Како опинците, а не пушките, го спасија светот

16.11.2018 00:53
Како опинците, а не пушките, го спасија светот

„Поголемиот дел од она што го нарекуваме историја на светот се состои од бескрајни приказни за храбри луѓе кои правеле ужасни нешта.“

Дејвид Грејбер

Секој 21 септември светот го слави денот на мирот. Годинава, денот на мирот го дочекавме со пет војни кои до денес однесоа помеѓу 3 600 и 16 200 животи, и десетина други со помал опсег. Додека меѓународната заедница (т.е НАТО и друштвото) јавно и без многу среќа се обидува да спречи едни, другите активно ги вооружува (Јемен).

Сè што можат да направат хуманитарните организации е да укажуваат на злосторства, но и натаму е тешко да се најде војна која кога ќе почне, ваквите организации можат да ја запрат. Ако живееме во свет во кој меѓународната заедница, ОН и останатите хуманитарни структури не се способни да ги запрат војните, можеби е време да размислиме за поинаков пристап.

Можеби треба да прифатиме дека еден начин да се спречат војните, или да се запрат, е преку чинот кој е подеднакво стар како и војната: дезертирањето.

Дејвид Грејбер во својот краток есеј Bully's Pulpit - On the Elementary Structure of Domination, ја анализира тензијата на дискурсот за дезертерите, мажите цивили и непријателските борци – односно, зошто непријателскиот напад секогаш е кукавички, а храброста е одлика само на „нашите“, кои и да се? Исто така, мошне се ретки извештаите за масакри на мажи во воено доба – Грејбер укажува дека организациите за човекови права зборуваат дека масакрите се насочени речиси исклучиво против жените, децата и, можеби, постарите.

Ваквиот дискурс се користи за циничните цели на моралното оправдување на воените операции. Грејбер како најциничен оправдано го наведува примерот на командантите на Војската на Република Српска, кои се впуштале во истребување само мажи помеѓу 15 и 55 години, сметајќи дека на тој начин би можеле да избегнат обвиненија за геноцид. И најпосле, особено дезертерите секогаш се карактеризираат како кукавици, иако самиот чин на дезертирање може да доведе до смрт со стрелање или барем затвор.

Она што произлегува од оваа динамика на дискурсот за храброста и кукавичлукот е тоа дека дезертерите, во ерата на нациите, се најголеми предавници и кукавици. За национализмите нема поголемо предавство од тоа, ниту постојат изговори за ваквиот чин. Во време кога секоја војна – е војна за одбрана на татковината (па дури и од агресори), одбивањето да се брани татковината е директен напад на телото на истата.

Секако, тоа е во директна спротивност со историјата, исто како што и секоја идеологија е спротивна на историјата. Затоа национализмот мора да ја промени историјата и ретроактивно да ги примени своите идеали за настаните кои се случиле дури и пред постоењето на концептот на нацијата.

Така сите босански национализми ги слават почетоците на својата нација во средниот век, во времето пред уставот, граѓанството, пасошите, државната војска и кога на пример, спрските властелини се бореле на страната на турската круна, а хрватските на страна на млетачката заради подобри даночни услови. Или, алтернативно, национализмите едноставно можат да заборават на непријатностите.

Една таква заборавена непријатност е и прашањето „како заврши Првата светска војна?“ Русите се откажаа, Американците се придружија и Германците изгубија – така некако. Сепак, тоа е малку чудно. Зошто Германците се предадоа после победата на источниот фронт, а не изгубија на западниот? Повеќе или помалку, на крајот на војната фронтовите останаа непоместени. Не – фронтовите не се местото каде што заврши таа војна, туку улиците во Берлин. Во сите завојувани држави растело незадоволството на масите. Во Германија недостатокот од храна предизвика нереди и масовни штрајкови ширум земјата.

А бунтовите се ширеле и во војските и морнариците на Италија, Австрија, Франција и Британија. Почетокот од крајот на војната го иницираат морнарите во Киел кои ја одбиваат наредбата за самоубиствен напад на британските бродови. Вооружени маршираат низ градот заедно со пристанишните работници, ја соборуваат власта и воспоставуваат војнички совет, па се качуваат во камиони и се упативаат во правец кон Берлин – да ѝ се придружат на револуцијата, и кон Калининград – за да остварат контакт со Советите.

На тоа мора да се додаде дека револуцијата веќе се случила во Русија, предизвикана од штрајкот на работниците на 8 март 1917 година, и е доведена до зенитот со масовниот бунт на војниците. Исто така и првиот голем бунт на војниците се случил токму на западниот фронт, во април 1917 година. По дефанзивата која чинела 250 000 животи, 68 дивизии, половина од француската војска одбила да се врати на фронтот – а некои единици кренале црвени знамиња пеејќи ја Интернационалата.

Изрекувањето 500 смртни казни, од кои се остварени 49, и низата концесии ја обновиле дисциплината. Истата 1917 година бунтови се ширеле и во другите војски, со околу 50 000 војници во Италија и пет дена крвави бунтови со околу 100 000 војници во британскиот базен логор во Етапле.

Блиско до нашите прилики можеби е движењето за отпор на војната, кое во предвоените и раните воени денови внесувало страв во коските на националистичките политичари, ако може да се суди според нивото на пропаганда против ваквите движења и индивидуи.

Можеби најголем отпор беше пружен во Белград, со комбинирано дејствување на дезертерите, невладините организации, рок сцената (како на пример, култната песна Слушај ваму) и дејстувањето на поединците со секаква позадина. Еден таков поединец е и Владимир Живковиќ од Ваљево, кој бил присилно мобилизиран и испратен како резервен војник во тенковската единица на Славонскиот фронт. Владимир Живковиќ го свртел тенкот од Хрватската граница и го возел назад во Белград, каде се паркирал пред Собранието. Со одѕив на мобилизацијата од 50 проценти во Србија, а во Белград само 15 проценти, полицискиот и воениот притисок можеби беше единствениот фактор кој создаде војска за следни војни.

Така, на пример, во Ваљево се вратија 2 800 дезертери и ја окупираа општината и донесоа одлука за формирање одбранбени единици кои можат да се борат само во рамки на границите на Србија. Протестите и движењата во Подгорица, Сараево, Сплит, Загреб и во многу градови и села, сведочат дека Белград не беше исклучок, иако можеби беше најилустративен пример.

Додека податоците од останатите Републики остануваат недостапни, илустративен е фактот дека против побунетите резервисти во Тузла се поднесени околу 1 000 кривични пријави, а во Црна Гора на самиот почеток, во јули, имало 1 300 дезертери.

Да се вратиме на сегашноста. Во 2013 година француските историчари на Оланд му го претставија извештајот во кој ги анализираат погубените француски војници како резултат на одлуките на воениот суд за време на Првата светска војна. Историчарите истакнуваат дека ситуацијата е скокотлива, зашто меѓу нив има и убијци и слични не-дезертери.

На крајот од годината, Владата го одби предлог законот за простување на војниците од таа војна, и сето тоа речиси паѓа во заборав, секако, до оваа година кога се случува стогодишнината од крајот на војната. Засега, изгледа дека такво простување не е усвоено, иако има уште време до 11 ноември.

Француските војници мораа да чекаат барем сто години за простување на таканаречените криминални чинови, а колку долго ќе чекаат за признавање дека токму тие се хероите кои ја прекинаа империјалистичката војна, останува отворено прашање.

21.09.2018

Илустрации: George Grosz

Извор: http://www.h-alter.org

ОкоБоли главаВицФото