Итно вклучување на справување со загадувањето во буџетот за 2019 или оставка

13.11.2018 19:48
Итно вклучување на справување со загадувањето во буџетот за 2019 или оставка

 Вчерашната презентација на предлог-буџетот на РМ за 2019 година на ниту едно место не ја спомнува заштитата на животната средина и намалување на загадувањето. Како да е овој проблем маргинален во неговото значење и влијание врз здравјето на сите граѓани на оваа земја. Но, потврдува дека е маргинален на ниво на Влада. Со тоа што буџетот за заштита на животна средина не фигурира, потврдува дека е незначителен.

 Комплетниот дебакл што оваа Влада го доживеа во однос на справување со загадувањето и заштита на природата, овој предлог-буџет само го констатира. После година и пол од формирање, две години од изборите, оваа Влада комплетно потфрли и не го спроведе она што го вети во областа на животна средина.

 

Како итни реформски приоритети во првите 6 месеци, требаше да се воспостави Фонд за животна средина, во кој директно ќе се слеваат средствата добиени од такси за животна средина. Секој таков денар требаше да се намени исклучиво за проекти за подобрување на квалитетот на животната средина.

 Не само што не се оствари ова ни после година и пол, туку со минатонеделниот ребаланс на буџетот за 2018 се скратија над 2 милиони евра за заштита на животна средина. А се гушиме во загадување, мониторинг станици не работат, инспектори нема доволно, нема опрема за мерење, нема акредитирани лаборатории, нема доволно и адекватни субвенции за премин на домаќинствата во загревање кое нема да загадува, нема соодветен јавен транспорт што би ја намалил употребата на возила, законите стојат во место, правилници и уредби не се носат, .... и ова е само во областа на аерозагадувањето. Тонеме.

 За парадоксот да биде поголем, во 2016 година се собрале над 183 милиони евра во даноци (такси) поврзани со животната средина. Секој денар ќе се употребуваше исклучиво за подобрување на квалитетот на животната средина? Ни лани, ни оваа година собраните средства не ги користите наменски, туку за долгови на општини, за полнење дупки во буџетот. Средствата имаат точна намена – подобрување на квалитетот на животната средина.

 Ги следите ли извештаите од светските и европски конференции кои нашите градови и генерално државата ви ја категоризираат како најзагадена и ужасна за живеење? Можете ли малку да се фокусирате на константните барања на граѓаните да им овозможи чист воздух и здрава животна средина?

Имате ли одговорност за она што сте го ветиле, совест за влијанието на загадувањето врз сите жители на оваа држава, срам дека парите наместо да го решите загадувањето во најбрз можен рок, а со овие средства сигурно може со галопирачки чекори да се реши, вие ги користите за други цели. Тоа се вели крадење од здравјето на граѓаните, на децата.

 Под итно БАРАМЕ да го измените буџетот за 2019 година, во Владината програма - Унапредување на животната средина да внесете посебна потпрограма - Справување со аерозагадувањето и најголем дел од средствата од собраните даноци поврзани со животната средина да ги намените за најгорливото прашање, аерозагадувањето.

За една година во најзагадените градови воздухот може да се доведе во граници на дозволено годишно ниво.

 Во спротивно бараме да си поднесете оставка и да оставите простор најгорливиот проблем на граѓаните, заштитата на нивниот живот и здравје, да го оставите на некој друг, кој искрено ќе се грижи за тоа.

 Со почит,

О2 ИНИЦИЈАТИВА

ОкоБоли главаВицФото