Вермер

17.11.2018 12:31
Вермер

Често деновиве мислам на Вермер.

Убав млад бонвиван, исклучително образован и надарен (таков и се насликал на сликата во борделот со проститутка и клиент, во 1656 година). Од семејство на битанги и разбојници. Како и сите млади и надарени луѓе од такви сиромашни семејства на силни личности од полусветот и тој е амбициозен и се обидува да се пробие во општеството.

Среќава млада убава девојка од богато и моќно семејство. Нејзиното семејство се противи на врската. Младиот Вермер од љубов станува католик (иако е воспитан како републиканец и протестант), семејството на девојката го прифаќа како нужно зло и тој ја зема девојката од неговите сништа. Така станува дел од високото општество, но зад убавиот заеднички портрет со мртва природа на ова семејство во темнината се крие злото и насилството. Девојката, како и сите деца од семeјства со мрачна историја, силно се приврзува кон него (нејзиниот татко и нејзиниот брат се домашни насилници). Вермер и таа живеат во куќата на нејзината мајка. Тоа не е негова куќа ниту некогаш семејството на неговата жена нешто ќе му подари. Тој мора да живее со богатата баба како домазет. Но, животот е убав во таа голема куќа полна со слуги и со деца.

Тој наутро се буди крај жената што ја љуби, нејзината коса се растурила преку неговите гради и тие лежат голи така до пладне во постелата со чиста постелнина; сoнцето ја осветлува собата, правта блеска како старо злато во сончев зрак; топло е во постелата и тој не мора да стане; куќата мириса на свежо млеко и врел леб; некоја млада слугинка пее во дворот... Вермер не мора ништо да работи. Тој може целиот ден да чита во кревет или да се дружи со пријателите и да разговара за философијата и уметноста. Може да ги проучува тајните на светот, езотеричните науки и небесната механика. Може да мечтае за далечни земји и патувања (оттаму толку географски мапи на неговите слики).

Понекогаш може и да наслика некоја сликичка кога тој самиот почуствува инспирација. Често, кога бабата ја болат коските или вештачката вилица ја глода, тој мора да ја слуша додека седат крај богатата трпеза на која блеска кристалот и златото додека му брбори дека си го троши залудно времето, дека е мрзлив и дека човек со негова дарба може да направи многу во животот само ако посака...

На Вермер сето тоа му е здодевно, но тој го трпи измачувањето зошто тој има добар живот, бабата му има најдено спонзор кој го плаќа што и да наслика (бабата мисли дека Вермер е измамник кој мора да го храни поради среќата на ќерката) и Вермер не мора за ништо да се мачи, ниту да се бори за нешто во животот. Иако не живее во раскош, сепак има добар живот (но не поседува и не прави ништо - оттаму и нема денес никаков запис за него ниту пак трага дека постоел). И ете, сето тоа во еден миг исчезнува. Војната неповикана доаѓа во градчето на Вермер. Неговиот спонзор умира. Бабата не сака да умре. Вермер ги губи приходите и мора да работи за бабата. Таа има големи имоти и трговии, а Вермер сега е нејзин довереник кој собира пари од должниците. Холандија по војната е претворена во голема каллива бара по која пливаат трупови на животни и на луѓе.

Тогаш Вермер, кој ја поднесува бабата целиот живот, открива дека и не живеел вистински. Еден убав ден му паѓа мрак на очите. Нема веќе сили и не може веќе да го поднесе секојдневното понижување и го прави единственото нешто што не смее да го направи - ја ограбува бабата. Ги троши парите на жени и вино по крчми и бордели додека не го фатат. Бабата го брка од дома. Тој го губи семејството и умира, несреќен и осамен, по три години како последен бедник во партали. Остануваат само неколку слики зад него. Ќе треба да поминат повеќе од тристотини години за да се оствари неговиот младешки сон и да стане славен.

Слики: Јоханес Вермер

Слични содржини

Уметност / Историја
Уметност / Историја
Книжевност / Култура / Уметност / Историја
Технологија / Живот / Теорија / Историја
Балкан / Историја
Книжевност / Уметност / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото