Циркусот Колорадо

20.11.2018 11:49
Циркусот Колорадо

Беше тоа некаде средината на минатата деценија: разговарав со двајца неколку години помлади момци од НВО секторот – со момци што неколку години подоцна учествуваа во протестите на Филозофски или во зародишот на новата, млада хрватска левица – и тогаш ме прашаа кое е моето политичко определување. Кога им кажав, реагираа со мешавина од разочарување и исмевачко гадење.

„Либерал? Стварно?!“

Тоа беше веројатно првпат во живо да налетам на некој кому „либерал“ му е фуј! збор, а тој некој да не е десничар/ка. Можеби дури и првпат бев приморан да ја преиспитам својата дотогашна навика поимите „либерали“ и „левичари“ да ги третирам како синоними. И тоа дури во средината на минатата деценија. А интензивно го следев хрватскиот политички дискурс и медиумите уште од средината на деведесеттите! Ви се верува ли?

Верувам дека меѓу вас има доста млада екипа на која ќе ѝ биде тешко да поверува – или ќе помисли дека едноставно сум бил неук дебил. А можеби и сум бил, којзнае! Ама во моја одбрана, еве малку контекст...

Во деведесеттите, двојната чума, настаната од војната и ХДЗ на врвот на моќта, овдешната левица ја фрли во своевиден safe mode, функционирање на најосновни поставки – ако воопшто и толку. Приказните за правата на работниците и слично беа тешка апстракција во време на толку брутална приватизациска деструкција, така што прашање беше дали воопшто ќе се има што и за кого да се работи. И додека во некои поразвиени и посреќни краишта на светот се кршеа копја околу т.н. „политичка коректност“ и кој смее а кој не смее да го користи N-word, овде припадниците на едно поголемо етничко малцинство – вклучувајќи ги и оние далеку од боиштето – се бореа за гол живот. А додека Европа претежно беше уште цирка две децении оддалечена од подемот на неофашизмот како релевантна континентална политичка сила, ние имавме оргијастички revival на усташијата на сите нивоа од јавниот живот.

Тоа беше време на врвот на биполаризацијата во Хрватска: или беше со ХДЗ, или беше против. Ако беше против, не беше важно дали себе се нарекуваш левичар или либерал – некои побитни разлики во практиката немаше. Сите бевме толку зафатени со борбата за одбрана на најбазичните ставки на најминималниот минимум на макар и малку цивилизирано општество, што не ни стигнувавме да се поделиме по некоја малку покомплексна основа. „Либерал“ денес е популарно погрден израз во нашите левичарски кругови, ама тогаш немаше мрежа на непрофитни веб-медиуми што би ви објасниле зошто е така – расправите за структуралните проблеми на капитализмот просто не беа дел од доминантниот лев дискурс, кој тогаш и онака горе-долу се сведуваше на... хм, еден национален неделник? „Претпријатијата со обете раце им се делат на тајкуните што ги пљачкаат и ги фрлаат во стечај и мораме да ги запреме како што знаеме и умееме“ беше приближно плафонот на економското левичарење во Хрватска во деведесеттите – сето останато беше езотерија и тешка маргина.

Сите ние што бевме против ХДЗ бевме на истата страна, а оние помладите меѓу нас речиси без исклучок се колнеа во Саут парк. Сите бевме тогаш уште дел од истата примордијална, речиси претполитичка супа и требаше да минат години и години додека не почнавме да се делиме на левичари и на либерали, антифашисти и либертаријанци, берниброси и путинофили... И додека не почна да станува јасно дека тој обожаван анимиран серијал, околу кој бевме толку обединети, во душа е всушност – една реакционерна, десничарска серија.

Треба, секако, веднаш да се каже дека е десницата, баш како и левицата, широк спектар и дека со тоа што ја сметам за десничарска серија не сакам да кажам ни дека Саут парк е неофашистичка серија, ниту дека е alt-right, па ни alt-lite. Неговите творци, Треј Паркер и Мет Стоун, низ минатите 22 години и речиси триста (!) епизоди се мајтапеа со толку различни појави и трендови, што на нивното конкретно политичко определување тешко е да му се фати крајот.

