Враќање кон заедницата

20.11.2018 02:16
Враќање кон заедницата

Економијата нè учи дека мерката за благосостојба на поединецот е количината и разновидноста на добрата кои тој поединец може да ги потроши. Можностите за потрошувачката, од друга страна, се зголемуваат на тој начин што на компаниите им даваме слободи коишто им се потребни за да ги искористат сите предности на новите технологии, поделбата на трудот, економијата на обем и мобилноста. Потрошувачката е цел; производството е средство. Единица и предмет на анализа е пазарот, а не заедницата.

Никој не може да одрече дека економската визија која во центарот ги поставува потрошувачите и пазарите придонела за создавање на големи количини корисни добра. Огромната понуда на стоки во хипермаркетите или во продавниците на Епл, во кој било поголем град во светот би била незамислива за само една генерација пред нас.

Но очигледно е дека во меѓувреме се јавиле и одредени проблеми. Економските и социјалните поделби во нашите општества предизвикуваат отпор ширум светот – од Соединетите држави, Италија и Германија во развиениот свет до државите во развој како што се Филипини и Бразил. Политичките процеси покажуваат дека нашите економски приоритетит можеби не се добро поставени.

Две книги, едната од Рагурам Рајан (Raghuram Rajan), која наскоро ќе се појави и штотуку објавената книга на Орен Кас (Oren Cass), го преиспитуваат нашиот економистички поглед на светот и образлагаат зошто во прв план треба да биде ставено здравјето на нашите заедници. Стабилните семејства, добрите работни места, силните школи, изобилсвото и безбедноста на јавните простори, гордоста на локалните култури и историја – тоа се суштински важните состојки на просперитетно општество. Глобалните пазари и националната држава не можат да ги обезбедат, а понекогаш дури и ги поткопуваат.

Овие двајца автори настапуваат од различни позиции, Рајан е економист на Универзитетот во Чикаго и поранешен гувернер на Централната банка на Индија. Кас работи во Институтот за истражување на јавните политики на Менхетен, институција на десниот центар и бил советник за државни политики во претседателската кампања на републиканецот Мит Ромни. Од економистите од Чикаго и умерените републиканции обично не очекуваме да говорат со скепса за пазарите и хиперглобализацијата. Но и двајцата се вознемирени заради последиците кои веќе се чувствуваат во локалните заедници.

Кога ќе се затвори локална фабрика затоа што компанијата одлучила производството да го префрли во странство, се губи многу повеќе од неколку стотици (или илјади) извезени работни места. Ефектот се засилува преку намалената потрошувачка за локалните стоки и услуги, што значи дека работниците и работодавците трпат штета во целата локална економија. Даночните приходи на локалната управа, исто така се намалуваат, па остануваат помалку пари за образование и други јавни потреби. Тоа често е проследено со аномија, распад на семејствата, со епидемија на зависности од опиоиди и други општествени неволји.

На ова економистите обично одговараат со нагласување на потребата за „поголема флексибилост на пазарот на труд“: работниците треба да ги напуштат областите во депресија и да побараат работа на некое друго место. Но, Кас потсетува дека географската подвижност мора да биде следена и од „можноста за останување“. Дури и во време на најголемите миграции, голем дел од локалното население останува на истото место, а и на нив исто им се потребни добри работни места и здрави заедници.

Економистите можат да предложат и алтернатива во облик на компензација за губитниците во процесот на економска промена, преку социјални трансфери и други бенефиции. Оставајќи го на страна прашањето на изводливост на таквата програма, останува прашањето дали тоа би значело решение. Невработеноста продолжува да ја поткопува економската благосостојба на поединците и заедницата дури и тогаш кога потрошувачката се стимулира со исплата на помош.

Во крајна инстанца, единствен гарант за виталноста на локалните заедници е создавање и умножување на добро платени работни места. Кас предлага вработувањето да се поттикне низ субвенционирање на платите. Рајан ја нагласува улогата на локалните лидери кои можат да ги мобилизираат сите ресурси на заедницата, да генерираат општествен ангажман и да создадат нов имиџ – сето тоа во контекст на конторлирањето на глобализацијата и државните политики што овозможуваат адекватна поддршка.

Некои економисти предлагаа регионално фокусирање на програми на екстензија на производството со кои се поттикнува партнерството помеѓу локалните работодавци и универзитетите. Други предлагаат програми за јавна потрошувачка, на пример, програми за обука за мали и средни претпријатија.

Не сме сигурни што би дало најдобри резултати и ќе треба уште многу експериментирање со државните политики за да се направи нешто. Неодложноста на решавањето на овој проблем дополнително е нагласена со фактот дека актуелните технолошки трендови ги продлабочуват постоечките проблеми во заедниците. Новите дигитални технологии генерираат ефекти на мрежа и економија на обем што придонесува за концентрација а не локализација на производството. Наместо дифузна дистрибуција на доходот, новите технологии создаваат пазари на кои опстанува само еден победник. Понатамошната глобализација на производните мрежи дополнително ги засилува тие ефекти.

Одлуката за тоа како ќе ги балансираме овие сили со потребите на заедниците, ќе ја одреди не само нашата економска иднина, туку и општественото и политичко опкружување во кое живееме. Како што покажуваат Кас и Рајан, станува збор за проблем што економистите веќе не можат да го игнорират.

Слики: Nate Kitch

Извор: Project Syndicate

 

Слични содржини

Општество / Свет / Историја
Општество / Свет / Екологија
Општество / Свет / Теорија
Општество / Свет / Теорија
Општество / Свет / Теорија

ОкоБоли главаВицФото