На отворањето на новиот Луна парк

23.11.2018 17:07
На отворањето на новиот Луна парк

Шест раскасчиња од книгата „Дедлајна, љубов моја!“

 

ПЕШАЧКА СТРУКТУРНО-КОНТРАСТНА СКОПСКА ПРИКАЗНА

Мразам облаци. Го сакам само нивниот одраз во постдождовните барички низ празните скопски улички.

Сакам облаци. Го мразам само нивниот одраз во постдождовните барички низ полните скопски улички.

 

ПРАЗНИК

Си нарачав пиво на шанк и барменот со криглата ми даде и мал сад полн со нелупени кикирики. Отпив една голтка и отворив една кикирика. Празна. Отворив друга. Празна. Сите беа празни. Цел сад со празни лушпи. Барем да имаа мали огледалца внатре.

 

ЗАШМРЉАНА ПРИКАЗНА

Една мастилава шмрља спие под мојот прозорец. Секое утро, кога им фрлам трошки од бајати цртежи на гладните птички, таа испушта мали мласчиња задоволни флеки и бега во непознат правец. Попладнињата и вечерите, кога на мачињата и кучињата им фрлам парчиња месо од мртвите слики, шмрљата ја нема, а на местото каде што обично спие – расте еден цвет со боја на мастило.

 

ИН ШПИРИТУС САНТИ

Зборовите внимателно ги ставаме во шише и ги полеваме со лута бела ракија. Ако се благи, ракијата губи од својата лутина; ако се горчливи, ракијата се фрла на стаорците и бубашвабите. Веднаш штом се потопат во алкохол, зборовите ја губат својата световна смисла и влегуваат во една сосем поинаква, духовна димензија: го опседнуваат пијачот и молат Бога да не ги пронајде озлогласениот прохибициски егзорцист.

 

ЗАПИС ОД 57-ка

Кучето на слепиот ја протна главата надвор од автобускиот прозорец и ги душкаше случувањата во градот за да му ги прераскаже на својот стопан пред легнување. Една млада металка (со два бас тапани на глава кои глумеа слушалки) го нишаше своето тело во ритамот на утрински дед метал, додека патниците очекуваа од ранецот да извади јаре и да го жртвува тука, пред нив. Автобусот е полн со пензионери кои решиле да се ослободат од сите свои приказни пред смртта да им ги украде и да му ги продаде на црно на Севишниот. Тротоарите назаинтересирано ги следат движењата на возилата и си свиркаат импровизирани молерски песни.

Скопје не е град на духови. Скопје е град-дух.

 

НА ОТВОРАЊЕТО НА НОВИОТ ЛУНА ПАРК

Едно саботно утро кое мирисало на свежо расцветан стиропор, детето Хендл истрчало кај детето Вивалди за да го покани на отворањето на новиот Луна парк во Скопје. Кога пристигнале, си купиле по 3 топки сладолед во дорски корнет и целодневна влезница, за да ги доживеат сите атракции што ги нуди паркот. За почеток, решиле да се качат на панорамата на која гордо стоела Ѕвездата од Кутлеш, од која ечеле детски рококо хитчиња. Следен бил тобоганот: брзо вовче кое ги возело децата низ историјата на Македонија. Зацрвенети од радост и пожолтени од кривулестите шини на тобоганот, децата здувнале кон стрелиштето. Вработените на стрелиштето биле облечени како фалангисти и ги учеле децата да фрлаат копје како вистински антички професионалци. „Колку ќе му биде криво на Бах што не го викнавме, ќе си ја изеде периката од мака!“, му рекол Хендл на Вивалди и такви насмеани влегле во семакедонскиот тунел на стравот и ужасот.

Оливера Ќорвезироска

Владимир Лукаш е еден од најнеобичните и најдаровити раскажувачи

(...) Владимир Лукаш има редок осет за архитектура на нарацијата, за сензибилизација на прозната слика со ефекти на заматување, нијансирање, контрастирање или, најчесто, измолкнување од очекуваното, поништување на она што тргнало да се кажува. Се отвораат и се затвораат измислици како стари замаглени прозорчиња или како модерни, лизгачки стаклени површини, вперени секогаш во една иста желба: раскажувајќи да се бега. Бегањето е романтизам напаѓан на оваа проза како прав, со две лица: еднаш се бега од сериозните традиционални наративни техники во смеа; другпат од смешните, несериозни во длабока, суштинска сериозност (од „Лактоза“ во „Татковна“, на пример). Зборовната игра е позната футрола на Лукаш, во која се потпикнати сите суштини, стравови, вистини, болки и (без)смисли на современото живеење. Таа не е (на)учена ниту стекната, туку е вродена имаментна стратегија за спас од очигледното во писмото. Исмевајќи го она што се гледа, Лукаш со нагли пресврти го подвлекува она што сака да ни го понуди како антибиографија. Играта за да биде целосно помамна, авторот пишува како да го заведува читателот, истовремено преправајќи се дека не забележува оти и тој е заведен. Од сопствениот текст.

Одамна имагинацијата во домашната книжевност немала вакво светкаво и свечено пакување. Особено не во олку куси форми – виртуозни блиц-крикови со ехо што сум наполно сигурна дека допрва ќе го слушаме сѐ погласно. Новата книга на Лукаш е совршена зборовна илузија дека сѐ ќе биде во ред со тешко разболениот свет и со зборовите зад коишто демнат чудовишта. И илузијата и зборовите никогаш самите не се чудовишни, туку меки и питоми како домашни миленичиња... или кадифени играчки што ги преживеале нашите и се подготвени за некои други детства.
Затоа што Владимир Лукаш е еден од најнеобичните и најдаровити раскажувачи во мигов; затоа што во неговата проза лириката и фантастиката се тркалаат на еден особен, напати и еротски начин; љубовта се карневализира во историски контексти и музички секвенци, а сликите се раскажуваат со ликовни потези (...).

дел од текстот „СЛАТКО ОД ВРЕМЕ“ (17.687) (за приказните на Владимир Лукаш кои седеа на тротоари и чекаа некој да се сети на нив)

Цртежи: Владимир Лукаш

ОкоБоли главаВицФото