Многумина ќе речат дека се најблиску до либертаријанството и со тоа во голема мера и можам да се согласам, но притоа мора да се земе предвид и дека, на пример, веќе во втората сезона еден од ликовите – кој притоа очигледно говореше во име на авторот – го отпиша Atlas Shrugged од Ејн Ренд како тешко ѓубре и срање. Имаше секако и моменти во кои Саут парк ќе се најдеше на конзервативни позиции, ама епизодата во која кипот на Дева Марија ќе крвави од задникот, а сите католички свештеници (освен оној од насловното гратче во Колорадо) се ентузијастични педофили – малку кој ќе го нарече конзервативно, барем не со големо „К“.

Но, повторно, зависи што би сакале да дефинирате како конзервативизам со големо „К“: по мене малку работи се поконзервативни од застапувањето status quo. А Саут парк редовно го дочекува на нож секој нов вид прогресивна политика, секој вид заговарање општествени промени. Ако имате визија за подобро или барем поинакво општество и подготвени сте горливо да ја заговарате, самиот тој факт вас ве квалификува да бидете предмет за мајтапење на Саут парк. Веројатно најозлогласен пример е епизодата ManBearPig, во која, при исмејувањето на Ал Гор, концептот на климатски промени како продукт на човечкиот фактор е – персонифициран во форма на непостоечкото чудовиште ManBearPig (получовек, полумечка, полусвиња).

Мислам, глеј, секако дека не живеам во илузија дека глобалното затоплување би било барем малку забавено Паркер и Стоун да ја фрлеа во корпа таа епизода... Ама негирањето на климатските промени некогаш сепак не беше дел од мејнстримот и Саут парк со таа епизода даде свој мал, ама незанемарлив прилог во кочењето на последните можни обиди да се спречи планетарна климатска катастрофа поради која идните поколенија неброени милениуми ќе нѐ мразат сите нас и сѐ што има врска со нас.

„Ама во Саут парк не се мајтапат само со левичарите, тие се мајтапат со СИТЕ!“, веќе слушам како се јавуваат некои. Е, па – во истата грмушка лежи зајакот. Карикирајќи ја помалку или повеќе секоја идеолошка позиција до екстрем и спротивставувајќи ги различните полови на божемните екстреми, Саут парк отсекогаш порачувал дека е најпаметно да се држи до некаква фамозна „златна средина“. Па така даде и свој мал прилог во денешната општествена клима во која секој заслужува да го добие своето место во јавната дебата зашто „треба да се слушаат сите страни“ и потоа така имаш сериозни научници што го делат истото студио и истата минутажа со потполни шарлатани, неофашисти што делат полемички колумни со луѓе што не се фашисти – па просечниот конзумент, кој, не знаејќи што да мисли за сето тоа, ги сослушува и едните и другите и на крајот ги поткрева рамениците со заклучок дека е „вистината веројатно некаде во средина“.

Би можел да ги набројувам гревовите на Саут парк до утре, ама се сомневам дека некој би сакал да го чита текстов до утре! Па сега би кажал и нешто за тоа зошто, како еден левичар, ја сакам оваа серија и ни ден-денес не пропуштам ниедна епизода. Би можел, всушност, и тука до утре да ги набројувам причините, па во оваа пригода, кога веќе се фатив за идеолошката димензија на Саут парк, ќе се ограничам на една битна доблест на серијата, то ест на нејзиниот главен автор, Треј Паркер, а тоа е неговото – самоиспитување.

Просечна епизода од Саут парк се пишува и се снима само една недела пред прикажувањето (што овозможува занимавање со свежи теми), а Треј Паркер е потпишан како единствен сценарист на речиси сите досегашни епизоди. Тој на почетокот од работната недела се наоѓа со својот writers’ room за заедно да смислат за што приближно ќе биде епизодата, а потоа се повлекува во самотија и го пишува сценариото.

Тоа што е сѐ толку на грбот на Треј Паркер, има, секако, свои лоши страни (посебно кога ќе почне со репетитивно шибање по шегите што ни првиот пат не биле баш да се помочаш од смеење)... Ама и значи дека серијата е плод на еден човек и неговите лични преокупации низ, еве, веќе повеќе од две децении, било да станува збор за големите општествени теми du jour или за потполно споредни пиздарии што на Паркер во даден момент му идат на нерви. Како бајкерите, да речеме. Или игрите што се нарекуваат freemium, иако всушност не се целосно бесплатни (да, имаше цела една епизода за тоа).

