот сообраќај на границите. Така барем покажува студијата на американскиот истражувачки центар Пју, кој ги презентираше ставовите на Европејците за неколку прашања за кои во моментов се дебатира во европската јавност. Тука се вбројуваат ставот на Европекците кон муслимани и Евреи, кон истополови бракови, ставот за абортус или пак односот кон сопствената култура.

Поделбата меѓу Западот и Истокот е јасна, на пример во ставовите на анкетираните кон муслиманите. Најголема подготвеност да ги прифатат како дел од семејството, на пример преку брак, покажуваат Норвежаните. 82 проценти прашањето го одговориле со „да", а веднаш зад нив се Швеѓаните со 80 проценти и нешто помалку Финците - со 66 проценти. Слично отворени се и Холанѓаните и Белгијците со 88 и 77 проценти. Шпанците (74 проценти) и Французите (66 проценти) покажуваат исто така високо ниво на толеранција.

Германија со 55 проценти е во средината, слично како и Австријците и Швајцарците. Во источното соседство пак, толеранцијата е драстично помала. Па така, само една третина од Полјаците може да си замислат да имаат муслимански роднини. Меѓу Унгарците тој процент е 21, а кај Чесите само 12 проценти. На југоистокот и истокот пак, повторно расте подготвеноста. Половина од Хрватите (57 проценти) и половина од Словаците (47 проценти) може да си замислат да имаат роднини муслимани. Воздржани се Бугарите, Романците, Грците и Русите, каде само една третина одговориле со „да“.

Однос кон сопствената култура

Испитаниците од сите земји се поотворени кон Евреите. Еврејски роднини, според извештајот на Пју, најмногу можеле да си замислат Холанѓаните со 96 проценти, па Норвежаните со 95 проценти и Данците со 92 проценти. Во Германија, земјата која е одговорна за истребувањето на европските Евреи, две третини (69 проценти) може да си замислат да имаат Евреи во семејството. Најмалку позитивни одговори имало во муслимански обележаната Босна и Херцеговина, каде само 37 проценти одговориле со „да“.

Во западните и источните земји има разлики и во однос на прашањето за односот кон сопствената култура. Најмногу афирмативни одговори на прашањето дали сопствената култура е супериорна во однос на туѓите имало во Русија со 69 проценти и Романија со 66 проценти и Бугарија - 69 проценти. Уште посамоуверени се Грците, со 89 проценти „за“. Сопствената култура најмалку си ја ценат Шпанците со 20 проценти, Белгијците со 21 проценти и Холанѓаните со 31 процент.

Во Франција една третина (36 проценти) ја сметаат нивната култура за супериорна. Во Германија се 45 проценти, а Полска и Чешка - речиси 55 проценти. Словачка и Унгарија со 44 и 46 проценти имаат умерено позитивен став кон сопствената култура.

Многу идеолошки јазови

Јасна е дистанцата меѓу Запад и Исток и по прашањето за хомосексуални бракови. Најголема поддршка имаат во Шведска, Данска и Холандија, со 86 - 88 проценти. Натаму следат другите западни земји, меѓу кои и Германија со 75 проценти. Франција со 73 проценти и Шпанија со 77 проценти. Меѓу централноевропските земји води Чешка со 65 проценти. Во Полска пак, речиси две третини (59 проценти) одбиваат истополови бракови. Уште повисок е процентот на негативни одговори во Романија со 74 проценти и Бугарија со 79 проценти. Врвот на одбивањето е во Босна и Херцеговина, каде 84 проценти се против, во Литванија - 85 проценти и Русија - 90 проценти.

Во прашањето за односот меѓу држава и религија јазот меѓу Истокот и Западот не е толку голем. Меѓу оние кои се залагаат за секуларност Швеѓаните и Финците водат со 80, односно 77 проценти, по нив Босанците со 76 проценти. Севкупно граѓаните на речиси сите европски земји се залагаат за поделба на религијата и државата. Само во Русија, Белорусија и Бугарија граѓаните со околу 50 проценти се нерешени. За државата да ја поддржува религијата се изјаснуваат претежно граѓаните од Грузија со 52 проценти и Ерменците со 59 проценти.

Студијата не остава простор за дилеми дека низ Европа има јаз меѓу источните и западните земји, но покрај него има и мноштво други јазови кои ја делат Европа, бидејќи и во самите земји луѓето по прашањата на Пју се многу поделени.

Извор: https://www.dw.com

ОкоБоли главаВицФото