Брза пруга за Груевски

15.11.2018 00:31
Брза пруга за Груевски

Почна да работи брзата пруга Белград – Будимпешта иако уште не е свечено отворена. Како поинаку поранешниот премиер на Македонија, Никола Груевски стигнал до Унгарија. Преку Бугарија и Романија (не само заради „вишокот“ граници) е многу понебезбедно, а уште повеќе со авион од Грција. Имено, минатата година, двајца припадници на тајната полиција се обиделе од Солун да отпатуваат токму во Будимпешта, но биле уапсени на аеродромот. Заради многу комплицираната внатрешна ситуација, Турција е исклучена уште на прв поглед од сите можни комбинации.

Од друга страна, Орбан и Груевски се стари политички сојузници. Кога сме веќе кај историските врски, да направам и мала дигресија, атентаторите на кралот Александар Караѓорѓевиќ, 1936 година во Марсеј, припадници на организацијата ВМРО, како што денес гласи првата половина на акронимот на партијата на Никола Груевски, биле обучувани во Логорот на Хорти „Јанка – пушта“ во Унгарија.

Но, било што било, денешниот унгарски претседател е познат по тоа што силно ја поддржуваше македонската власт, додека на нејзино чело беше Никола Груевски, да не се согласи на промената на името на државата. А треба ли да се потсетува дека таа политика на Скопје му беше поблиска до срцето и на актуелниот режим во Белград. Кога на тоа ќе се додадат речиси „братските“ односи помеѓу Вучиќ и Орбан, каналот Вардар – Морава – Дунав се наметнал како идеален за извлекување на „живата сила“ и на „комората“.

Меѓутоа, не треба да се исклучи и друга можност, колку и да изгледа фантастично. Впрочем, она што на прв поглед изгледа фантастично, неретко се покажува како сосема реално. Имено, на Заев сепак повеќе му одговара Груевски да е каде било во егзил, отколку во азил во Скопје. Оттаму не е невозможно дека сиот тој трансфер го уредила некоја виша сила, па на актерите во тој трансфер им останало само помалку или повеќе убедливо да ги одиграат своите помалку или повеќе невидливи улоги.

На крајот, овде се поставува уште едно прашање: дали Будимпешта е крајната цел на довчерашниот македонски премиер, а денес лице од полициската потерница. Малку е веројатно дека Груевски ќе може подолго да се задржи во Унгарија – која ем е членка на Европската унија, ем е членка на НАТО алијансата – а да не биде испорачан. Значи, ако не сака да биде уапсен, или да се предаде, тој мора да оди понатаму.

На север веќе не може, на запад уште помалку, му останува исток. Значи Русија. Каде што го чека Мирјана Марковиќ, која српаската полиција, исто така ја бара, но чиешто предавање Србија веќе не смее ни да го побара. Можеби и заради тоа што, како што велат добро информирани извори, додуша малку склони кон шпекулации, нејзиното враќање во Србија се подготвува одамна. И како што велат, само се чека погоден момент.

Слики: Свирачиња

Извор: Peščanik

 

ОкоБоли главаВицФото