За психолошкиот профил на Никола Груевски

14.11.2018 14:03
За психолошкиот профил на Никола Груевски

Од 2006 до 2017 напишав барем триесетина „психоаналитички“ текстови за Груевски, во кои се обидував патологијата на македонското општество да ја разберам преку патологијата на неприкосновениот водач. Овде пренесувам десетина цртички од десетина такви текстови.

 

Занимавањето со лудилото на македонскиот актуелен водач го сметам за највисок можен политички приоритет. Тоа лудило не го сметам за „сатанско“ или „судбинско“, зашто сите ние сме луди, повеќе или помалку, на овој или на оној начин. Опасно е кога лудилото на еден политички водач бега од своето корито и станува сосема неконтролирано, ниту од институциите, ниту од непосредната околина, ниту од јавноста, ниту од граѓаните. Неконтролираното лудило на Груевски, повторувам, е симптом за болеста на македонското општество.

Важно е, значи, да ги поставиме вистинските прашања, а не лажните дијагнози. Во сегашниот македонски ќорсокак одговори можеби и имаме (демократија, ЕУ), но ги немаме формулирано вистинските прашања. Ситуацијата наликува на психоанализата, каде што пациентот го знае одговорот (неговите симптоми ги претставуваат одговорите), но тој не знае на што е тоа одговор и работата на аналитичарот е да го формулира прашањето. Зашто, повторувам, груевизмот е симптом, а прашањата за него не ги знаеме доволно.

Симптом и болест

Речиси сите сме заложници на лудилото кое доаѓа од еден центар, но се шири како кругови во вода. „Како сонот на еден човек можеше да стане сад исполнет со агонијата од будност на друг човек, мој драг Патрокло?“, се вели во стрипот Лабрис. Како комичната фрустрација на еден „запенет бабун“ можеше да стане трагедија за два милиони луѓе? Често се цитира една констатација на славниот психоаналитичар Жак Лакан: Лудак не е несреќникот којшто верува дека е крал; лудак е кралот којшто навистина верува дека е крал. Е па, ние ја имавме таа историска можност да добиеме можеби лилипутанско ама „автентично“ кралче кое верува во големината и цврстината на своите ужасни постаменти-патерици. Ја имавме таа злосреќа да сме актери во неговата (траги)комедија. Зошто комедија? Зашто структурата на комедијата, психоаналитички гледано, е иста: не е комичен несреќникот кој верува дека е крал (тоа е патетично), туку кралот кој навистина верува дека е крал.

Лудиот крал и неговите маски

Многумина велат: груевизмот не е политички туку психијатриски проблем. Близок сум до тие сфаќања, но и свесен дека политичките импликации на „психијатриските проблеми“ знаат да бидат застрашувачки. (Забележав токму психопатолошки детаљ при едно скорешно интервју на пастирот кај Јанко Јадибурек; Јанко го прашува пастирот, отприлика: познати сте како човек кој е непопустлив токму кога некој од вас очајнички бара нешто? А пастирот гордо одговара: да, таков сум! Обајцата соговорници беа презадоволни со таквиот начин на разговарање, како да уживаат во прикриениот садизам и во паланечкиот мачизам. Гледајќи го тоа интервју ми текна на генијалниот филм на Томас Винтерберг, „Прослава“, кој баш зборува за патологијата на авторитетот. Кога на почетокот на филмот таткото ќе го прекинат кога на синот му раскажува простачки виц, тој се жали дека веќе никој не го почитува. Слично, кога на крајот од филмот ситуацијата конечно ќе експлодира, се руши привидот, пристојниот ритуал на семеен ручек; откако неговата ќерка јавно ќе ја прочита прошталната самоубиствена порака на својата сестра која тој секојдневно ја силувал, таткото побарува чаша вино за себе и ќерката за да наздрават за нејзиниот убав говор, а откако никој нема да се помрдне, почнува да вика, жалејќи се на недостаток од почит. Жижек вели: токму тоа е целосно почитување: почитување на авторитетната фигура дури и кога самата таа е обесхрабрувачка, понижувачка, опсцена... „Втората важна лекција од овој филм ни зборува дека е многу тешко да се прекине ритуалот кој го одржува привидот: дури и по оперативните понижувачки разоткривања на поранешните злодела на таткото, ритуалните „манири“ на ручекот сепак продолжуваат – она што тука се одржува не е реалното на траумата која се враќа и се спротиставува на симболизацијата, туку самиот симболички ритуал.“)

Садизмот како политичка технологија

Груевизмот е патократски хибрид на најлошите аспекти на бандитизмот и тоталитаризмот. Груевизмот ни во својата најмаскулинистичка, ни во својата најфеминистичка (или, ако сакате, геј) варијанта не може да биде прифатлив. Меѓу другото, груевизмот ми е неприфатлив и зашто сите луѓе од Фамилијата (дури и оние кои некогаш можеби биле личности!) денес само ја потврдуваат прастарата теза дека купишта пари не можат од некого да создадат личност.
Еве како Роберт Торе го опишува тој патолошки општествен систем: „Патокрација е облик на владеење кога психопатизирано малцинство темелно управува со релативно нормалното мнозинство. Нормалните се покоруваат, се вградуваат и му служат на психопатски изопачениот вредносен систем на животот. Длабински го осудуваат и во него суштински не веруваат. Но, сепак, во негово име прават работи кои инаку не би ги направиле. Иако психопатите на власт зависат од експертите кои во техничка смисла ја одржуваат пирамидата на моќта, тие сепак попрво на најважните позиции ставаат послушни и себе слични луѓе отколку способни. Затоа продуктивноста на системот паѓа и настанува социјална апатија проследена со општо осиромашување. Што, пак, ја зголемува зависноста од предаторските структури на моќта.“


