Имитација на уметност

12.11.2018 18:31
Имитација на уметност


Тешко му оди на Зоран Заев со оваа влада. Составот е раштиман, политиките делуваат неусогласени, разни помали и поголеми афери секоја недела… Во неа има големи работници и некои за кои не сте ни чуле дека доаѓаат на работа. Шарено друштво, малку раштимано.

Очигледно, големата вложена енегија и тежината на расплетот на политичката криза врзана за спроведување на Договорот од Преспа си го зема својот данок. Прогресивно.

Заев вели дека нема да има реконструкција на составот на владата, туку можеби само некои рокади, малку средување на мејкапот на врвот од власта. Манчевски, пак, кој пред некој ден најавуваше некаква реформа за вработените во администрацијата, инсистираше на тоа никој да не се секира, бидејќи ниту еден немало да биде отпуштен од работа. Само лабаво, овде да си вработен државно е како да си бела мечка заштитена со меѓународните конвенции на ОН!

Всушност, мислам дека барем еден дел од проблемот на Заев е што живее во туѓа реалност за тоа што и како треба да го прави владата, создавана и моделирана од страна на Груевски. Своевремено, ВМРО-ДПМНЕ успеа за неколку години на власт да создаде партиска армија во администрацијата – тоа што Заев го нема – којашто, потоа, ја надгради со голем и скап пропагнден апарат – тоа што Заев го нема – па таа комбинација на тапанари и озвучување произведуваше постојана врева, пресинг кон јавноста за сенешто, катаден. И од најобични владини оперативни обврски се произведуваа наративи како којзнае што да се случува! Постојано некој држеше прес-конференции и читаше соопштенија – де во министерствата, де во партијата – а речникот беше толку ескалиран, што и ако заврнеше краток пролетен дожд, мислиш голи жени паѓаа од небо!

Еве, колку за илустрација, за да разберете што мислам, погледнете ја вчерашната вест на владата на Заев: „Се укинува додатокот за трето и четврто дете“ – кај владата на Груевски, веста од истата владина одлука ќе гласеше: „Се воведува еднократна помош за секое новороденче!“, и тоа медиумски ќе се покриеше како најголема повоена реформа во областа на грижата за новородените деца јужно од Виена и северно од Исламабад!

Ах, таа итност, таа пресија, тој ритам на строга ургентност, 24 часа натпревар на фејсбук и твитер кој кого ќе надзбори во соопштенија и фрлање клетви… Апаратот на Груевски од тоа создаде уметност; кај апаратот на Заев тоа делува како обид за копија на уметноста. А сега веќе и знаеме дека уметноста на Груевски беше, всушност, прескапо наплатен кичерај, премачкан со тенок слој златникава боја купена од Пластичарска, на наместен тендер.

Затоа и ми се чини дека сегашната влада како да е растргната помеѓу инерцијата од минатата влада постојано да произведува добри вести и соопштенија за реформи, успеси и триумфи, наспроти реалноста на тежината на задачата оваа државна мочвара да се исуши. Во таквиот обид, реформите делуваат не до крај промислени, некоординирани, лошо испланирани…

Им се брза, ама пантолоните се симнати до колена. Така трчање нема. Пробајте прво со врзување на учкурот, стегнете ги сопствените редови, растерајте ги мрзеливите и неспособните по дома, па почнете полека, ама упорно. Како да го имате целото време на располагање, иако ни гори под нозе.

Слики: Свирачиња
Извор: Цивил медиа