Пријателско писмо до Ленин

29.09.2010 11:02
Пријателско писмо до Ленин

Драг Владимире Иличу!

Здраво, пријателче! Па, како си ми? Дали си ми добро?

Патем, преморен од државните работи, ти сигурно си ме заборавил?...

А јас те памтам.

Јас сум истиот оној твој колега по новинарство, Аверченко, кој, ако ти текнува, тапкаше во место долу, покрај куќата на Кшесинска, додека ти стоеше на балконот и на цел глас викаше:

- Треба да се задави буржоазијата! Пљачкај го опљачканото!

Јас сум истиот оној Аверченко на кој, ако ти текнува, му се жалеше на Луначарски дека наводно – во својот „Сатирикон“ – ти се потсмевам и ти се подбивам.
Ти тогаш му нареди на Урицки засекогаш да го затвори моето списание, а мене да ме однесе на Гороховата улица.

Прости ми, пријателче, што два дена пред тоа претпоставено носење на Горохова – отпатував од Петербург, дури и не простувајќи се од тебе. Бев зафатен со други работи.

Ти тогаш нареди да ме уапсат на станицата Зерново, ама јас сосем заборавив да ти кажам пред моето заминување дека ќе патувам преку Унече.

Не го очекуваше тоа?

Патем, ти благодарам. На Унече твоите комунисти прекрасно ме дочекаа. Вистина, командантот на Унече – познатата воспитаничка, другарката Хајкина, најпрвин сакаше да ме стрела.

- Зошто? – прашав.

- Зашто вие во своите фељтони им се потсмевавте на болшевиците.

Јас се удрив во гради и навредено викнав:

- А сте ги читале ли моите најнови фељтони?

- Не, не сум ги читала.

- Така, значи! Тогаш нема за што да се разговара!

А „за што нема да се разговара“, признавам, и самиот не знам, бидејќи во најновите фељтони пишував дека болшевиците се – прости ми, пријателче, за острината на мојот тон – крадци, убијци и лажговци...

Очигледно другарката Хајкина погрешно ме разбрала, а јас не се обидов да ја разубедувам.

Ете така, братче мое, си поминував.

Заминувајќи од Унече, побарав за себе вооружена придружба бидејќи требаше да поминам низ неутралната зона, но тоа беше најчудната неутрална зона која сум ја видел во животот. Зашто од едната страна на неутралната зона пљачкаа само болшевиците, од другата само Германците, а во неутралната зона пљачкаа и болшевиците, и Германците, и Украинците, и, воопшто, сите што не ги мрзеше да го прават тоа.

Којзнае зошто таа зона се нарекуваше неутрална.

Многу ти фала, пријателче Волоѓа, за придружбата – ако сè уште не ја убиле твојата Хајкина, награди ја со едно орденче Црвено Знаме на моја сметка...

Многу, многу вода протече, другар Волдемар, за овие две години... Јас не ти се лутам, ама ти ме бркаше низ цела Русија како да бев зајак: од Киев во Харков, од Харков – во Ростов, потоа Екатеринодар, Новоросијск, Севастопол, Мелитопол, повторно... Севастопол.

Писмово ти го пишувам од Константинопол, каде што се наоѓам поради некои свои лични работи.

Впрочем, цело време зборувам за себе, та за себе... Да поразговараме малку и за тебе...

Ти во меѓувреме стана голем човек... Ма, што тропам: неограничен владетел на цела Русија... Дури одовде ги гледам твоите итри очиња, дури одовде ја слушам твојата изјава:

- Јас не сум владетелот, туку тоа е ЦК.

Е тоа, Волоѓа, веќе не е фер. Доста се преправаш – веќе знам дека доволно е само да кивнеш и целиот твој ЦК да падне под маса и да прави сè што ќе посакаш.

А добро се снајде, мангупче едно – те уверувам дека дури и за време на Царот државната Дума беше илјада пати посамостојна и понезависна. Може да се каже дека ти „работнички-селански“ си ја натерал да се скрие во глувчешка дупка.

Како се чувствуваш?

Знаеш, често мислам на тебе и морам да кажам дека во последно време воопшто не можам да те разберам.

Кој ѓавол ќе ти е сето тоа? Во тоа време, кога викаше до зарипнатост од балконот, беше делумно гладен, а делумно сакаше и светот, така младешки, да го преуредиш.

А сега? Се најаде до презаситеност, ама светот, сепак, не го преуреди.

Допираат и до мене гласини дека таму кај вас, во Русија, преуредена според твојот план – се живее одвратно, и поодвратно не може ни да биде.

Никој не работи таму кај тебе, сите гладуваат, умираат, а ти, Волоѓа, слушам, толку си се заплеткал што си дозволил да се појават приватната сопственост, и слободниот пазар, и концесиите.

Вредеше трудот, нема што!

Впрочем, работата дури не е ни во тоа – се плашам дека само ти е здодевно.

Самиот јас, знаеш, сакам да владеам, ама власта е добра само кога наоколу има благосостојба, насмеани лица и толку убави женички како мадам Монтеспан од времето на Луј.

А каков Луј си ми ти, прости ми за отвореноста!