Во Црната колиба на груевизмот

Ни се случува она што Виктор Иванчиќ го нарекува мастурбационализам - експлоатација на настраданите сонародници поради тековни сетилни и политички потреби. Таквиот мастурбационализам службено се води како искажување пиетет спрема нацијата. Таквата политичка порнографија се прикажува непрекинато на раширените платна низ плоштадите по градовите. Насликаните ќупови на изобилието заедно со сликите на националните непријатели толпата ги гледа на екран, во една хипертрофија на реалноста, сè со цел да се постигне што поголема надразба. А заправо, како што вели Иванчиќ, целокупната историја на националистичката (или на тоталитаристичката) реторика се сведува на големата низа обиди олошот да се претстави како олош од нужда, од немајкаде. Монструмот треба да се прикаже како спасител. (Нам токму груевизмот низ фигурата на „преродбеникот“ ни покажа дека со симбиозата на стариот и младиот болшевик, од една страна, како и со спојот меѓу тајкунот и политичкиот моќник, од друга страна, како во мермер да се отелотворува средишната фигура на нашата вечна транзиција - „преродбеникот“, суштество со особини на монструм и свест на спасител.)

Монструмот-спасител (Свирачот од Хамелн)

Кастиљо де Пино, угледен психолог, го анализирал шпанскиот диктатор и, предвидливо, кај него открил комплекс на пониска вредност. Франко во младите денови бил понижуван од страна на постарите офицери. Секогаш имал комплекси поради нискиот раст и пискавиот глас. Но, благодарение на челичната волја, тој подоцна ѝ се осветил на судбината.

Луѓето кои не се сигурни во себе, кои имаат комплекс на пониска вредност, токму со решителни и насилнички потези се обидуваат да ги прикријат своите слабости. И со својата свест и со својот инстинкт таквите личности настојуваат во очите на другите да се прикажат како јаки и немилосрдни. Свесен за своите слабости, Франко отсекогаш настојувал да се докажува пред другите, да ја велича сопствената личност, да ја восхитува околината. А за тоа му била потребна власта, безграничната, апсолутната власт. Желбата да се прикријат сопствените слабости изискувала сè повеќе власт, сè повеќе неограничено владеење над другите.

Овдешниот пример, иако во многу поскромна форма и пооперетски (погротескен, иако не помалку опасен) од примерот на Франко, ја олицетворува истата патологија на авторитетот. Германците имаат убав збор за таквиот тип силеџии: halbstärke (полуснажни).

Преправај се, додека не успееш!

 

Проектот СК014 токму е огромен културен проект чија основна претпоставка е сфаќањето на целото поле на културата како џиновско детско поле за играње. Инфантилизмот на нашава преродбеничка дизниленд-култура се гледа и низ некои карактеристични црти за кои зборува и Берг: сентименталноста, моралнопоучноста, просветителскиот занес, максимализмот... Кај децата исто така се јавува спојот меѓу безразложната веселост, празничното доживување на светот и суровоста, категоричноста и маргиналноста, егоцентричноста и претераната љубезност, комплексот на повисока вредност и комплексот на пониска вредност...

„Чиче, чиче, јас ништо не гледам!“ (СК014 како Дизниленд)

Во македонскиот случај не станува збор за деспот-татко или деспот-син на нацијата туку за - деспот-дерле. Или дериште. Размазен нарцисоиден цмиздравец кој мора да добие сè што ќе замисли и што ќе посака. Потсетете се само на случајот „Скопје 2014“. (...) Една од причините зошто дозволивме со Македонија да владее деспот-дерле веројатно е и овдешниот култ на детето. Тој култ веројатно во просек во општеството произведува повеќе деришта, а во таква културна клима се чини нормално нашиот национал-социјалистички обединувач да биде дерле.

Деспотот-дерле

Авторот на гротескниот проект СК014 неодоливо потсетува на еден фамозен лик од светската книжевност, Трималхион, симболот токму на гротескноста, малограѓанштината и евтиниот вкус. Во „Сатирикон“ од Петрониј, култното дело на римската книжевност, појавата на Трималхион предизвикува смеа кај присутните. Избричената глава е знак за ропство или за поранешен статус на роб; пурпурниот пораб (на тогата) е исклучива привилегија на сенаторите, но Трималхион поработ го става врз шалот за барем да потсетува на сенатор; златниот прстен во Рим бил исклучиво право на витезите, но Трималхион, за да избегне прекршок, а сепак да се приближи кон забранетото овошје, носи или имитација или прстен од чисто злато, но начичкан со железни ѕвездички. Посебна настраност покажува со тоа што го носи прстенот на малиот, наместо, како што е вообичаено, на домалиот прст. За својата скулптура на надгробниот споменик тој се осмелува да нарача пет златни прстени, сметајќи на тоа дека метеријалот нема да се препознае врз скулптурата.

Трималхион - симболот на СК014

Груевизмот среде ѕидините на Македонците внесе Тројански коњ. Или, да бидеме пошеговити, среде Македонците груевизмот спушти нешто што се нарекува „фантом“ (не е кукавичјо јајце, но е нешто слично, живинарско). На живинарските фарми, имено, постои голема потреба од сперма на петлите. Сметајќи дека природниот секс е непродуктивен, одгледувачите на кокошки не ги оплодуваат кокошките по природен пат, туку со помош на нешто што им го подметнуваат на петлите и што во жаргонот на одгледувачите се нарекува - фантом. Зборот фантом, инаку, потекнува од грчкиот збор phantasma, а значи „призрак, слепило, привид“.

Петелот, фантомот и ламелата


Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото