Моќта на европските одлуки

14.11.2018 01:40
Моќта на европските одлуки

Европскиот парламент се подготвува за избори: со резолуцијата од 25 октомври, говорот на омраза е исклучен од категоријата слобода на говор. Повеќе не постојат дилемите кои многумина, а и јас ги имавме во врска со мерката и границите на слободата на говор.

Не велам дека во нив воопшто не верувам, ниту пак дека ќе бидат целосно спроведени: но веќе јасниот говор на некои документи нешто потврдува, а тоа е дека на многумина во Европа им е доста од наци – фашизмот, а „гостувањето“ на Стив Банон на некои европски политичари им е дојдено преку нос. Варуфакис и Сандерс се обидуваат да состават глобална (барем малку повеќе) лева коалиција, неодамнешните демонстрации во Берлин ја потврдија виталноста на антифашизмот – со историскиот успех на зелените во Баварија, се случи фијаско на парадата на Casa Pound во Трст, каде присуствуваа барем три пати повеќе антифашисти; сите овие се важни факти или симболично моќни детали кои говорат дека на многу луѓе во Европа им е доста од труењето на јавниот говор со омраза, хистеризација и барања за насилство.

Исто така, доста е за навидум наивното, а во суштина крајно корозивното верување дека „врамнотеженото“ претставување може да биде решение за јасното спротивставување. Не може затоа што сега и формално (по меѓународните и ЕУ одлуки) е невозможно да се поистовети слободата и омразата, мислењето и немислењето, лагата и фактичноста. Тоа што претставниците на омразата, немислењето и лагата се бесни и агресивни во разговорите, само ја покажува нивната склоност кон конечно решение, насилството. Отстранувањето на можноста да го изразуваат тоа се спроведува заради грижата за користа на сите жители.

Станува збор за два документи. Политичката декларација од Маракеш (официјално име) како продолжение на процесот од Рабат и многу други договори помеѓу африканските држави, ЕУ и ОН која беше потпишана во мај годинава од министрите за надворешни работи на мнозинството држави членки на ЕУ и тука сега веќе нема дискусија. Се издвои Унгарија, Италија се премислува: извесно е дека ќе има уште неколку држави отпадници. Особено глупав дел од дебатата за ова имаше на словенечката телевизија, кога се постави прашањето дали Декларацијата е задолжителна и се почувствува општо олеснување кај учесниците, што од правен аспект, не е задолжителна.

Извесно е дека нема да има казнување на државите со санкции, но потпишувањето на која било декларација, да речеме онаа на ОН за човековите права, обврзува на друг начин, морално и во рамки на општо прифатените човекови права, исто како што признавањето на независноста на Словенија од страна на ОН имаше, пред сè, морална сила...Токму за тоа е наменета Политичката декларација од Маракеш. Кога учесникот во спомнатата тв дебата бесно забалежа дека тоа веројатно значи признавањето на миграцијата како човеково право, тоа е само агресивен обид човековите права уште еднаш да се намалат и негираат: тоа сигурно не е морално, затоа што миграцијата е човеково право.

Значајно е дека Декларацијата ги споменува легалните миграции и истовремено мерките за остварување на таа легалност (визи, конзуларна работа, планирање, разни олеснувања во корист на мигрантите), а спротивност на тоа не е „илегално“, туку нерегуларно. Со тоа се одразува ставот дека ниедно човечко битие не е илегално. Декларацијата е на интернет, има нешто помалку од осум страници и секој може да ги прочита.

Подигањето на температурата од страна на десничарите врз основа на Декларацијата е разбирливо, особено по историската резолуција што ја изгласа европскиот парламент на 25 октомври и со која од сите европски држави се бара да спречуваат говор на омраза и да ги забранат екстремно десните партии и групи. Без никаков компромис, Парламентот од државите членки бара забрана на неонацистички, неофашистички и крајно десни групи, партии и институции, за да се спречи нормализација на расизмот, фашизмот и ксенофобијата.

Европскиот парламент се подготвува за избори на сите нивоа и одлучноста е потребна повеќе од кога било, кога еднаш ќе исчезнат специфичните облици на ишијас на водечкиот политичар. Она што е најважно за секоја држава е дека говорот на омраза се исклучува од слободата на говор и најдобро е тоа да биде законски дефинирано. Највисокото европско избрано тело веќе не се сомнева дека говорот на омраза непосредно води во насилство. Дилемите што многумина, меѓу кои и јас ги имавме за мерките и границите и кои во голема мера го ограничуваа расудувањето во Хаг, повеќе не постојат.

Имено, Хашкиот суд не веруваше во злосторнички зборови доколку директно/докажано не беа поврзани со злосторства...Дури кога се појави автошкорпионското видео за злосторствата на Шкорпионите, ранботите се раздвижија. Некогаш одамна, во осумдесеттите години на минатиот век, поновите теории на книжевноста помагаа со раздвојувањето и арбитрарноста на односот авторот и (вербалното) дело, па дури и се појавуваа на судовите, а особено во статиите – одбрани на дисидентските автори: по искуството на распадот на Југославија, пред кој јасно се покажа непосредната поврзаност на текстот и човечките судбини и со тоа несомнена авторска одговорност, на тоа веќе немаме право. А во вмрежениот свет денес, веќе немаме ни можности за тоа.

Барем на политичко ниво, украдената и злоупотребена слобода на говор од страна на наци фашистите се враќа таму кадешто припаѓа, далеку од говорот на омраза.

Што се однесува до Декларацијата од Маракеш, важен скриен елемент е што ЕУ се откажува од „итрата“ политика, која ја започна Ангела Меркел и која се состоеше од потплатување на државите што присилно би ги задржувале бегалците, а Европа ќе ги затвори очите кога се кршат човековите права. Во меѓувреме, реки пари се одлееја во Турција и Либија, држави во кои актуелната власт сосема извесно не ги почитува човековите права. Но кога се работи за грчките центри и логори за бегалци кои пукаат по шевовите од премногу луѓе, Европа не беше толку дарежлива...

Извор: Peščanik

 

ОкоБоли главаВицФото