1025 hPa
77 %
14 °C
Скопје - Сре, 16.10.2024 08:59
Влегува ли Македонија во должнички вртлог имајќи предвид што секоја година од домашни и од странски извори мора да се позајмуваат пари за да се вратат старите долгови и да се покријат буџетските расходи е прашање на кое е извесен потврден одговор, ако се земе предвид дека и по промената на власта, новата Влада продолжи со нови задолжувања и покрај критиките што ги упатуваше за политиките на претходната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Според податоците на Министерството за финансии, јавниот долг на 30 септември 2018 година изнесувал 5,1 милијарди евра, односно 48,2 отсто од БДП, што е зголемување за 3,6 милијарди евра или за 3,4 пати повеќе во однос на 2008 година кога јавниот долг изнесувал 1,5 милијарди евра.
Со предлог-буџетот за 2019 година, Владата планира нови задолжувања. Проектираниот дефицит за 2019 година од 282 милиони евра, отплатата по основ на главница на надворешен долг во износ од 100 милиони евра и отплатата на домашен долг во износ од 167 милиони евра ќе се финансираат преку задолжување во странство и на домашниот пазар на државни хартии од вредност.
Отплатата на главница по основ на надворешен долг го вклучува редовното сервисирање на обврските по надворешниот долг додека отплатата на домашен долг ги опфаќа отплатите на државни обврзници и отплата на структурни обврзници.
„Со цел оптимизација на исплатите и намалување на ризикот за рефинансирање, основна заложба на Министерството за финансии ќе биде зголемување на рочноста на издадените хартии од вредност преку издавање на државни обврзници со подолги рочности. Задолжувањето во странство може да се реализира преку повлекување на средства од поволни кредити од странски финансиски институции наменети за финансирање на одделни проекти, како и преку заем за буџетско финансирање гарантиран од Светска банка. Покрај ова, се предвидува и зголемено акумулирање на депозити на буџетската сметка со цел редовно и навремено финансирање на обврските кои доспеваат на почетокот на 2020 година“, се вели во предлог-буџетот.
Европската банка за обнова и развој во својот најнов транзициски извештај 2018-2019 предупреди на понатамошен пораст на јавниот долг на Македонија како резултат на економските политики за субвенционирање на бизнисите како и зголемувањето на минималната плата.
„Нивото на јавниот долг е сé уште релативно скромнo, до 47 отсто од БДП, и во рамките на Мастришкиот критериум од 60 отсто од БДП, но постојано се зголемува во последниве години. Понатамошно зголемување на јавниот долг се очекува како резултат на мерките усвоени од страна на владата, вклучувајќи ги стимулациите за бизнисите и зголемувањето на минималната плата”, велат од ЕБОР.
Од друга страна, министерот за финансии, Драган Тевдовски, смета дека Владата успешно управува со јавниот долг.
„Работиме на стабилизирање на јавниот долг. Тоа го правиме со намалување на буџетскиот дефицит, кој и сега е намален. На крајот на 2018 година имавме проекција дека јавниот долг ќе биде 50 отсто од БДП, но во суштина тој е 48,2 отсто. Нашата проекција за следната година е 54,2 отсто, но наша проценка е дека тој ќе биде понизок“, изјави Тевдовски при презентацијата на предлог-буџетот за 2019 година.
Тој потенцира дека Владата успеала да ја забави динамиката на пораст на јавниот долг и дека обезбедува средства за негово финасирање по најниска цена.
Според него, 54,2 отсто од БДП е максималната проекција за пораст на јавниот долг и дека таа ќе зависи од реализацијата на капиталните проекти кај кои се очекува позабрзана реализација.
Извор: Мета