Што значи да се живее и соживее со „говорот на омраза“?

19.11.2018 03:37
Што значи да се живее и соживее со „говорот на омраза“?

Од каде толку зачестениот „говор на омраза“ во нашето секојдневие и опкружување? Дали е тој можеби утеха за исцрпените и осиромашени членови на една заедница? И како се наоѓа утеха во нешто толку грдо и опасно?

На секој човек му е потребно внимание, и признание дека нешто МОЖЕ, и дека ВРЕДИ. Му треба и поле за учество и натпревар. А му треба и утеха кога работите ќе отидат по ѓаволите, кога ќе избегаат од контрола, а тој останува сам и немоќен да ги поправи.

Оттука и говорот на омраза може да се биде „утеха“ за членовите на една трауматизирана, исцрпена и осиромашена заедница каква што е Македонија. Во која лекот за болката од неправдите, немоќта и чувството на безначајност, кои тешко се поднесуваат, може да се побара во осудата, бесот и омразата кон другиот, различниот, и неистомисленикот, припадник на „другата страна“ или „група“. Во Македонија, говорот на омраза и де факто е арена за натпревар, во која може да учествува секој против секого, во некој од спротивставените табори. Со чувството, дека нешто значи во заедницата, и пред другите.

Затоа причините за говорот на омраза се обидуваме да ги побараме во општото незадоволство, во несигурноста, во чувството на инфериорност, во лошата слика за себе, и во вештите манипулации со таквите чувства на луѓето, за негово поттикнување, наместо смирување. Особено кога на човекот не му преостанува ништо друго, освен припадноста на групата, како негово последно безбедно уточиште, наспроти се друго надвор од неа.

Со други зборови, говорот на омраза не може да избега од фактот дека е форма на насилство од револт кон сопствените немоќ и недоверба, што само го ослабнува веќе исцрпениот организам, наместо да покаже колку е тој јак и непобедлив. Затоа очекувањата дека говорот на омраза може да помогне, или да ослободи, се јалови и празни. Со говорот на омраза, човекот ја зазема улогата на „жртва“, што е најслабата позиција за вистинско исчекорување кон подобро.

Истовремено, во недостиг од други решенија, „говорот на омраза“ инсистира, и го турка човекот кон прифаќање на насилните и деструктивни решенија за ослободување од стравот од непознатото и неизвесноста, што е спротивно на неговата природа на про-активно социјално битие, кое тежи да се развива во склад со природата, со себе си и со другите.

Наместо да добие легитимитет на борба против неправдата, и да ослободува, говорот на омраза ограничува и разединува, го заробува умот во тесни рамки на неслобода и незнаење, го изолира и дистанцира од се што е ново, различно и необично, за конечно да го отуѓи, од другите, од реалноста и од самиот себе. Тоа е неславниот механизам на говорот на омраза.

Парадоксот на омасовениот „говор на омраза“ е во тоа што за краен исход има ослабнување и оневозможување на целата заедница, онаа истата од која човекот зависи и сака да ја види подобра и поправедна.

И уште полошо, таквите високо адреналински пишани, или говорни акции, кои траат, почнуваат да наликуваат на биполарно пореметување, со своите наизменични фази, во кои омразата, бесот и деструкцијата, се сменуваат со долготрајни периоди на игноранција, апатија, до потполна незаинтересираност, и бојкот, на општото добро и се што е витално важно за заедницата, од почитување на универзалните вредности и права, до сочувството кон другиот, во невоља. Тоа е таа, другата и уште погрда страна на раширениот „говор на омраза“, за која често не сме доволно свесни. И работите не запираат тука. Со секој нареден циклус, говорната разулавеност се појако и пожестоко се манифестира, и под висок напон станува се поподложна на манипулации, ризикувајќи да дојде многу блиску и само чекор до посегнување по туѓите животи, и добра. На што веќе бевме сведоци, како и до каде таа може да доведе, во нападот на собранието.

