Театар

16.11.2018 13:58
Театар

 

Преку ноќта градското началство и жандармеријата избегаа од градот. На периферијата, на една пуста полјанка, лежеше недоизгорената архива, кучињата-скитници ги душкаа таксените марки со муцките замачкани во модрото мастило на печатите. Вечерите беа осветлени од разнобојни пожари: магацините покрај реката беа запалени. Вреќите со шеќер гореа синкаво, бурињата со нафта – портокалово.

Градот беше речиси празен, испокршените прозорци на јавните установи зјаеја кон небото, низ улиците се влечкаше воена опрема, хартии, мртви мачки. Се зборуваше дека Циганите и градскиот џган ги обиваат дуќаните. Попладнињата беа суви и правливи, без звук: само одвреме-навреме се слушаше чкрипење на товарна кола полна со стока што исплашените трговци ја криеја од дуќаните.

При едно од кусите истрчувања од дворот, во кој на децата им беше единствено дозволено да си играат, ние откривме дека отспротива, од другата страна на малиот парк, големата влезна врата од театарот е отворена. Се мушнавме внатре: немаше никој. Надвор беше уште светло попладне, но внатре владееше полутемнина. Очите бавно се свикнуваа на неа: во вестибилот имаше скршени шишиња, секакво ѓубре, шарени партали.

Сè беше растурено, оставено набрзина, расфрлано. Одејќи претпазливо, на прсти, внимавајќи да не згазнеме на срча, влеговме во салата. Отпрво во темнината ни се стори како ништо да се нема изменето. Потоа видовме дека кадифето од фотелјите е израсечено на некои места, дека тие се измачкани со секаква нечистотија. По подот лежеше расфрлана слама, од некакви перници беа израстурени пердувите. По аглите се слушаше тешко, заситено ѕунење: над веќе скоравениот измет летаа бавни, влакнести муви.

Одевме меѓу редовите на столовите, шепотејќи. Во самракот нејасно се разузнаваа облиците, ние се шуткавме несмасно, допирајќи го одвреме-навреме кадифето од фотелјите како да допираме крзно од некое заспано животно. Сега веќе можевме да видиме дека некој се обидел да ја симне големата завеса: таа висеше наполу искината, затскривајќи го едниот дел од бината.

Пробивајќи се низ ходниците полни со испокршена покуќнина и срча, во кои електричните инсталации, полуистргнати од ѕидовите, се расцутуваа во шарени сплетови на раскинати жили, ја најдовме гардеробата. Некој веќе беше пребарувал низ неа: на подот лежеа искубани и извалкани перики, а по рафтовите во безредие стоеја големите женски капели со пердуви, турски чалми, униформи на непознати војски и попски мантии. Нашата веселост, здржувана во самрачната тишина на салата, наеднаш експлодира. Клештејќи се ужасно, ние се наконтивме со ордени и еполети, во смешни долги реденготи и руски рубашки, ги ставивме на глава црните италијански шапки и ги врзавме околу појас украсените коњички сабји. Кашлајќи во облаци од растурена пудра, си ги доцртавме мустаќите и ги лепевме лажните бради.

Потоа се стрчавме низ ходниците кон салата: подот страшно тропаше како по него да минува одред коњица, од штиците се креваше прав. Темнината на салата како пак одново да нè исплаши. Се растуривме низ неа охрабрувајќи се со кратки, птичји извици. И тогаш еден од нас, оној што прв се искачи на бината, исплашено вресна покажувајќи на нешто што лежеше завиткано во тешките брчки на паднатата завеса.

Ние се стрчавме, сопнувајќи се и буткајќи се.

Таму, на бината, целата завиткана во избледено сината завеса, лежеше лудата Фана, девојка која ние ја знаевме: низ маалото таа понекогаш минуваше по неколку пати на ден, некогаш пак не доаѓаше со недели. Боса и со маслосана коса, таа отсутно ги покажуваше забите кривејќи го лицето во некаква присилна насмевка, додека ги избегнуваше отпадоците со кои ја мававме. Не беше питачка туку само некаков вид недостатно умна прислужничка, будалеста девојка за која се раскажуваше дека живее некаде на периферија, во некаква колиба, заедно со куп кози. Сега лежеше пред нас, со раширени нозе и отворена уста од која полека и течеа лиги.

Додека ѝ местевме слама меѓу прстите на нозете таа не почувствува ништо; не почувствува ништо ни кога некој од нас ја запали сламата. Кога пламенот дојде до кожата, таа вресна и скокна. Ужасно вресна уште еднаш кога нè виде собрани во круг околу неа: лица со лажни бради, глави со царски круни, очи скриени со венецијански маски. Потоа нè препозна и врескајќи неразбирливи зборови замавна да нè удри.

Трчавме низ темнината паѓајќи и соборувајќи се еден со друг. По нас трчаше таа, клештејќи се весело и застрашувачки во ист миг. „Копилиња”, викаше таа по нас, „копилиња, копилиња”. Го слушавме зад нас шлапањето на големите боси нозе. Таа мавташе со некаков голем партал и ги извикуваше своите нејасни зборови: тие речиси испаѓаа од нејзината уста, невообличени докрај и натопени со плунка.

