1009 hPa
94 %
15 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 06:59
Организацијата Еко Герила реагираше на објавата дека Владата ќе одoбри 1,5 милиони евра за инсталирање филтри на Југохром, нарекувајќи ја нова манипулација со јавноста. Од еколошката организација додаваат дека нивниот сомнеж е поради тоа што инсталацијата на системот за филтрирање претходно чинеше 12 милиони евра и беа потребни најмалку 2 години за нивна инсталација.
„Југохром е затворен и нетранспарентен за медиумите да покаже што е направено досега. Не е јасно како цената на филтрите се намали од 12 милиони евра на 1,5 – 2 милиони евра и поставување на истите ќе се изврши во рок од 4-5 месеци за производство со капацитет од 55%. Македонија потпиша и се обврза да ја почитува Архуската конвенција за пристап до информации, учество на граѓаните во одлучувањето и пристап до правда за прашањата поврзани со животната средина.
Бараме целиот процес во фази да биде надгледуван од независни експерти. Ние не им веруваме на ветувањата на Југохром и на Владата, бидејќи со години нè манипулираа. Ние само бараме почитување на Уставот и законските акти. Како што е познато, во Македонија институциите често се ставаат над законот. Владата не треба да биде вознемирена од надзорот на независните експерти доколку системот за филтрирање, за кој тие тврдат дека ќе го инсталираат, ќе ги задоволи бараните стандарди“, соопштија од Еко Герила.
Владата одлучи да одобри кредит за комбинатот „Југохром“ од 1,5 милиони евра за поставување на филтри за да може да се здобие со А интегрирана еколошка дозвола за работа.
Според мерењата на Министерството за животна средина и просторно планирање, 60 отсто од загадувањето на воздухот во Тетово било резултат на работењето на комбинатот „Југохром“ чие производство е запрено во ноември 2016 година поради недостиг на соодветна филтер-станица.