Новиот јазик на европскиот популизам

14.11.2018 01:23
Новиот јазик на европскиот популизам

Антиимигрантските популистички партии се познато лице на европската политика уште од осумдесеттите, меѓутоа, позначајна улога добија дури последниве години. Во мај, лидерката на Национален фронт во Франција, Марин Ле Пен беше сериозен кандидат на претседателските избори; непосредно пред холандските парламентарни избори, Партијата за слобода на Герт Вилдерс долго беше во водство; а минатата година, на изборите за претседател на Австрија, за малку ќе победеше Норберт Хофер од Слободарската партија од радикалната десница. Антиимигрантските популисти остварија голем напредок во земјите каде претходно не успеваа да стекнат следбеници, а особено во Германија и Шведска, каде партиите Алтернатива за Германија и Шведски демократи постигнаа голем изборен успех.

Аналитичарите редовно ги карактеризираат овие партии како патриотски, националистички и радикална десница. Но, иако овие партии навистина се борат за патриотски и националистички цели и иако нивната реторика понекогаш е навистина екстремна, би било погрешно едноставно да ги сметаме за наследници на долгата традиција на европскиот национализам од радикалната десница. За разлика од Нацистичката партија или фашистичките партии во Европа помеѓу двете светски војни, или малите неонацистички или неофашистички партии од повоена Европа, тие не дејствуваат против системот; тие не го отфрлаат демократскиот уставен поредок. Не се дури ни доследно десничарски. На пример, за разлика од својот конзервативен противник, Фрасоа Фијо, Ле Пен својата партија ја претставува како „ни десна, ни лева“ и ветува дека ќе ги штити работниците од „дивјачката глобализација“.

Наместо да ги трупаме во несоодветните стари категории, треба да согледаме дека многу антиимигрантски партии денес изградија нов политички дискурс кој би можеле да го нарекуваме „цивилизационизам“. Цивилизационизмот го усвоија холандската Партија за слобода, Данската народна партија, норвешката Партија на прогресот, финската Партија „Вистински Финци“, Шведските демократи, францускиот Национален фронт и, во одредена мера, белгиската партија „Фламански интерес“, австриската Слободарска партија и италијанската Северна лига (но не и Алтернатива за Германија, која ѝ остана блиска на традиционалната националистичка радикална десница). Новиот цивилизационизам е парадоксален спој на „идентитарно“ христијанство, секуларизам, филосемитизам, исламофобија, па дури и некои елементи од либерализмот, како што се поддршката за половата еднаквост и правата на хомосексуалците. Тој претпоставува еден паневропски цивилизациски идентитет кој тврди дека е загрозен од исламот и е во конфликт со исламот, сфатен како одвоена и туѓинска цивилизација. Овој нов дискурс е посуптилен од оној експлицитниот кој го користат екстремните десничарски движења и партии, но кој, исто така, претставува сериозна опасност за либералната демократија.

Од христијанство до христијанизам

Уште пред деценија и половина патот на цивилизацискиот популизам му го отвори холандскиот политичар Пим Фортејн. Фортејн, кој е модерен хомосексуалец и поранешен марксистички социолог, во неколкуте месеци пред да му биде извршен атентат, се преобрази во вчудоневидувачки успешен политичар така што ги рушеше табуата и му пркосеше на досадниот, помирлив стил на холандската политика. Секако, тој не е првиот кој ја искористи анксиозноста кај јавноста заради имиграцијата или првиот кој ги обвинуваше имигрантите заради криминалот и нередот во градовите. Меѓутоа, тој воведе новитети, така што антиимигрантската (а особено антимуслиманската) реторика ја спои со либералните ставови за социјалните проблеми, особено за правата на хомосексуалците. Гордо нарекувајќи се „Семјуел Хантингтон на холандската политика“, Фортејн го повикуваше сеништето на „конфликтот на цивилизациите“ во Европа, конфликт помеѓу она што го нарекуваше „јудео-христијанска хуманистичка култура“, која е либерална и отворена, и исламската култура, која ја жигоса како назадна и репресивна, особено во однос на прашањата за полот и сексуалноста.

Ширум северна и западна Европа, антиимигрантските популисти на сличен начин се позиционираат себеси повеќе како бранители на јудео-христијанската европска цивилизација, отколку како бранители на сопствената национална култура. На пример, иако Европка е најсекуларен регион во светот, со многу мал број луѓе кои одат во црква, во последните години популистите сè повеќе се свртуваат кон христијанските темели на Европа. Ле Пен ги нагласува „христијанските корени“ на Франција, а во Австрија, Хофер на плакатите во кампањата ги стави зборовите „Господ нека ми помогне“. Меѓутоа, христијанството на кое му се обраќаат тие не е вистинска религија; тоа повеќе е ознака за заедничката култура и идентитетот. Ваквото секуларно, културизирано христијанство многу се разликува од христијанството за кое зборуваат во источна Европа, особено во Полска, каде религиските уверувања и практиката и денес се најмоќни и каде национализмот и католицизмот цврсто се испреплетуваат.

Тоа христијанство – или „христијанизам“, како што го нарекувам – на кое се повикуваат популистите во северна и западна Европа, повеќе е прашање на припаѓање отколку на верување, начин да се одредиме „ние“ во однос на „нив“. Ако „тие“ се муслимани, тогаш „ние“, Европејците, мораме во некоја смисла да бидеме христијани. Но, тоа не значи дека мора да бидеме религиозни. Впрочем, моменталната ерозија на христијанството како религија овозможува христијанството да се наметнува како културен и цивилизациски идентитет, сфатен во смисла на заедничките вредности, кои имаат многу мала врска или пак воопшто немаат врска со религиското учење и обредот.

Истовремено, додека се повикуваат на христијанскиот идентитет, цивилизационистите исто така го нагласуваат својот секуларизам. Меѓутоа, нема противречности помеѓу христијанизмот на популистичката десница и нејзиниот секуларизам, бидејќи и едниот и другиот се изведуваат од нивната преокупираност со исламот. На овој нов секуларизам не му се на мета религиските симболи, аргументите или практиката генерално; на мета му се муслиманските симболи, аргументи и практиката. На пример, во Франција секуларизмот се користи за да се оправдаат забраната за воведување мени без свинско во јавните училишта, забраната на обредно колење животни без претходно онесвестување и забраната за халал храната во јавните институции. Популистичкиот секуларизам образложува зошто е потребно да се усвојат ограничувањата во облекувањето на муслиманките, вклучувајќи ја и забраната на бурките, која ја воведоа некои француски општини во 2016 година и забраната за покривање на целото лице, која со закон ја воведоа Австрија, Белгија и Франција. Накратко, цивилизационистите селективно го прифаќаат секуларизмот за да го истиснат исламот од јавната сфера додека, истовремено, ги исклучуваат и делегитимираат христијанските аргументи за сочувство со мигрантите и бегалците.

Раскинувајќи со старата европска десница, која генерално била антисемтиска, новите цивилизационисти се мачат да ги нагласат својот филосемитизам и поддршката за Израел. На пример, Вилдерс вели дека тој лично го сака Израел и го опишува како „прва линија на одбраната на Западот од исламот“. За традиционалната радикална десница, Евреите претставуваат закана за етнокултурната хомогеност на нацијата. Меѓутоа, денес, кога нападите на муслиманите врз Евреите зачестија, особено во Белгија и Франција, антиимигрантските популисти ги редефинираат Евреите и ги претставуваат како пример за жртви на исламот. Наместо да ги исклучуваат Евреите од националните заедници, како што правеше старата десница, партиите како Национален фронт им се додворуваат како на ново ранливо малцинство. Обраќајќи им се на француските Евреи во едно интервју од 2014 година, Ле Пен тврди дека нејзината партија „без сомнеж е најдобриот штит кој ќе ве штити од вашиот вистински непријател, исламскиот фундаментализам.“