Ние врескавме од страв и од задоволство: во темнината таа налетуваше на нас од зад неочекуваните агли, нè плукаше и нè удираше по лицата со нечистиот партал. Тоа беше грда и срамна игра: ние ги искористувавме моментите на нејзината невнимателност за да ја удриме по нејзиното големо и несмасно тело со мечовите и летвите што ги имавме в раце. Таа крикнуваше од болка, нејзините очи светнуваа со желба за одмазда, но набргу потоа забораваше на тоа и го продолжуваше наполу шеговитото – наполу вистинското прогонување.

Низ темниот театар таа се движеше како несмасно страшилиште: плукаше и гребеше, сета распарталена, мавтајќи со остатоците од шарените костими, забревтана и испотена, ширејќи го околу себе мирисот на своите кози. Ние скокавме пред неа низ фотелјите. Тоа беше последна голема претстава на стариот театар. Смешното старо здание, полно со гипсени украси премачкани со златна боја и со големи ѕвонливи лустери, одекнуваше од врескавото смеење. „Копилиња, копилиња”, викаше огромната несмасна девојка трчајќи по нас.

Беше страшно и смешно: полазени од морници, ние се криевме по темните агли, се завлекувавме под фотелјите, прескокавме од ложа в ложа. Огромната парталава девојка трчаше зад нас речиси невидлива, но затоа мошне чујна, како некое тешко животно, испуштајќи одвреме-навреме грчовити извици. Големите лустери над нас се нишаа и ѕвонеа. Тешкото тупотење на босите нозе одекнуваше низ ходниците.

Ги најдовме, во лудата трчаница, скалите што водеа на галеријата и се искачивме горе. Таму застанавме, збиени во група, тешко дишејќи. Во големото здание ништо не се слушаше. Беше тивко и страшно: каде и да се подаде раката, дланките го допираа топлото, наежавено крзно на кадифето. Во ноздрите го чувствувавме мирисот на правта со кој беа измешани старите мириси на театарот: оние на пудра и на исушена пот. Надвор, на улица, како да застана некој автомобил: ние се стресовме. Но потоа пак тишината густо се измеша со темнината полна со прав.

Го чувме прво нејзиното дишење: беше испрекинато, влажно и чкрипаво, рапаво како и нејзината кожа. Таа луташе долу, низ партерот, барајќи нè. Се смееше притивнато, веројатно сметајќи дека не пронашла, потоа, измамена, мрмореше неразбирливи зборови. Ние молчевме. Таа пак исчезна. Нешто падна во некој ходник, некое стакло се скрши. Неа ја немаше. Минуваа долги минути во исчекување. Наеднаш, еден од нас ја откри и ни ја покажа, молчејќи: таа беше клекната, свиткана како птица, на оградата од една ложа, демнејќи нè. Беше преслечена: ги имаше на себе сите преостанати партали од гардеробата шарени наметки, јаки на шпански грофови, манжетни, ширити, испокинати тантели, шапка со пердуви. Во рацете држеше огромен црн чадор. За миг таа ни се стори една од оние чудни фигури од гипс по рабовите од ложите: наполу ѕвер, наполу девојка. Но не: таа беше неверојатна птица од џиновскиот кокошарник на нашите соништа, големиот несмасен лилјак од вештерските претстави што според самрачните прикажувања се одржуваа тука на полноќ, грдата пеперуга од садистичките школски пантомими. Веднаш покрај неа, малку подолу од нејзините нозе, беше вратата што водеше во вестибилот.

Во вестибилот некој чекореше. Се слушаа претпазливи чекори, нејасни гласови. За миг беше тишина а потоа вратата се отвори. Големиот шарен лилјак, кој стоеше дотогаш на оградата од ложата, се одлепи од неа и полета раскрилено кон вратата. Во светлината што доаѓаше оттаму запрпелкаа партали, долги тантели и обоени пердуви. Големата луда девојка крикаше како птица, врескаше и плукаше, престорена целата во виор од извици и распердушени гестови, во бесмислена ветрена мелница која одеднаш ја потфатил некој наумничав ветар. Таа беше убедена дека нè има изненадено. Во реската светлина леташе нејзиниот чадор и се слушаа нејзините победнички извици.

Пукотот дојде потоа. На вратата стоеја војници, отпрво вџашени, потоа лути. Едниот истрела уште двапати. Големата шарена птица застана за миг во вртењето, потоа како да спласна: куп партали се струполи на подот. Крикот на будалестата победничка радост се претвори во крик на измама и ужас. Ние стоевме на галеријата, вџашени и неми, со огромно отворени очи: бевме единствена публика на дотогаш невидената претстава. Веќе безобличниот куп отпадоци се грчеше на подот, нозете се собираа и се отпуштаа со движења грди и бесрамни.

Војниците се повлекуваа бавно назадечки. Ние стоевме горе, во темнината, со прсти зариени во густото топло крзно на оградата. Шарениот куп партали веќе не се движеше. Не се слушаше никаков шум. Потоа се чу како надвор автомобилот заминува. Ние стоевме уште малку во темнината, потоа бавно слеговме.

Надвор, во летниот мрак, се ширеше горчливиот, мрсен чад и мирисот на изгорено. Трчавме покрај куќите и низ дворовите, отфрлувајќи ги попат шарените партали, украси и еполети, лошо залепените бради и големите шапки. Над нас, во небото, блеснаа неколку црвени и зелени ракети што потоа долго паѓаа. Од нивната кловновска, панаѓурска светлина целиот град беше осветлен како сцена на некоја претстава во која сите ние моравме да бидеме учесници.


Цртежи: Paul Delvaux
Извор: Влада Урошевиќ - Детство, лето, град (Темплум, 2011)

ОкоБоли главаВицФото