Граѓаните од компјутер може да ги видат трошоците на министрите, но не и платите

13.11.2018 02:40
Граѓаните од компјутер може да ги видат трошоците на министрите, но не и платите

Воведуваме мерки со кои секој граѓанин од својот компјутер ќе може да провери колкава е платата на секој министер, дали и колкави надоместоци зема за патни
или други трошоци и слично. Ова ќе претставува важен чекор во спречување назлоупотребите на властa. Секој ќе знае дека контролата веќе не ја врши само некое одделение во рамките на власта, туку дека негов контролор е секој граѓанин на Македонија.

[ИЗВОР: Предизборна програма на СДСМ „План за живот“, стр. 231 , датум: декември 2016]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Во предизборието за предвремените парламентарни избори кои се одржаа во декември 2016 година, СДСМ, меѓу другото, вети дека во првите шест месеци од мандатот ќе воведе мерки со кои секој граѓанин од својот компјутер ќе може да провери колкава е платата на секој министер, дали и колкави надоместоци зема за патни или други трошоци…“. Споменатото изборно ветување на СДСМ е дадено во нивната изборна програма: „План за живот во Македонија“, во рамките на „Планот 180 – итни реформски приоритети на новата влада во првите 6 месеци“ ( стр.231) и досега (09.11.2018), е делумно исполнето.

Преку Алатката за отчетност за трошоците на носителите на јавни функции, која беше презентирана во март оваа година (2018) на прес-конференција во Владата, може да се добијат информации за трошоците на премиерот, замениците на премиерот, министрите, замениците министри, генералниот секретар на Владата, државните секретари на министерствата. Но, со ова софтвреско решение нема можност да се види колкави плати имаат премиерот и министрите.

Информацијата за тоа колкави се нивните примања граѓаните не можат да ја добијат од компјутер на лесен и едноставен начин, како што е изборното ветување на социјалдемократите. Ниту на интернет-страницата на Владата, ниту на веб – страниците на министерствата, нема посебно поле преку кое може да се види платата на министрите. Не само на главното мени, вакво „копче“ не може да се најде ниту со пребарување на интернет-страниците на овие институции.

„Вистиномер“, побара информација од Владата дали освен Алатката за отчетност за трошоците на носителите на јавни функции, постои и некоја друга софтвреска алатка преку која граѓаните може да видат колкави плати имаат министрите, при што ни беше кажано дека нема таква алатка.

Иако нема посебна компјутерска алатка за да се видат примањата на тимот на премиерот Зоран Заев, од Владата додаваат дека „висината на платата на министрите е јавен податок“ и не е проблем да се добие се таква информација. Па во прилог на одговорот на нашето прашање, портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски ни испрати листа со податоци за нето-платата на премиерот и на министрите во неговиот кабинет, која се движи од 1.070 евра за министрите до близу 1.300 евра за премиерот.


1. Зоран Заев, претседател на Владата на Република Македонија (нето плата: 79.896,00 денари)
2. Бујар Османи, заменик на претседателот на Владата, задолжен за европски прашања (нето плата: 71.100,00 денари)
3. Радмила Шекеринска Јанковска, заменичка на претседателот на Владата на Република Македонија и министерка за одбрана (нето плата: 71.100,00 денари)
4. Кочо Анѓушев, заменик на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори (нето плата: 71.100,00 денари)
5. Роберт Поповски, министер без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност (нето плата: 65.823,00 денари)
6. Едмонд Адеми, министер без ресор задолжен за дијаспора (нето плата: 65.823,00 денари)
7. Аднан Ќахил, министер без ресор задолжен за странски инвестиции (нето плата: 65.823,00 денари)
8. Самка Ибраимовски, министер без ресор задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите во Република Македонија (нето плата: 65.823,00 денари)
9. Зоран Шапуриќ, министер без ресор задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија (нето плата: 65.823,00 денари)
10. Зорица Апостолска, министерка без ресор задолжена за странски инвестиции (нето плата: 65.823,00 денари)
11. Рамиз Мерко, министер без ресор, задолжен за странски инвестиции (нето плата: 65.823,00 денари)
12. Хазби Лика, заменик на претседателот на Владата, задолжен за спроведување на Рамковниот договор и политички систем (нето плата: 71.100,00 денари)
13. Никола Димитров, министер за надворешни работи (нето плата: 65.823,00 денари)
14. Драган Тевдовски, министер за финансии (нето плата: 65.823,00 денари)
15. Д-р Венко Филипче, министер за здравство (нето плата: 65.823,00 денари)
16. Арбер Адеми, министер за образование и наука (нето плата: 65.823,00 денари)
17. Горан Сугарески, министер за транспорт и врски (нето плата: 65.823,00 денари)
18. Крешник Бектеши, министер за економија (нето плата: 65.823,00 денари)
19. Љупчо Николовски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство (нето плата: 65.823,00 денари)
20. Дамјан Манчевски, министер за информатичко општество и администрација (нето плата: 65.823,00 денари)
21. Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика (нето плата: 65.823,00 денари)
22. Рената Тренеска Десковска, министерка за правда (нето плата: 65.823,00 денари)
23. Сухејл Фазлиу, министер за локална самоуправа (нето плата: 65.823,00 денари)
24. Асаф Адеми, министер за култура (нето плата: 65.823,00 денари)
25. Садула Дураки, министер за животна средина и просторно планирање (нето плата: 65.823,00 денари)
Извор. Влада на РМ

Но, идејата на самото ветување не е граѓаните (медиумите, невладините организации) да упатуваат специјални барања за добивање вакви информации од јавен карактер, или пак, да пресметуваат колкави се платите на министрите, туку ваков податок да добијат на едноставен начин, преку софтвреска алатка која треба да биде објавена на видно место и веднаш да паѓа в очи. Проверка, која барем засега не може да ја направат со едно кликнување од компјутер. Сепак, со оглед на тоа што е реализиран еден дел од ветувањето, воведена е Алатката за отчетност за патните и други трошоци на министрите, истото го оценуваме како делумно исполнето.

Забелешка
Платите на министрите се регулирани со Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката, каде за министрите е утврден коефициент од 3,7, за петседателот на Владата – 4,5 (колку што е коефициентот за претседателот на државата и за претседателот на Собранието), а како основица за пресметување се зема просечната месечна плата по вработен за претходната година. Според податоците од Државниот завод за статистика, во декември лани просечната плата изнесувала 23.850 денари, меѓутоа од Владата ни појаснија дека од 2009 година како основица за пресметување на платата на министрите се зема износ дваесетина проценти понизок од просечната плата, односно во сегашни услови – околу 17.500 денари.

ИЗВОРИ:
Предизборна програма на СДСМ (2016) „План за живот“,стр.231 [Пристапено на 09.11.2018]
Влада на РМ – Алатка за отчетност за трошоците на носителите на јавни функции [Пристапено на 09.11.2018]
Тајм.мк (21.03.2018): Алатка за отчетност: Владата соопшти дека во првите шест месеци потрошила двојно помалку од составот во 2014 [Пристапено на 09.11.2018]
Макфакс(21.03.2018): Алатка за отчетност: Владата соопшти дека во првите шест месеци потрошила двојно помалку од составот во 2014 [Пристапено на 09.11.2018]
МТСП – Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката [Пристапено на 09.11.2018]
Грид.мк (06.11.2018):Заев: Мојот приход не е толку голем, јас земам 87.000 денари
[Пристапено на 09.11.2018]
Прес 24 (06.11.2018):Заев: Мојот приход не е толку голем, јас земам 87.000 денари
[Пристапено на 09.11.2018]


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Извор: Вистиномер