Потрошувачката кошница од каменото доба

19.11.2018 01:51
Потрошувачката кошница од каменото доба

Сосема сигурно барем сте дознале, а можеби и сте пробале, дека постои некаква „палео диета“ – начин на исхрана каков што имале нашите далечни предци од палеолитот, односно во зората на каменото доба. Многу „фитнес гуруа“ и други заговорници на разни диети за слабеење тврдат дека начинот на исхрана кој го имале „пештерските луѓе“ (на пример, пред 3 милиони години до пред околу 10 000 години) е идеален и за денешно време, особено ако се борите со вишок килограми.

Како живееле тогашните луѓе и што јаделе?

Во каменото доба луѓето главно живееле како номади и ловци-собирачи. Живееле во мали групи, оделе наоколу во потрага по храна и често го менувале живеалиштето кога снемувало храна. Ловеле животни, риба и инсекти, береле овошје и зеленчук, собирале семки – навидум, мошне здрава храна. Но, во различни области исхраната била различна и најчесто не толку разновидна – луѓето гладувале и јаделе тоа што имале. Некогаш само месо, некогаш само семки.

Многу научници тврдат дека сè до пред околу 50 000 години речиси сета човечка храна била од растително потекло, а само мал дел од животинско – млади животни, јајца и инсекти. На пример, големите животни како што се антилопите биле реткост и посебна гозба. Децата ги доеле долго, но по детството не јаделе млечни производи. Во некои области растеле повеќе овошја, па овошјето имало доминантен удел во менито, додека некои групи, особено оние во студените региони, биле исклучително успешни во ловот и нивна храна главно била – месото.

Она што можеби го забележавте е дека исхраната во палеолитот не вклучува житарки. Тие во човечката исхрана влегуваат на голема врата во неолитот, започнувајќи голема земјоделска револуција која сосема го менува животот на луѓето.

Неолитот трае приближно во периодот од 10 000 година пред нашата ера до околу 2 000 година пред нашата ера и во тоа време, најпрвин на источниот Медитеран човекот почнал да ги користи житарките кои растеле диво на тие простори. Кога човекот научил како да ги одгледува сам, првите земјоделци веќе не лутале по пространствата и не се селеле од место до место туку до своите полиња со житарки ги граделе првите населби и во нив чувале животни.

Начинот на исхрана се променил брзо и драматично. Додека луѓето во палеолитот собирале плодови и ловеле, нивната исхрана варирала не само сезонски, туку и благодарение на тоа што номадите се движеле постојано. Со одгледувањето житарки и стока и градењето постојани населби исхраната станала значително помалку разновидна – неколку житарки и производи добиени од стока. Старите Европејци, ловци-собирачи на плодови по детството не користеле млеко и млечни производи па имале интолеранција на лактоза, за разлика од неолитскиот фармер кој се навикнал на неа.

Истражувачите наведуваат дека луѓето од палеолитот се хранеле поздраво отколку нивинте потомци во неолитот зашто имале далеку поразновидна исхрана. Лошата жетва кај земјодлците предизвикувала глад во населбите. Исто така, со едноличната исхрана, нивниот значајно помирен живот, со помал физички напор и пешачењето во густо населена заедница, сепак оставал последици по здравјето – дијабетес, срцеви и васкуларни заболувања и бројни заразни болести кои се ширеле брзо.

Анализирајќи ја таканаречената палео диета на познатата американска клиника Мејо, истражувачите наведуваат дека клиничките испитувања потврдиле дека постои здравствена корист од таквиот начин на исхрана, како на пример подобрување на толеранцијата на гликоза, губење телесна тежина, подобра контрола на крвниот притисок итн. Меѓутоа, тие наведуваат дека недостаток е малата количина интегрални житарки и легуминози (како што се гравот и леќата), но и млечните производи како добар извор на протеини и калциум. Исто така наведуваат и дека за многу луѓе палео диетата е прескапа, додека млекото и житарките сепак се подостапни извори на хранливи материи.

Извор: http://naukakrozprice.rs/

ОкоБоли главаВицФото