Ремиксувај ја својата културна стварност

20.11.2018 02:00
Ремиксувај ја својата културна стварност

Вечерва (20 ноември) во Кино Култура, од 20 часот ќе се одржи завршниот настан на конкурсот „Ремиксувај ја својата културна стварност“ на кој пристигнале голем број редизајни на постери за македонски филмови, корици на музички албуми и на книжевни дела. Преку видео презентација ќе бидат прикажани најинвентивните редизајни.
Потоа ќе се одржи јавна дебата на тема „Новите медиуми и авторските права помеѓу криминализацијата и културната виталност“, во која ќе учествуваат Небојша Вилиќ, Сеад Џигал и Вангел Ноневски, а модератор ќе биде Јордан Шишовски.

Ќе бидат прогласени победниците на конкурсот и ќе бидат доделени осум награди. Предвидени се три главни награди (прва 12.000 денари, втора 9.000 денари и трета 6.000 денари) и пет почесни. Сите осум наградени ќе добијат по две нови книги: Киборшка естетика на Вангел Ноневски и Дедлајна, љубов моја! на Владимир Лукаш.

„Целиот овој период нашата идеја-водилка беше дека, со текот на времето, уметничките дела и културните производи се здобиваат со нови значења и, со тоа, стануваат подложни на нови модуси на исчитување. На тој начин, тие влегуваат во амбиент во кој им е потребна креативна реконтекстуелизација. Во историјата на современата уметност бројни се примерите кога дела од културното наследство се пренаменуваат во нови контексти, со што, не само што во нив се наоѓаат значења кои претходно биле скриени или отсутни, туку и се нагласува нивната виталност, релевантност и квалитет.

Ремикс културата е веројатно најрепрезентативниот дискурс кој виталноста на културата ја лоцира во можностите културните производи од минатото слободно да се пренаменуваат, преисчитуваат, реконтекстуализираат. Наоѓајќи дека македонската култура веројатно отсекогаш била вовлечена во постојан микс и пренамена на повеќе култури и влијанија, сметаме дека нашите културни производи треба да си го најдат своето место во веројатно најинклузивниот и најинтегративниот културен дискурс на денешницата - ремиксот“, пишуваат организаторите.

Проектот „Ремиксувај ја својата културна стварност“ е финансиски поддржан од Министерството за култура.


ОкоБоли главаВицФото