На фризер

16.11.2018 12:50
На фризер

„Сосема кратко“, одговорив.

„Олку“, ми покажува
земајќи го праменот со месестите прсти.

„Нема после да ти биде жал?“, љубопитна е.

Знаев да имам и подолга коса.
Во тоа време фризерката
ги запираше солзите додека ја кратеше.
Не, денес за ништо не жалам.
Денес е време за одмазда.

Тогаш косата ми
беше долга колку замавот на острицата,
сега ја сакам кратка
како потсечени зелени врисоци трева,
кратка како пулс.

Тогаш косата ми мирисаше на шума
денес сакам
да мириса
на пилевина.

Само ние двајцата сме во салонот,
кој одеднаш расте.

Собата се шири.

Тивок седам
среде нејзината нега.
Веќе нема да кажам ни збор.
Ѝ плаќам
и за оваа тишина.

Размислувам
дали мојата сопруга ќе беше љубоморна
да видеше
како оваа непозната жена
се плетка со мојата коса
со својот чешел и ножиците,
минува со прстите низ неа
меко воздивнувајќи напрегајќи се
да ротира со телото околу столчето.

Додека работи со тримерот
на вратот го сеќавам нејзиниот здив –
таа професионалка со бледи мустачиња
и фигура како пазарски месар.
И покрај сите нејзини напори
за неа сум само месо.
Овца за молзење.
Муштерија.

Откако ќе заврши со работата,
со фенот ќе ми ги издува фините, црни искрички,
од моето чело, носот, ушите.

Ама, додека ми го втријува гелот во косата,
ми се причинува за час
дека сум нејзиното момченце –
инфант во сина наметка
што конечно го отфрла и го истресува
разбивајќи ја кратката илузија.

„Сосема нов човек!“,
вели, горда на своето дело.

И навистина сум целосно инаков –
сличен на човек
кому му ја сметнале тешката круна од глава
и сега е присилен да оди
по студените, дождливи алеи
без жезол или чадор,
слободен, еднаков и ништовен
како сите други.

Арвис Вигулс (1987) е летонски поет, литературен критичар и преведувач. Има објавено три книги, а неговата прва книга поезија, Соба (2009) е прогласена за книга на годината во Летонија. Како преведувач на летонски има објавено преводи на Јосиф Бродски, Васко Попа, Федерико Гарсија Лорка, Волт Витман, Вилијам Батлер Јејтс и други.

Слика: Carlo Salomoni
Превод: Еѓуп Скокотле

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото