Дрвореди за ослободување на Скопје

20.11.2018 17:19
Дрвореди за ослободување на Скопје

Во средината на 80-тите години Фондацијата за Архитектура во Филаделфија организирала награден конкурс под наслов Градски Визии – City Visions. Конкурсот имал за цел да стимулира идеи за тоа како да се развива градот, и бил целосно експериментален и отворен за јавноста. Покрај велелепните идеи за нови канали, острови, тунели и мостови едно од наградените решенија како најпрагматично и впечатливо било тоа на архитетот Ричард Францис Браун кое содржело само еден збор напишан на црна позадина – „Одржување“.

На овој фантастичен труд се потсетив гледајќи ги најавите од страна на „Град Скопје“ за изградба на инфраструктурни проекти, тунели, мостови кои практично би го исекле големиот ринг на Центар од градското ткиво. Но, на Скопје не му требаат повеќе тунели и мостови за повеќе коли и повеќе сообраќај.

На Скопје сега очајно му треба одржување. Одржување и садење дрва и секаква автохтона флора за да може градот да закрепне од немилосрдната дрвосеча, непланското градење и инвазијата од палми и инсекти на вмровскиот урбанизам. Скопје пати од недостиг на внимание и градот треба да се организира и да си ги оддржува јавните простори, улиците, тротоарите и зеленилото, и истовремено постојано да сади и пошумува насекаде и со тоа да се регулира загадувањето како и превентивно да се реагира кон последиците од климатските промени.

Зарем не треба приоритет на најзагадениот град во Европа да биде намалувањето на автомобилскиот сообраќај, наместо негово стимулирање? Покрај воздушното загадување во Скопје, за жал, редовно гинат луѓе на рамен пат, на пешачки, на тротоар, на обиколница, кога врне...; со други зборови, многу често.


Кој ги зазема патиштата: споредба меѓу 69 патници во единечен автобус, 69 пешаци, 69 велосипедисти и 40 коли.

На патиштата низ Македонија исто така редовно има смртоносни сообраќајки. Ова значи дека автомобилскиот сообраќај во Македонија не само што е отровен за здравјето туку е и погубен. Зошто најзагадениот град со оваа сообраќајна култура подразбира дека треба да се инвестираат огромни народни пари во уште повеќе инфраструктура за таков сообраќај? Ваквото сфаќање во урбанизмот се нарекува автоцентризам и е застарен начин на размислување во науката.

Тотален е апсурдот да се очекува дека ова загадување и овој сообраќаен хаос ќе се средат со инфраструктурни зафати како подземник, надземник, тунел или слично. Додека градските улици на најзагадениот град сами по себе се погубни поради дозволената брзина и незаштитеното население, додека коловозите се претвораат во писти за рели трки, додека пешаците гинат, додека луѓе во количка или со деца едвај преоѓаат улици, додека возачите упорно не застануваат на пешачки и не почитуваат правила, додека Скопје е отровен за дишење, дотогаш градот едноставно не смее да си дозволи нови мегаломански инфраструктурни проекти кои не решаваат ништо од проблемите.

Главниот проблем на Скопје е загадувањето, автомобилскиот сообраќај кој е истовремено отровен и погубен е огромен причинител, и време е Скопје да го отфрли автомобилот како главно транспортно средство.

Не постои улица, траса, подвозник, надвозник, тунел, гаража која ќе го среди или олесни сообраќајот во Скопје. Тоа може да се постигне само со намалување на бројот на возилата, намалување на коловозите и со развој на ефикасен, евтин и еколошки јавен превоз, како и со зголемувањето на пешачките површини.

Автоцентризмот е погубен за Скопје, како и за сите градови. Американските урбанисти како Џејн Џејкобс и ред други уште во 60-те години согледуваат дека колку повеќе инфраструктура за коли се гради, толку повеќе коли се појавуваат, па така еден надвозник кој би требало да го олесни сообраќајот за неколку години е закрчен од коли.


Едниствен начин да се среди сообраќајот е да се минимизира бројот на возила и да им се остапат улиците на јавниот превоз, на вело сообраќајот и на пешаците. Скопје, кој од крај до крај е околу 20 километри долг град, се проаѓа со велосипед за помалку од еден час. Тоа би било уште побрзо доколку улиците соодветствуваат за вело сообраќај.

Воопшто нема потреба да се копа тунел или да се крева надвозник за да се скрати од патувањето низ Скопје. Треба да се тргнат колите од сите вело ленти и тротоари, и да се воспостави брз, ефикасен, еколошки јавен превоз, да се зачуваат сите зелени површини и да се воспостават нови.