Си се опколил со секакви гадови, како Башкирците, Кинезите – и се плашиш да го покажеш носот од Кремљ. Тоа, братче, не е власт. Дури и Николај II порано почесто се покажуваше пред народот и му викаа „ура“.

А тебе што ти викаат?

- Измамници – ти викаат тебе и на Троцки. – Да даде господ да цркнете, комунисти низаедни.

Па, како ти се чини?

Би сфатил да се родеше како крал – тогаш ништо не се може: должноста налага. Тогаш убаво си седиш во кулата и си пишуваш закони за поданиците.

А ти – те знам јас од Швајцарија – ти без кафе, без „придружба“, без тутунски чад кој лебди под таванот – не можеше да живееш.

Сигурно понекогаш пак ти се присакува да си поседиш во пивницата, да се изнавикаш за политика, да пивнеш добар кнастер – ех, старите добри времиња!

Ни од Кремљ не смееш да излезеш, зашто и пивниците, ѓавол ќе знае зошто, ги испозатвори со указот бр. 215523.

Тешко ти е, братче, живееш ко пес. Ти си Русин од стариот дворјански ков, а се дружиш само со Башкирците, со Кинезите. А еден пријател што си нашол – Троцки – ич не си одговарате. Се разбира, Волоѓа, не сакам да сплетничарам, ама знам дека тој те наговара на секакви глупости, а ти го слушаш.

Ако сакаш да ти дадам еден мој пријателски совет – избркај го Троцки, распушти го тој идиотски ЦК и издај го својот последен указ на рускиот народ дека, ете, си згрешил, за што и се извинуваш, дека си мислел да накалемиш социјализам и комунизам, но дека тоа е „фрлање бисери“ пред заостаната Русија, и затоа му наредуваш на народот да му се врати на стариот, буржоаско-капиталистички поредок, а самиот ти заминуваш во бања да се одмориш.

Едноставно и слатко!

Жити се, батали го тоа, па и самиот гледаш што излезе од сето тоа: ѓубре, смрад и безобразие.

Да не ти треба некој денар? Можам да одвојам пет-десет лири, да ти ги испратам.

Ако сакаш – дојди кај мене, убаво ќе си се одмориш, ќе закрепнеш, па ние двајцата заедно ќе смислиме нешто, многу попаметно од твојот марксизам.

А сега збогум, брате, поздрави ги сите таму!

Баци го Троцки, ако не ти е гадно.

Каде ќе летуваш – на дачата?

Веројатно нема да останеш во Кремљ?

Со комунистички поздрав, Аркадиј Аверченко.

П.С.
Ако ти текне да пишеш, пиши на адресата: Париз, Елисејски дворец, Милдеран – за Аверченко.

Аркадиј Аверченко (1881-1925) е руски прозаист и драматург, во емиграција од 1920 г. Бил хуморист и сатиричар, пишувал романи, раскази, фељтони, цртички и скечеви во кои од естетко-етичка гледна точка ги критикувал „вечните“ недостатоци на човечкиот карактер и општествените нарави, но и ги демаскирал пропустите на политичкиот живот во Русија во предреволуционерниот и револуционерниот период.

Превод од руски јазик: Ѓорѓи Крстевски

Ова е една од најплитките

Ова е една од најплитките критики кон Ленин што сум ги прочитал. "Баци го Троцки, батали марксизам, дрн дрн" Жална приказна е поетов. Во основа тоа е големината на Ленин, ретко кој како него успеал да види можност за револуционерен рез. Жижек јасно ја потенцира диктатурата која ја наметнува Ленин, таа е строго политичка, слободата е целосно загарантирана доколку не ги истакнувате политичките ставови.

Еба ти таквата слобода, Диме!

Еба ти таквата слобода, Диме!

А претпоставувам политичкото

А претпоставувам политичкото крекање е другата опција. Читај ја заебанцијава за прогресот , истото важи и за слободата -> http://jahsonic.wordpress.com/2009/07/11/what-does-it-mean-to-be-a-revol...

А, што е денешниот плач на

А, што е денешниот плач на марксистите и кукањето како капитализмот е зол и брутален, е само тогаш будалите кои мислеле дека со збор се менува светот, завршувале на крајот на светот на Сибир и мрзнеле, а денес универзитетски професори кои топ не ги бие и мука немаат, кукаат како капитализмот репресира. Да се разбереме, не го бранам капитализмот, поентата ми е, ако стварно не менувал ништо зборот изречен против комунисти, зошто тогаш толку жестоко биле прогонувани дисидентите, дали е тоа патолошка суровост, или кусогледост на „праведните“ диктатори.

Растерети не' малку, ако

Растерети не' малку, ако Ленин е полн со дупки, тогаш капитализмот е пофер?! Сега да извадиме писма од, што знам, да речеме Чарли Чаплин од времето кога му бил забранет влез во САД поради про-комунистички ставови во филмовите?! Барем ќе се посвежи и позабавни од овие суморниве Руси, пих...

Прогонот е само емпириска,

Прогонот е само емпириска, контингентна нужност, фината е во тоа кој ќе собере храброст да ја направи од тие причини. Подоцнежните фази на Сталиновиот терор се веќе патолошки ендеци и тоа неминовни, тука нема збор.

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Клопец [к:1]
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото