Има една пострашна работа од бегството на Груевски

16.11.2018 02:03
Има една пострашна работа од бегството на Груевски

Видете вака, има една пострашна (многу пострашна) работа од бегството на Груевски, а тоа е што таква креатура воопшто можеше да дојде на власт, ја добие целата моќ и да го диктира (уништува) нашиот живот. Да бидеме реални, не ја зеде власта на сила. Да, ја држеше барем пет години на сила, но ја освои сосема демократски.

Затоа, паралелно со згрозувањето: "зошто е пуштен, од ова не бидува држава, дебакл, нека го изгаснат светлото..." и слично, треба да си ги поставуваме прашањата: "Придонесов ли јас за тој да биде тоа што беше? Дали агитирав за него? Го поддржував ли во јавноста (медиумите)? Зборував ли дека е технократ, кој ќе развива економија, а не диктатор? И конечно, дали гласав за него?"

Не е точно дека злото не беше видливо уште на почетокот, како што не сакам да се правам многу паметен затоа што мојот одговор на сите прашања погоре е негативен.
Животот во Македонија нема да заврши со овој случај. Ниту државата ќе престане да постои, ниту некој ќе го изгасне светлото. И фала Богу што е така. Но, ако не ја сфатиме и признаеме својата вина за состојбите, колку и да е мала, опасноста да ни се повторат "оние 11 години", е мошне присутна.

Грујо избега (засега), но злото што тој го создаде, претставуваше и симболизираше, и натаму ни виси над глава. Нема да се реши со згрозување и фрлање критики од ракав, туку за почеток, барем со свест како да се справуваме со ситуацијата разумно. На пример, со барање за детална истрага како избегал и покренување на сите постапки пред домашните и меѓународните инститции, да биде испорачан назад. Јас се уште верувам дека ЕУ нема да засолнува криминалци, колку и да таа организација стана збирштина од секакви карактери, како моментниот домаќин на Грујо.

Слика: Свирачиња