Грујо-побегујо 007

14.11.2018 11:27
Грујо-побегујо 007

Човек малку да прошета низ Скопје, ако знае каде да праша (само немојте во нашите тајни служби или во МВР, тие може и да ве изманипулираат, бидејќи ги фатија комплет „на спиење“), може да дознае еден куп информации за Грујо-побегујо. Се разбира, којзнае дали сите детаљи од моите извори се точни – во принцип, изворите не ми се лоши, ама во тој свет на „искршени огледала“ човек никогаш не знае кој одраз во огледалото е точен – но, вреди нешто од тоа и да се раскаже, „for your eyes only“…

(И, ве молам, откако ќе го прочитате овој текст, да го запалите, бидејќи не смее да падне во рацете на хунтата на Заев!)

Имено, во многу раните утрински часови во саботата, при пребегот кон Србија, на Груевски му помогнале исто-сличните српско-македонски структури кои овде „одработија“ и за настаните од 27 април, а некои од нив се и на платен список на македонската држава. Како и каде ја поминале српско-македонската граница – веројатно некаде „на диво“ – не се кажува. Во Белград Груевски ручал во еден елитен ресторан, а бил под постојана заштита на српските тајни служби.

Потоа, со џип мерцедес, доцна попладнето во саботата, од Белград пристигнал во хотелот Коринтија во Будимпешта (не се знае дали и пасош му побарале на двете страни од српско-унгарската граница), следени од едно црно пежо 508 од унгарската тајна служба (на кое подоцна ќе му се придружи и ауди А8 од истата служба) и една шкода октавија од полицијата. Пред хотелот во центарот на Будимпешта, некои од придружбата не ни излегле од автомобилите, но ноќевале пред зградата, а Груевски и неколкумина други (веројатно тројца мажи и една жена) земале четири соби во хотелот, не се пријавиле на рецепцијата, а сите плаќања ги правеле во кеш. (Никола, Никола Груевски, облечен во смокинг, вечерта потпрен на шанкот пиел мартини, протресено, не промешано… Добро, добро, признавам, ова јас го измислив, звучи добро!).

Во понеделникот во 10:30 часот Груевски со придружбата го напуштиле хотелот (следени од аудито) и заминале во непознат правец…

Ете што правел Груевски последните месеци: гледал филмчиња со Џејмс Бонд и Џејсон Борн.

Но, очигледно, пребегот на Груевски не бил можен без поддршката што ја добил од делови од европската „автократска интернационала“, на оската Вучиќ-Орбан, бидејќи српските и унгарските тајни служби будно бдееле врз безбедноста и удобното патување на Груевски од Скопје до Будимпешта. Да ве потсетам, тоа е оној Орбан што пред некоја година од Хорхе доби највисок македонски орден „за заслуги за народ“, токму во моментот кога овде се одвиваа истрагите и судењата во големиот случај „Шпион“, во кој десетина лица беа осудени за соработка токму со унгарската тајна служба. И, да ве потсетам, тоа е оној Вучиќ кој доживеа продолжителен нервен слом неделата кога Заев формираше влада во Скопје.

Сепак, уште малку неопходни потсетувања: на 1 ноември, преку портали кои се блиски до ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски – додуша, малку срамежливо – ја информираше јавноста дека имал повеќечасовна средба (наводно, цели четири часа) со Груевски, за тој, Мицкоски, да ги чуе „новите моменти во врска со политичкиот прогон против него и да види како може да му помогне“, особено „за личните моменти во целата оваа работа“ со Груевски. Не се знае колку навистина му помогнал на Груевски, но занимливо, Мицкоски не спомна дека со Грујо разговарале за некакви „смртни закани“ на кои Груевски сега го темели своето барање на политички азил во Унгарија. Но, тоа е последната „официјална“ средба на Груевски во земјава, пред привремено да исчезне…

А на 5 ноември следуваше официјално мислење на Комисијата за заштита од дискриминација во кое, очигледно во подготовка на барањето за политички азил во Унгарија, ќе констатира „директна дискриминација врз Никола Груевски“.

Потоа Орбан ќе има срдечна средба со Мицкоски на состанокот на Европските народни партии на 8 ноември во Финска. Тоа е оној Орбан (според Курир) кој своевремено ќе изјави: „Мицкоски и неговиот тим ќе ги врати Македонците на патот на развојот и ќе им ја врати верата во иднината!“

ВМРО-ДПМНЕ и денеска тврди дека Груевски е „невина политичка жртва“ на хунтата, режимот, бандата на „аболицираниот криминалец Заев“… До сега нема ни збор официјална осуда за кукавичкото бегство на почесниот претседател на ДПМНЕ од таа наша најголема опозициона партија. А и што може да се очекува од партијата и нејзиното раководство кои и настаните од 27 април сè уште ги опишуваат како мали инциденти во кои патриотите биле предизвикани од предавниците, за да влезат и да им ги искршат главите…

Конечно, ќе биде многу интересно да се види како на целиот овој криминално-шпионски трилер ќе реагираат ЕУ и САД? Знам дека линиите кон Будимпешта се вжештени, ситуацијата е тензична и многу непријатна, бидејќи, реално, се руши целата програма за поттикнување на правната држава на Балканот…

Да не биде Орбан на Груевски, сепак, на крајот да му каже: „Извини, Грујо, морално беше!“ – и да ни го врати со брза пошта во Скопје?!

Слики: Свирачиња

Извор: Цивил медиа