Познати се историските сцени од Њујорк, Париз, или Лондон како се покриени во облаци од загадување од смог и кафеав чад, а истовремено завиени во сообраќајен метеж. Њујорк денес е еден од најзелените градови во светот, а од неодамна познатите њујоршки авении се оддаваат на зелени површини, дрвореди, пешаци и велосипедисти, со одземање на површина од коловозите.

Дури и најпознатиот метеж на светот – Тајмс Сквер, денес е пешачка зона. Во европските градови уште одамна урбанизмот активно се бори против колите како превозно средство па така денес постојат низа успешни примери како сообраќајот и урбанизмот може да функционираат за сите учесници истровремено зголемувајќи го зеленилото и јавниот простор.

Во Барселона плановите за зелен град полека ги острануваат колите од улиците и познатите суперблокови на Илдефонс Серда се трансформираат во градини поврзани со пешачки зони, што помагаат при регулирање на дневната температура во градот.


Во светот урбанизмот се движи во насока на отстранување на што повеќе автомобили од улиците и раззеленување на постоечки и нови јавни површини. Овие насоки се засноваат на научни истражувања за создавање на здрава урбана средина со автохтона флора и фауна која лесно се одржува и има најголеми шанси да опстане на одредено подрачје.

Дел од планот на градот, според рекламите е да направи кренат булевар над булеварот Св. Климент Охридски. Истиот булевар кој сведочи за бесмилосното и безидејно уништување на градското ткиво, токму по принципот на автоцентризмот.

Двостраниот дрворед на булеварот беше исечен од страна на тогашниот градоначалник и кошмарот на секое дрво - Коце Трајановски, под измислениот изговор дека сообраќајниот метеж ќе се намелел доколку можело од булеварот патуваќи кон југ да се сврти лево кој гимназијата Јосип Броз Тито.

Дрвата се исекоа, се уништи огромно богатство од пешачки простор под сенка, метежот нормално не се намали, туку се зголеми, па повторно се забрани вртење лево, а градот остана со една лузна која е припек за поминување. Тој булевар може повторно да се посади со високи, возрасни дрва и да се одземат лентите кои и така не се користат.

Сега кога градскиот сообраќај е природно во хаос поради ужасните аматерски и нелегални потфати на „Скопје 2014“, тотално лудило е да се прави кренат булевар и тоа сред центар. Самиот кренат коловоз е погубен за сите резиденцијални маала и објекти во околината. Кренатите коловоз, како и тунелите, делуваат деструктивно кон градското ткиво бидејќи се физичка бариера и како такви создаваат пустош околу нив.

Ваквиот проект ќе го подели протокот на градот, а сите објекти во негова непосредна околина ќе бидат изложени на енормно зголемени проблеми со загадувањето, отпад, бучава, како и уништен јавен простор. Поројните дождови, снегови и општата сообраќајна некултура коа владее во Македонија треба да се земат во обѕир и да ги стимулираат локалните функционери дека мора да се напуштат вакви автоцентрични проекти кои ќе бидат само терет за граѓаните.


Доколку се разгледаат и божемните придобивки од вакви мегаломански проекти станува јасно дека се работи за беспотребни и штетни проекти. Во една од рекламите на Град Скопје за овој надвозник се вели дека од Центар до Пластичарската улица ќе се стигнело 20 минути побрзо.

Од Центар до Пластичарска и сега се стигнува за 20 минути – со што се повлекува прашањето од каде тргнува возачот во пресметките на Градот Скопје, и воопшто дали се изработени некакви студии за било кој од овие зафати?

Овој нов мегаломански проект ништо нема да подобри, а многу ќе уништи. Исто така, дали е навистина толку битно за животот на Скопјани да стигнат од Центар до Пластичарска побрзо и за тоа да се фрлат народни пари?

Тотално е погрешен самиот коцепт за развој на општините и на градот доколку нивната идеја за развој се нови коловози, тунели и надвозници за овие измислени проблеми и кратки дистанци („да се сврти лево кај Јосип Броз“), наместо за ослободување на јавните површини и проширување на јавниот превоз, како и целосна реогранизација на градот кон пешачки и вело сообраќај. Поентата на градското живеење е да нема потреба од возење кола секој ден, па дури и воопшто.

Скопје, ако навистина сака да го фати чекорот со времето, треба да согледа дека нема време за губење во градење инфраструктура за коли бидејќи автомобилот како технологија замира и за неколку години таа технологија ќе биде толку застарена како што денес ни изгледаат запрежните коли.

Во моментов следните олимписки градови, Токио и Лос Анџелес, работат заедно со транспортните компании кон целта да го претстават летачкиот беспилотен дрон како главно превозно средство за Олимписките игри отворајќи нова етапа во цивилниот транспорт.

Автоцентризмот не само што е застарено сфаќање во урбанизмот, самиот автомобил е застарена технологија која е на изумирање и од која треба да се ослободиме.


Извор: Призма

ОкоБоли главаВицФото