Уште еднаш: повеќе од две децении. Што е ужасно долг временски период низ кој многу нешта се менуваат, на пример, технологијата (вклучувајќи ги и начините на кои се набавуваа новите епизоди во овие краишта, од дилање на VHS копии првите сезони, преку симнување realmedia фајлови на модеми од 56k, па сѐ до торенти и стримања), а богами и – луѓе. Па и Треј Паркер. Кој светот околу себе не го промислува на истиот начин на кој го промислувал и пред неколку години, а камоли на почетоците на Саут парк. И воопшто не бега од тоа.

Врвот на таа авторефлексија се одигра во одлучната деветнаесетта сезона (srsly, постои ли некој друга серија што може да се гордее дека имала одлична ДЕВЕТНАЕСЕТТА сезона?!), во која за првпат целата сезона беше серијализирана и имаше дејство што се провлекуваше низ сите епизоди. Со оглед на тоа дека поголемиот дел од претходните повеќеделни епизоди на Саут парк беа издувани веќе по првото продолжение, тој пристап не навестуваше ништо добро... Но Паркер беше исклучително инспириран, затоа што се фати со една за него горлива тема, а тоа е: како Саут парк, како реномирана anti-PC серија, се вклопува во денешниот крајолик во кој толку многу работи што до вчера ги исмејувал – во меѓувреме прераснале во општоприфатени општествени норми?

Во деветнаесеттата сезона училиштето во Саут парк доби нов директор – кој се одзива на нималку суптилното име PC Principal – а целото тоа гратче во Колорадо го тресеше треска на т.н. „политичка коректност“, која доведе дури и до гентрификација на некои квартови. И точно е дека тоа отвори простор за најлошите паркеровски шеги на линијата на стандардната десничарска anti-PC/SWJ пропаганда (о, драги десничари, па би ве убило ли ако некогаш можеби пробате да дознаете што поимите како trigger warnings и safe spaces ВО СУШТИНА значат, наместо само некритички да ги голтате квазиинформациите од втора рака од паничарско-дркаџиски памфлети во Atlantic и Wall Street Journal? Стварно ли е премногу за барање, а?)...

Но, сезоната имаше и моменти како епизодата The City Part of Town, во која г. Ким, сопственик на кинескиот ресторан City Wok, е присилен да ја затвори работата затоа што на новите хипстерски жители од гентрифицираниот кварт им е шубе од неговиот „навредлив нагласок“ и го доживуваат како неугоден реликт од минатите времиња... Што, секако, беше алегорија на тоа дека ликот на г. Ким долго беше мета на критика, затоа што е расистичка карикатура: Саут парк знае да биде прониклив по прашањето на расната тематика, ама третманот на ликовите од азиско потекло се речиси секогаш сведени на „Ха-ха, ТИЕ НЕ ЗНААТ НОРМАЛНО ДА ЗБОЛУВААТ АНГЛИСКИ!!“. А како минува времето, тоа – за среќа – сѐ помалку се толерира, па и г. Ким си отиде во заслужена пензија.

А потоа во актуелната дваесет и втора сезона отидоа чекор понатаму во посипувањето со пепел, па направија нешто на што навистина не се надевав: се одрекоа дури и од ManBearPig! То ест, се покажа дека ManBearPig сепак, и тоа како, е вистинска закана, која во еден миг му се прикрадува на некој тип додека овој на својата соговорничка самозадоволно ѝ објаснува дека „нема научни докази ни вистински докази“ дека ManBearPig (или климатските промени) воопшто постојат и дека „сите само сакаат да го искористат стравот од ManBearPig за да го добијат тоа што го сакаат, па се нафрлаат со таканаречена наука и сите се сега одеднаш, демек, некои експерти“ – а дури и да постои, „па што воопшто можеме да направиме?“ И тука ManBearPig скока и крволочно го растргнува!

Мал чекор за човештвото (и зауздувањето на климатските промени), ама голем скок за Саут парк.

 

Извор: kulturpunkt.hr

ОкоБоли главаВицФото