Новите популисти исто така ја усвоија реториката на половата еднаквост. Во скандинавските земји и Холандија, каде половата еднаквост се дефинира како национална вредност, усвојувањето на оваа реторика има националистичка димензија. Меѓутоа, дури и во помалку либералните земји, како што е Франција, популистите од крајната десница тврдат дека половата еднаквост, како европска вредност, има корени во христијанската традиција, која ја позиционираат наспроти половата нееднаквост и репресијата, за која тврдат дека е својствена за исламот. Популистичката реторика ја претставува муслиманската жена, на пример, како жртва на туѓински културни обичаи, како што се принудното покривање, договорените бракови, насилството во семејството, многуженството и гениталното осакатување, додека за западните жени сметаат дека се ранливи на сексуалните напади од муслиманите. Ваквиот маневар им дозволува на цивилизационистите своето спротивставување на исламот да го претстават како одбрана на жените, Европа да ја ослободат од обвинувањата и половата нееднаквост да ја редефинираат како исклучиво муслимански проблем.

Кога станува збор за прифаќање на правата на хомосексуалците, барем надвор од Холандија, се колебаат. Повеќето антиимигрантски популистички партии и натаму ги промовираат традиционалните модели на семејство, а само норвешката Партија на прогресот недвосмислено ги поддржува хомосексуалните бракови. Меѓутоа, овие партии истакнуваат дека се противат на дискриминацијата на хомосексуалците и лезбејките, додека го критикуваат исламот како хомофобен. И Национален фронт и другите антиимигрантски партии дискретно настојуваат да ја привлечат поддршката од гласачите хомосексуалци.

Репресивна толеранција

Филосемитизмот, пропагирањето полова еднаквост и поддршката за правата на хомосексуалците во цивилизацискиот дискурс на популистичката десница се користат на впечатливо сличен начин: така што се нагласува назадноста на исламот во однос на европската модерност и така што антиимигрантската десница се претставува како бранител на либералните и прогресивните вредности на овој континент. Никој нема да ја сфати европската толеранција, либерализмот и инклузивноста популистите да ја слават нетолерантно, нелиберално и исклучувачки.

Сепак, селективното популистичко прифаќање на секуларизмот и Евреите, жените и хомосексуалците не е само реторичка стратегија; тоа е и изборна стратегија, начин на кој популистите доаѓаат до нови гласачи и до прифаќање кај главната струја. Популистите тврдат дека сите овие групи ги загрозува – физички или психички – таканаречената исламизација на западните општества. Тие понатаму велат дека партиите од главната струја и културната елита ја игнорираат оваа опасност. Значи, во популистичката приказна, на интересите на Евреите, жените и хомосексуалците најдобро им служат оние кои не се плашат да кажат онака како што е – а тоа се самите популисти. Постојат докази дека оваа стратегија помогнала антиимигрантските популисти да привлечат повеќе жени и гласачи кои силно ги поддржуваат правата на хомосексуалците.

Таквата нова популистичка фузија на некогашните несогласни струи на размислувања е предизвик за владејачките толкувања на популистичката ксенофобија, која често ја карактеризираат како националистичка во суштина. Партиите како што се Национален фронт во Франција, холандската Партија за слобода и Слободарската партија во Австрија, секако, се националистички. Но, тие не се само националистички: тие, истовремено, се цивилизационистички. Најважните граници помеѓу себе и другите се повлекуваат по должина на цивилизациските линии – помеѓу јудео-христијанскиот Запад и исламот – а не по должина на државните граници.

Со што се објаснува ова повторно цртање граници? Од една страна, националните разлики се разводнуваат така што се продлабочуваат европската интеграција и глобализацијата. Истовремено, сè поголемата препознатливост на муслиманската религиозност во едно инаку нерелигиско окружување го нагласува контрастот помеѓу секуларизираното христијанство и исламот кој е навидум отпорен на секуларизацијата. И, секако, популистичката преокупираност со исламот како туѓа и заканувачка цивилизација доби дополнителен погон од спектакуларните напади кои се случија во последните години во име на исламот во низа европски престолнини, а кои имаа силен одек.

Подемот на цивилизацискиот популизам е приказна накитена со иронија и пресврти. Секуларизмот, кој долго беше идеологија на левицата, сега го презема десницата. Радикално нелибералната популистичка десница се прогласува за лиебрална и се определува за филосемитизмот, половата еднаквост и правата на хомосексуалците. Колку Европа станува посекуларна, сè повеќе ја прикажуваат како христијанска. За возврат, христијанството кое се слави како извор на идентитет дефиниран со религиските цивилизациски поими, почнува да игра сè поважна улога во дискурсот на овој континент.

Самоисполнувачко пророштво?

Главната опасност од европскиот цивилизационистички популизам, особено онолку колку што неговите теми се појавуваат во политичкиот дискурс на главните струи, е во тоа што тој би можел да биде самоисполнувачки. Така што го претставуваат исламот како фундаментално туѓински за сè за што се залага Европа – карактеризирајќи го како „најголема закана за опстанокот на нашата цивилизација“, како што прави Вилдерс – цивилизационистите поттикнуваат и легитимираат реципрочно отфрлање на Европа и Западот од страна на муслиманите кои живеат во Европа. Сигурно, таквиот бескомпромисно антизападен став веќе е клучен елемент на одредени линии на исламистичкиот дискурс, кој постои независно од антимуслиманскиот говор. Меѓутоа, европскиот цивилизациски популизам ризикува муслиманите од оваа радикално антизападна струја да ги направи поверодостојни и попривлечни. Со тоа што прогласува, со сè поостар речник, дека Европа и исламот се некомпатибилни, ваквиот нов цивилизационизам не може а да не ја зголеми отуѓеноста на европските муслимани и недовербата помеѓу нив и повеќето номинални христијани на континентот. На тој начин, може да поттикне создавање токму таква поделба за која тврди дека ја опишува.

Пред оваа опасност е важно да се инсистира – против вулгаризираното хантингтоновско стојалиште кое го усвоија цивилизациските популисти – дека цивилизациите не се единствени ентитети со безвременска суштина, кои непомирливо стојат една наспроти друга. Тие се големи, разновидни, незауздани подрачја на практиката и дискурсот. Да се претпостави конфликтот на цивилизациите значи да се занемарат поважните конфликти во рамки на цивилизациите.

Затоа мора да се сузбива цивилизационистичкото карикирање на исламот. На пример, антропологот Џон Боуен покажа колку се дефектни аргументите за исламот и половата нееднаквост. Меѓутоа, обидот на цивилизацискиот популизам своите ексклузивистички погледи да ги покрие со ценетата наметка на либерализмот исто така мора да се ограничува. Нема ништо либерално во инструментализацијата на филосемитизмот, половата еднаквост и правата на хомосексуалците од страна на антиимигрантските популисти; впрочем, тоа е нивен цинички обид да го прошират своето гласачко тело, така што ќе играат на картата на стравот од наводна исламизација на европските општества. Во тој поглед, исламофобијата на цивилизационистите воопшто не е далеку од исламофобијата на американскиот претседател Доналд Трамп, чие неодамнешно ретвитување запаливи и залажувачки антимуслимански видеа, кои ги поставил радикален огранок на една британска група – давајќи ѝ на таа група огромен публицитет – е само последна во низата симболични провокации. Најпосле, цивилизациската и псевдолиберална рамка на антиимигрантските популисти од северна и западна Европа е тенка идеолошка глазура; непријателството кон исламот е фундаментално.

Илустрации: Alexei Talimonov

Извор: https://www.foreignaffairs.com

ОкоБоли главаВицФото