Неказнивоста е ексклузивна привилегија на политичарите

15.11.2018 11:07
Неказнивоста е ексклузивна привилегија на политичарите

Impunity или неказнивоста, не е поврзана со обичниот граѓанин, со ситниот или покрупен криминалец, туку со сегашните и поранешни високи функционери во власта.

Тоа се луѓето кои од позиција на власт си обезбедиле таква моќ, такви контакти, такви средства и можности, кои им обезбедуваат заштита од одговорност за сторените прекршувања на законите и злоупотребата на власта.

Неказнивоста може да биде поврзана со:

– законите кои се направени на начин што обезбедува заштита на луѓето кои се наоѓаат или се наоѓале на високи позиции во власта да не бидат гонети за криминал

– неспособноста на судството да се конфронтира со ваквиот вид сторители на кривични дела (било заради страв или незнаење или, најчесто, заради сопствена корумпираност)

– меѓусебното штитење на функционерите кои биле или се наоѓаат на власт со искористување на сите можности за простување, амнестии и аболиции

Големо залажување на граѓаните е уверувањето дека во случајот на Никола Груевски не станува збор за неказнивост заради тоа што Никола Груевски е суден и осуден. Имено, сѐ додека казната не се ефектуира може да настане ситуацијата на неказнивост.

Кога станува збор за осудениот криминалец Никола Груевски кој се наоѓа во бегство, станува збор за координирана акција на поголем број чинители кои ја овозможуваат неказнивоста.

Прво, недостатоците во обвинението кое во секој поединечен случај би требало да бара притвор заради многу големата можност од бегство и/или влијание врз сите инволвирани во судскиот процес.

Второ, отсуството на посочување од страна на судот дека во конкретниот случај може да дојде до избегнување на правдата и очигледното неспроведување на законските обврски за брзо постапување во услови на евидентна опасност од бегство.

Трето, неспособноста на полицијата да обезбеди осудениот криминалец Груевски да биде цело време под надзор, отсуството на соодветни сознанија дека се подготвува бегство и отсуството на соодветни служби кои би го спречиле бегството. Наместо квалитетна и осмислена акција, се спроведуваат бесмислени активности наменети за создавање привид дека се е според законот и правилата.

Кај секоја од овие институции станува збор за луѓе кои, или не знаеле работи кои според својата функција мора да ги знаат (заради што треба под итно да бидат разрешени од должност), или за страв (што е неспоиво со вршењето на било која од овие функции) или за корумпираност (за што треба веднаш да одговараат).

Не е прв пат да се случува вакво нешто. Не е ниту новина. Кога станува збор за криминалец од таков ранг каков што е Никола Груевски се употребуваат сите расположливи средства на државата да се обезбеди неговата казнивост. Камери, жива сила, технички средства за следење, мерки на претпазливост, ограничување на комуникација…

Доколку тоа не е направено тоа, може да значи или голема неспособност или пак (што е многу поверојатно), отворање простор за идна неказнивост на актуелните властодршци.

И да се разбереме, Никола Груевски не е пратеник и не смее да се третира како таков ни секунда по донесената пресуда. Тој е криминалец во бегтство. И ако Собранието не знае како да се справи со оваа ситуација, имаме голем проблем со огромна концентрација на глупост или на криминал во самото Собрание.

Слики: Свирачиња

Извор: Цивилмедиа