Отворено третото издание на КРИК фестивал

22.11.2018 15:22
Отворено третото издание на КРИК фестивал

На синоќешното отворање на третото издание на КРИК – фестивал за критичка култура во Музејот на современа уметност, Искра Гешоска рече дека во конципирањето на фестивалот сè уште е актуелна мислата на Ален Бадју дека заедницата која се заснова врз култура на критичко дејствување и соочување преку креативна конфронтација е култура на слобода којашто ги поместува хоризонтите на општеството.

„Токму оваа идеја е сè уште актуелна во нашето конципирање на фестивалот и тоа ни треба, таквото поместување на хоризонтите во општеството и менување во општеството, создавање на платформи коишто ќе бидат перманентно критични и ќе се борат против состојбите на вознемиреност и на вонредност. КРИК беше замислен како отворена платформа и се уште е, тој е на некој начин резиме, кое почнува ново поглавје на целокупната работа не само на Контрапункт, туку и сите други со кои заедно сме ги создавале нашите мислечки, општествени и политички наративи“, рече Гешоска.

Елена Вељановска ја претстави програмата на годинашното издание, која е поделена во три дела. „Оваа година решивме да се занимаваме со актуелни, но поглобални теми, но кои исто така имаат влијание врз нашиот локален контекст. Оваа година не направивме изложба, имаме повеќе видеа и се занимаваме со уметноста на подискурзивен начин, но имаме музича содржина, за која се надеваме дека повеќе ќе ја развиваме во иднина“, рече Вељановска.

За концептот на годинашното издание на фестивалот, Артан Садику рече дека насловот „АЛЕРТ! – пред портите на моќта очекувајте исклучување“ е единствениот начин на кој може да се опише содржината.

„Јас би го опишал како процес кој сакал да зборува за она кое ние го искусуваме во секојдневието токму под нашата кожа, кое е многу политичко ама не зборува. Ние сакаме да кажеме збор-два за она што се случува под нашата кожа, во нашето секојдневие, кога сме на улица, дома, ког сме во јавен простор, кога се соочуваме со политички настани, сето тоа што тлее под нашата кожата сакавме во овој КРИК да го отвориме и да го продискутираме, рече Садику.

Тој го претстави и првиот гостин на фестивалот, Маурицио Лазарато, социолог, филозоф и професор на Универзитетот во Париз за кој рече дека е еден од водечките светски постмарксистички мислители кој ја револуционаризираше денешната перспектива на трудот во капиталистичките општества.

Предавањето на Лазарато, насловено „Помеѓу политиките на задолжување и нео-фашистичкиот бран во светот“ ги акцентираше новите авторитарни, фашистички, недемократски движења, нивниот подем и влијанието на неолибералните економски политики врз таквата драстична промена во политичката мапа.

„Изборот на Жаир Болсонаро, за претседател на Бразил е голем пресврт во историјата на светот. Овие избори покажуват што ќе се случува со светот во иднина. Неолиберализмот е само маска, вистинското лице на светот денес е фашизот. Врската помеѓу неолиберализот и фашизмот не е нешто ново, бидејќи апсолутната моќ е една од аспирациите на неолиберализмот“, истакна Лазарато.

Според него, економската криза, односно задолжувањето, бегалците и екологијата се трите клучни проблеми на светот денес кои водат кон будење на новиот фашизам кој се крие зад маската на популистичкиот неолиберализам.
„Последните избори во Бразил покажуваат блиска врска помеѓу војната, нејзините артикулации (фашизмот, расизмот, сексизмот) и неолиберализмот. Ова не е ништо ново, бидејќи подемот на неолиберализмот во Чиле започна помеѓу соработката на чилеанската војска и чилеанската група на економски либертаријанци, The Chicago Boys. Токму економската криза во Бразил беше предуслов за доаѓањето на Болсонаро на власт.“

Тој рече дека во Европа и во САД со Трамп се создава нов тип на фашизам кој нема брзо да заврши.
Одговарајќи на прашањата на публиката Лазарато истакна дека потребно е да преосмисли концептот на револуција во 21 – от век, бидејќи во фокусот на марксистичката мисла е само трудот и таа не го зема предвид феминистичкото движење како едно од највлијателните денес, а слично е и со расните политики, кои денес е изразуваат преку односто кон мигрантите и бегалците. „Потребна е револуционерна политика, а исто така и култура“, рече Лазарато.

Дел од отворањето на КРИК 03 беше и перформансот на Пост глобал трио во кино салата на МСУ и дј сетот на Тони Димитров.

За четврток (22 ноември) се планирани предавањето „За постанувањето поранешен“ и разговор со Петар Милат од Хрватска, поврзано со општото прашање за тоа дали и колку уметничкото творештво и естетското промислување можат да го надминат дисциплинскиот јаз - и во системот на уметноста и во општата рамка на општествениот живот – Милат во своето предавање ќе го акцентира постоењето на специфичната стратегија на трансверзалностa и на недисциплинатa: постанувањето поранешен.
Во разработката на оваа идеја, ќе бидат презентирани примери од современата теорија на естетиката, експерименталниот филм и книжевноста, со цел да се укаже дека естетскиот еманципаторски капацитет се наоѓа во специфичната привременост на уметноста.

Потоа ќе се одржи презентација на уметнички видеа Das nackte Überleben / Гол опстанок и разговор со Катрин Бекер од Германија. директорката на n.b.k. Видео-форумот и кураторка, Катрин Бекер, ќе претстави избор на видео-дела од изминатите две децении, кои во однос на содржината реферираат на поимот Состојба на исклучоци. Насловот на проекцијата Das nackte Überleben - или Гол опстанок - е инспириран од синтагмата „гол живот“ на Џорџо Агамбен; голиот живот од кој суверената моќ може да се ослободи и располага по укинувањето на разликата помеѓу „јавното“ и „приватното“. Во видео-проекцијата, Бекер ги претставува и коментира делата кои се однесуваат на поединецот во однос на состојбата на исклучоци - дали е тоа политичка, економска, еколошка или социјална, притоа осбрнувајќи се на различните аспекти како: диктатурата (Марина Напрушкина), војната (Мозер и Швингер, Микола Ридниј) и окупацијата (Лариса Сансур) се исто толку важни прашања како што се и политичкото исклучување (Олег Кулик), еколошките катастрофи (Урсула Биман) или постоењето на кодексот на однесување (Френсис Алес, Мванги Хутер, Хирохару Мори), што ги регулираат општествените процеси на исклученост и вклученост.

Во петок (23 ноември) случувањата ќе започнат напладне со првиот дел на работилницата за критичко пишување во сферата на визуелните уметности „Јасно и гласно“ на Маја Ќириќ од Србија. Од 19 до 20 часот е предвидено да се одржи предавањето, презентацијата и разговорот за картографските филмски наративи (Cine-Soma) со Ангела Мелитопулос од Грција. Со неа подоцна ќе дебатира Маурицио Лазарато, а вечерта звучно ќе ја обојат нејзините сонародници - CËRPA со музички сет и „Millions of dead tourists“ кои ќе одржат концерт на КРИК.

Првиот дел од годинешното издание на Меѓународниот фестивал за критичка култура ќе биде заокружен в сабота со вториот дел од работилницата за креативно пишување и со предавање и разговор на тема „Кризата на неолиберализмот, кризата на демократијата“ од Алфредо Саад Фиљо од Велика Британија.

КРИК – фестивал за критичка култура е отворе (Критика – Реакција – Идеја – Конфронтација) има цел да ги промовира уметничките и културните практики како општествено релевантни алатки кои ќе придонесат за еманципација и демократизација на социо-културниот контекст. КРИК застанува во одбрана на правото на критичка култура, која постојано ќе ги поместува границите на еманципаторските политики во социо-културниот простор.
КРИК е отворена платформа низ која се истражуваат и изучуваат можностите на проникнување помеѓу естетското и политичкото, помеѓу уметничките практики и нивното влијание врз пошироката демократизација на општеството. Во рамки на КРИК се промовираат теориските, социо-културните, економските и уметничките практики како важна алатка со која може да се менуваат општествените наративи.

КРИК - Фестивал за критичка култура се реализира во соработка со: Мутлимедијалниот Институт (MI2), од Загреб, kuda.org од Нови Сад, Berliner Gazette од Берлин, n.b.k. Video-Forum од Берлин, платформата Светот околу нас – критиката во регионот, организирана од партнерските организации kulturpunkt.hr и Kurziv (Хрватска), SEECult (Србија), SCCA – Љубљана (Словенија), Проектниот простор Прес ту егзит (Македонија).

Контрапункт - асоцијација за развој на критичка теорија, социо-културен активизам и современи културни практики и КРИК – фестивал за критичка култура се поддржани од: Гете-институт Скопје, Министерство за култура на Република Македонија, Фондација отворено општество – Македонија, Фондацијата Култура нова од Хрватска и Креативна Европа 2014 - 2020.

Логистички партнери на фестивалот се: НУ Музеј на современа уметност – Скопје, Младински културен центар и порталот окно.мк Постојани стратешки партнери на Контрапункт и на КРИК се: МаМа од Загреб и kuda.org од Нови Сад.

 Фотографии: Лени вон Гелева