1020 hPa
93 %
8 °C
Скопје - Пон, 14.10.2024 05:59
На мајка ми
Цимерката конечно ѝ се погоди:
осумдесет и деветгодишна наставничка
по македонски, со која си се храбрат
и си разменуваат досетки и зборови.
Вчера им текнало на кувет:
„Си даваме кувет!“, креваат тупаници.
Секоја на својот кревет, a покрај нив,
ноќните масички. Кај мајка ми вода
со магнезиум, чај од нане, мобилните
(вториот резервен), сокови и лекови.
Молитвеник кај наставничката, која
ми рече, првиот пат кога ме виде,
дека сум била милолика ко риба – риба!
– и ме прегрна. Па ми ги стегаше рацете,
мрморејќи: „Ко риба, риба милолика.“
По мозочниот удар, некои зборови
тешко ѝ доаѓаат. „Сакам да кажам,
сакам да кажам... Оф, не знам како“,
ќе почне, па ќе застане да го почека
зборот што не доаѓа. Ама и јас така,
само што понекогаш место зборови
ми текнуваат песни, како таа со Тампико,
каде што Наоми Шихаб Нај – кога, како
дете, ѝ се слошило – ја прашала мајка ѝ
како ќе знае дека умира. „Ќе знаеш,“
ѝ рекла мајка ѝ, „кога веќе нема
да можеш да стиснеш тупаница.“
Низ пет женски гласови, оваа песна од Магдалена Хорват ги доловува добро познатите мигови на солидарност и сочувство пред неизбежното. Низ навидум обичен, секојдневен дијалог, без помпа и ритуал, како што е и во стварноста, овие стихови ги прикажуваат сликите пред смртта што не можеме да ги избришеме од сеќавањето.
Најновата збирка на Магдалена Хорват (родена во Скопје, 1978) е Осетлива на светлина: избрани песни (Темплум, 2018). - Р. Б.
Клитература е дел од радио емисијата ПичПрич што секој понеделник се емитува на Канал 103, а која се занимава со женската книжевност и родовите прашања во книжевноста. Рубриката ја уредува Румена Бужаровска.