Каде и како се учи „говорот на омраза“?
Говорот на омраза се учи од моделите на идентификација, од авторитетите во семејството, училиштето, меѓу врсниците, во институциите, и разните групи од интерес. За потоа, откако масовно ќе се прифати, многу лесно и да се вгнезди како нормативно решение на изразување на незадоволствата кои по правило, што е уште една карактеристика на говорот на омраза, се упатуваат на погрешната адреса, секогаш на сметката на послабиот, различниот, или неистомисленикот, кој се доживува како закана.

Како младите гледаат денес на говорот на омраза, кој толку масовно се користи? Го познаваат ли и препознаваат како форма на насилство, или се повеќе склони да го релативизираат со описи од забавно-навивачки карактер, како: зафрканција, штосност, досетливост, јакост, кул. И ако е така, како тогаш да се регулира и санкционира нешто што не е препознатливо како штетно, ниту се именува со вистинското име? Или, како да се ограничи и спречи нешто што „сите го прават“?

Каде и како тогаш младите да научат дека долгата рака на говорот на омраза, на крајот ги стасува и вистински ги замолчува секогаш најслабите, и често маргинализирани групи, меѓу кои се повторно: децата, младите, жените, сиромашните, ЛГБТИ заедницата, луѓето со попреченост, хронично болните, и сите останати по разни основи, посебни членови на една заедница?

Младите треба да знаат дека одомаќениот говор на омраза е форма на насилство, што не смееме да дозволиме да добие вредност на норматив во изразување на незадоволствата. Тие мораат да научат дека „говорот на омраза“ на јавната сцена, во медиумите, на социјалните мрежи, спортските терени и улиците е видлив и достапен за регулација, и дека треба јавно да се осуди и казни секој што не ги почитува правилата. Но, и дека говорот на омраза многу посилно и неказниво опстојува зад затворени врати (во домот, училиштата, институциите), и дека тој не смее да остане скриен и недопирлив.

Може ли и каде да се адресира одговорноста за говорот на омраза во Македонија?

Македонија е земја со највисока стапка на социјална нееднаквост во Европа, што е попогубно и од сиромаштијата, во апсолутна смисла, по која сме исто така, на дното. Македонија не е само сиромашна, туку е и осиромашена и силно поделена земја, што го зголемува чувството на нееднаквост, не само меѓу најбогатите и најсиромашните, туку и меѓу мноштвото други линии на поделба, како и по тоа како се живеело некогаш и денес? Во Македонија, учеството на човекот во сопствениот живот и заедница, и неговиот достап до ресурсите на заедницата, се условени со припадноста на групата со моќ, и се спроведуваат нееднакво. Затоа е голема заблуда дека „говорот на омраза“ може да се елиминира, само со санкции, казни, или изјави на добра воља.

Одговорноста за говорот на омраза како форма на насилство, мора да се адресира до системот, и до политиките и механизмите на раководење со заедницата, кои не ретко одбиваат да го препознаат. Поделеноста на групи и табори по најразлични основи во заедницата, со оркестрирани напади кон различноста и непослушноста, е почвата на која „говорот на омразата“ одлично успева и опстанува. И наместо во потрага по вистински решенија на пробелмите, од лично/партиски, или други лукративни интереси, незадоволствата се насочуваат од едни кон други, држејќи ги така во заложништво СИТЕ во зедницата, со тешки повреди на човековите права и достоинство.

Институциите на системот и нивните политики мораат конечно да ја преземат одговорноста за сите поделби и нееднаквости, што настанале со нивната негрижа, незнаење и манипулации. Притоа корупцијата и непотизмот, покрај сиромаштијата, мора да бидат препознаени како најмоќни генератори на нееднаквоста и неправдата. Со говорот на омраза, како нивно главно орудие во задржување на статус квото, во застојот и ерозијата на заедницата, со која потоа најлесно се владее.

 

 

ОкоБоли главаВицФото